Воспитување

Од што сум толку изморена?

Ние, жените, го носиме товарот на целиот свет на свој грб.

Вчера кружев со автомобилот околу соседството со децата, ги пцуев соседите кои ги зафатиле сите паркинг-места на улица, сето тоа додека врнеше дожд и додека се обидував да го паркирам автомобилот на едно слободно место. Безуспешно. Влегувајќи во станот, ги фрлив клучевите на масата и веднаш се фатив за готвење, да направам макарони за ручек, па изустив едно големо „толку сум изморена“ и автоматски почнав да се жалам. Вистина е дека пуштив една машина, малку поминав со правосмукалка, размислував за тоа да ги средам орманите, сварив една кеса макарони и направив брз сос од туна. Од што сум толку изморена? Во суштина, ништо не сум направила цел ден.

Живееме во ненормално време каде што инстинктот да ги заштитиме оние што ги сакаме и грижата за нив е поизострен и поинтензивен отколку во нормални ситуации. Се грижиме за домашните, родителите, пријателите, судбината на земјата, планетата, човештвото. Се грижиме за тоа како ќе ја истераме оваа учебна година со погледот веќе на големо вперен во иднината со грижа во срцето. Додајте на сето тоа работа, облека, играчки, сметки, готвење и доволно е да посакаш никогаш да не станеш од кревет. Изморена си и пред денот да ти почне. Меѓутоа, такви сме ние жените… кога плачеме, кога се грижиме, кога се плашиме… тоа го правиме од љубов.

Ние советуваме, ние слушаме, анализираме, охрабруваме, бодриме. Ние со сите сили се обидуваме да ја одржуваме нормалноста во ненормален свет, се обидуваме да бидеме силни, да им бидеме поддршка на другите, тогаш кога нам ни е најпотребна. За сето тоа е потребно многу енергија. М-Н-О-Г-У Е-Н-Е-Р-Г-И-Ј-А.

Ако си исцрпена, тоа не е затоа што си слаба или неспособна.

Ако си изморена, тоа не е поради недостиг на организација или планирање.

Тоа е затоа што твојот грб не е создаден да ги носи грижите на сите околу тебе. Тоа е затоа што иако си некому „сѐ“, сепак си само човек, само жена. Таквиот товар на крајот ќе те скрши и потоа никому нема да му бидеш од корист. Нема веќе ниту да постоиш. За промена, изговори го магичниот збор „не“, ако баш мораш, избери ги грижите за кои ќе се грижиш денес, свари кафе, свиткај се во фотелја и кажи си себеси: „Доволно правам. Доста е“.

Тоа не значи дека помалку ги сакаш другите, тоа значи дека малку повеќе се сакаш себеси.

Автор: Дора, мајка на 3 деца

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top