Децата секојдневно, како со родителите така и со мене како нивен психолог, споделуваат социјални случки кои им се случиле со врсниците или сведочеле на нив.
Во тој контекст понекогаш можам да забележам дека родителите реагираат преку:
„Моето дете не би го направило тоа“, веднаш го бранат детето без да проверат објективно.
Обвинуваат друго дете или наставник.
Го засрамуваат („Срам да ти е“).
Ова однесување на родителот го засилува избегнувањето на одговорноста кај детето. На тој начин не му помагате, туку му одмагате. Наместо тоа, соочите го и помогнете му на детето да разбере. На пример, прашувајте наместо да обвините:
Што се случи во таа ситуација?
Што мислиш дека почувствува другото дете?
Како би се чувствувал ти ако тоа ти се случеше тебе?
Што ти би сакал некој да направи за тебе во таа ситуација?
Како можеш да ја поправиш сега ситуацијата?
Што би направил поинаку следниот пат?
Што научи од оваа ситуација?
Имаше ли твоето однесување последица?
Во терапевтска и советодавна практика ние, психолозите, го нарекуваме тоа социјално учење и тренинг на извршни функции. Целта не е детето да се почувствува виновно, туку моќно да ја поправи ситуацијата.
НАЈВАЖНО Е ДА РАЗБЕРАТ: Сите правиме грешки, важно е што ќе направиме потоа.
Автор: м-р психолог Христина Стефановска