Воспитување

Од детство до адолесценција

Во детската психологија посебен фокус е ставен на психологијата на развојот на личноста од детство до адолесценцијата. Во овој текст ќе ставам посебен фокус на психоаналитичките теории за формирање на идентитетот во адолесценцијата слично на концептите на Ерик Ериксон и ќе ги проследам поделено во две клучни фази:

​Прва фаза: Силна и позитивна идентификација со родителите  (детство)

​Во раното детство родителите се целиот свет за детето. За да изгради здрава база на сигурност и самодоверба, детето мора да има позитивен модел за идентификација. Емоционална сигурност ќе биде присутна кога идентификацијата со мајката и таткото е силна и позитивна, детето ги „интернализира“ (ги прифаќа во себе) нивните вредности, морал, љубов и поддршка. Ова создава стабилно јадро на личноста, односно силно „его“. Зошто е важна оваа фаза во развојот на личноста? Ако оваа фаза изостане, најчесто ако родителите се отсутни, ладни или деструктивни, детето нема здрава основа врз која може да го гради сопствениот идентитет. Без тоа, адолесцентот подоцна нема сопствена цврста точка од која може да почне да се развива како независна единка.

​Втора фаза: Бунт против идентификацијата (адолесценција)

​Многу родители се плашат од бунтовноста на тинејџерите, иако од психолошка гледна точка бунтот е неопходен и здрав процес во создавање личносна автономија. Овде се развива процес на индивидуализација. Тоа значи дека за детето да стане „нова и самостојна личност“, тоа мора да се одвои (диференцира) од своите родители. Бунтот не значи нужно омраза; тоа е начин тинејџерот да каже: „Јас не сум само копија на моите родители, јас сум посебна личност со свои ставови, желби и размислувања.“ Во оваа фаза се јавува силнопреиспитување на авторитетот. Адолесцентот почнува да ги преиспитува вредностите што ги научил дома. Преку контрирање, тестирање на границите и градење сопствен стил, тој всушност го гради својот идентитет.

Ако бунтот се случи врз основа на здрава и силна приврзаност, адолесцентот поминува низ криза на идентитетот, но на крајот излегува како зрела, автономна и стабилна личност. По завршувањето на бунтот, младиот човек најчесто се враќа кон суштинските позитивни вредности на родителите, но сега ги прифаќа свесно и по сопствен избор, а не затоа што му се наметнати. Напротив, ако претходната идентификација била слаба или негативна, бунтот станува деструктивен, долготраен и често води кон долгорочна дезориентација или проблеми во однесувањето бидејќи младиот човек нема „сидро“ во себе.

​Личноста, всушност, се раѓа низ соживот на две спротивности, максимална блискост и љубов во детството, проследени со храброст за осамостојување и конструктивен конфликт во младоста.

Автор: м-р психолог Христина Стефановска

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top