Мили мали книгољупци…
Се надевам дека меѓу многуте желби што си ги посакавте на прагот од Новата година беше и тоа да прочитате повеќе книги од минатата, да си откриете нов суперхерој од приказните, да добиете повеќе книги на подарок и еден куп други книгозамисли.
А, зарем има попогоден момент за остварување на овие желби од распустот? Уште и ако надвор снежи… Па, ред санкање, ред читање, малку лизгање, малку сказнување, ваму снежна борба, таму книга добра…
Е, сето тоа ќе си беше баш фино и како од новогодишна честитка ако не забошотуваа облачињата. Што си замислуваат тие, дека е пролет?! Всушност, невидено нешто – каква зима е таа без снег?!
(Шеп, шеп, шеп)
Ахааа… Ете што била работата:
„Ох, каков скандал во училиштето за облаци!
Малите облачиња одбиваат да плачат!
Хи, хи, хи, протрчуваат по небото малечките облаци.
Ха, ха, ха, се бркаат насмеани со ветрот.
И така по цел ден и саноќ и ниту една капка, со денови!“

Директорот на училиштето, Големиот сив облак, едноставно не знае како да им објасни на ученичињата дека тоа им е работа. А тие пуфкасти смешковци, пак, не можат да поимаат како тоа можело да се плаче ако не си тажен?!?!
Хм… тешка задача… да се разбере во што е магијата на тој облачест плач!
Е па не можам подобро да ви објаснам, им рекол Големиот сив облак, од тоа што самите можете да го забележите. И кога ќе видат – што ќе видат. Цвеќиња со исушени устиња, жедната земја ја испила целата река и сега нема ни за кравичките, џуџестите јаболкца сакаат да пораснат, ама треба некој да ги полее…
Ох, колку тажни фацички, колку тажна глетка… И облачињата гргнале да плачат, па се отворил нов проблем. Не можат да престанат. Оф, мори мајко, загрижен е Големиот сив облак. Запрете сега малку, инаку го удавивме светот, им рекол.
Пак ништо не им е јасно… Да плачат или да не плачат сега?!
И туку одеднаш: Фуууууууууу уууу… Од каде сега овој студ? Брррр… Му прекипело на Северниот ветер и сакал малку да ги натера облачињата да размислуваат како возрасни облаци, зашто инаку ќе бидат повторувачи во училиште…
Сакам да кажам, белки наскоро ќе се радуваме на малку подолг престој на снежето. Белки облачињата ја научија лекцијата: дека имаат волшебна моќ да ја оживуваат природата напролет и налето и да ја заштитуваат земјата наесен и назима. И притоа, да носат неизмерна радост на целиот жив свет под нив.
А вие, трк да ги добоите страниците во книгата „Облачињата кои не сакаа да плачат“ и да видите како завршува оваа приказна.



912

X