Како мајка на две деца, знам дека не сум единствената која често посетува домашни и странски веб-страници за воспитување, со задоволство ги слушам и читам советите од педагози и психолози и дознавам многу за образованието и воспитувањето, за да разберам некои ситуации и однесувања на моите деца и да бидам подготвена да одговорам на нив на вистински начин.
Сепак, не сите совети се универзални и не секој треба и може да го примени сето она што ќе го прочита. Откако многу размислував за тоа што би можела да направам поинаку, ја креирав мојата листа со новогодишни одлуки за 2024 година во врска со она што сакам да променам како родител.
И навистина ќе се обидам да го направам тоа.
Ќе бидам повеќе „офлајн“.
Ќе го оставам телефонот, лаптопот и ќе го исклучам телевизорот, барем два часа од моментот кога ќе се собереме сите по градинка и работа. Ќе разговараме, ќе подготвиме вечера, ќе ја поставиме масата, ќе ги оставиме садовите… и сето тоа – заедно! За овие шест години сфатив дека времето никогаш не минува толку брзо како кога имаш мали деца. И тие растат толку брзо, што секој момент поминат со нив е скапоцен.
Мајка и сопруга.
Исто така си ветувам дека нема да ја фокусирам целата моја енергија само на тоа да бидам добра мајка, туку и на негувањето и заштитата на мојот брак. На овој начин, на децата ќе им дадам пример за здрава партнерска врска, исполнета со љубов и почит и ќе им помогнам да се чувствуваат безбедно, самоуверено и сакано.
Ќе слушам повеќе, а помалку ќе зборувам.
„Што мислиш? Како се чувствуваш? Раскажи ми за тоа. Што мислите дека треба да правиме?“ Ова се прашања кои ќе се обидам почесто да им ги поставувам на моите деца наместо да држам лекции кои станаа навика за сите родители.
Ќе ја игнорирам правосмукалката. Ќе трошам помалку време на чистење, а повеќе време на играње! Децата нема да се сеќаваат дали куќата била секогаш совршено чиста, но ќе се сеќаваат како сме се забавувале и уживале заедно.
Ќе легнам до нив и ќе им читам приказна СЕКОЈА вечер.
Без разлика колку години има вашето дете, одвојте време да читате приказна, да разговарате и да го носите в кревет секоја вечер. Тоа што сте таму на крајот од секој ден е нивното безбедно засолниште, тоа е нивното чувство дека сѐ е во ред и дека секогаш ќе го имаат својот половина час со вас, кога ќе можат да ти кажат сѐ што им е на ум и на срце. Сите знаеме колку е лесно да се прескокне оваа рутина, секогаш сме во трка со обврски и време, но решив да си обезбедам по една рунда гушкање пред спиење со моите деца секоја вечер. А валканите садови нека чекаат. Доколку е потребно, до утрото.
Ќе ги споделам обврските.
Милион пати ми е полесно да ги средам креветите сама отколку да ги замолам децата да го направат тоа. Доделувањето обврски и потсетувањето на децата кои се нивните обврски во куќата доаѓа како уште една дополнителна работа. И не многу мала. Но, ќе се обидам да бидам упорна бидејќи верувам дека прашање на време е кога тоа што им е дадено како задача ќе им стане навика.

Помалку ќе викам.
Кога децата ќе ги потрошат сите резерви на моите нерви, ќе го избегнам стресот и ќе се трудам да не ја „загризам мамката“. Ќе се обидам да се смирам пред да реагирам за да пристапам со што помал гнев и што повеќе разум.
Ќе поминуваме повеќе време заедно како семејство.
Почесто ќе вечераме заедно (со исклучен телевизор). А потоа ќе одиме на прошетка заедно. Или ќе гледаме цртан филм заедно. Или ќе одиме заедно во музеј. Ќе се трудам секоја недела да организирам барем една заедничка вечер. Можеби еден ден тоа ќе биде традиција што ќе ја паметат. Ќе блескам кога ќе ги видам. Дали вашето лице свети кога вашето дете влегува во собата? Кога ќе се вратите од работа и ќе го видите вашето дете или кога ќе го земете од градинка, дали на вашето лице се гледа колку ви недостигало и колку сте среќни што го гледате? Не пропуштајте да им го покажете тоа на децата, малку се подароците кои можат на тој начин да ги израдуваат.
Автор: А. Цвјетиќ