Во 2016 година Анџали Гупта и нејзиниот сопруг се возеле 17 часа од градот Бангалоре до Пандхарпур во соседната држава Махарашатра за да го донесат дома своето посвоено синче. По една година чекање, семејството Гупта било запознаено со 8-месечното бебе преку механизам за дигитално посвојување, што Индија го практикува за олеснување на процесите. Но, ништо не го подготвило семејството за хоророт што следувал.

Набрзо, тогаш 40-годишната жена (чие име е променето за зачувување на нејзината приватност), била информирана дека сè уште не може да го посвои момчето. Тој бил „доказ“ за наводен случај на силување, кој го води неговата биолошка мајка против таткото. По три месеци, без знаци за договор во случајот, таа одлучила да го врати детето во агенцијата за посвојување, загрижена дека го задржува без целосно легално право, а и била исплашена поради траумата што би ја претрпеле ако треба да го врати назад кога синот ќе биде поголем.

Околностите на Гупта се одраз на еден алармантен тренд. Податоците собрани од активисти во 2019 година преку законот за право на информација во Индија откриваат дека во изминатите 2 години 275 деца биле „вратени“ од страна на родителите на системот за посвојување. Тоа се 5 отсто од децата што се посвоени во тој период. Додека владините податоци за неуспешните посвојувања пред 2017 години не се достапни, експертите и ветераните велат дека нема повеќе од 5 вакви случаи секоја година. Многу од нив вината ја гледаат во дигитализацијата и централизацијата на системот за посвојување во една комплексна нација како Индија. „Бројот на неуспешни посвојувања е многу, многу помал во споредба со сега“, вели Алома Лабо, консултант за посвојување – волонтер и поранешен директор на „КАРА“ – регулациско тело за процесите на посвојување во Индија. „Новиот систем доживеа пораз. Недостига човечка поврзаност“.

Новиот систем е поставен во 2015 година, со цел да се зголеми транспарентноста и да се намали корупцијата. Онлајн-портал им дава пристап на родителите што сакаат да посвојат дете до централизирана листа со деца достапни за посвојување низ Индија и ги поставува на националната листа за чекање. Претходно овие родители можеа да посетуваат индивидуални агенции за посвојување, а тоа претежно овозможуваше барање на детето во регионот, во поголем дел деца од градски подрачја. Сега, родителите како Гупта може да бидат споени со деца кои се оддалечени многу километри, особено оние во руралните средини, каде што децата имаат многу помали шанси да бидат посвоени. Претходно, исто така, родителите требало директно да се справуваат со специјализираната агенција за посвојување, но сега самата агенција ги координира документите за процесот.

Експертите велат дека на тој начин се зголемува потенцијалот за неусогласеност. Претходно претставниците на агенциите каде што беше детето – кои ги разбираат неговите потреби – биле одговорни за посета на потенцијалните родители и подготвувале извештај за тоа дали одговараат за одредено дете. Во извештајот влегувала и евалуација на мотивите на родителите за посвојувањето, како и нивната ментална и финансиска стабилност. Сега оваа задача ја завршуваат локалните работници од централната посвојувачка асоцијација – кои не го познаваат детето.

Тоа што нема директна интеракција со детето е пречка и за родителите. Агенцијата е таа што треба да ги обезбеди сите информации и медицински детали за детето, со цел да им се помогне на родителите, а и на детето во однос на приспособувањето на новиот живот. Тоа е особено важно со постарите деца.

Ананд Чајнапан, директорот на „Шишу Мандир“, организација со сопствена метода за посвојување, вели дека новиот систем е сличен на „онлајн-купување“. „Кога ќе се поврзат родителите со детето, тие може да го прифатат или одбијат детето само ако кликнат на копче, без воопшто и да го видат детето“, вели тој. Родителите треба да го земат детето дома по 3 недели откако биле споени со него – и мора да го одржуваат одобрувањето од окружниот службеник за заштита на деца. Тоа остава малку или воопшто време за родителите да стапат во интеракција со детето, особено ако живеат во друг регион“, додава Чајнапан.

За постарите деца, посвојувањето е често трауматско одвојување од нивните заштитници и пријатели во институцијата. Ако бидат вратени, тогаш доживуваат дупла траума. „Веќе изгубиле едно семејство, па потоа губат уште едно“, вели Лорејн Кампос, асистент-директор на сиропиталиштето „Пална“ во Њу Делхи. „Децата престануваат да веруваат дека некој може и сака да се грижи за нив“.

Особено се ранливи децата со посебни потреби –  секое четврто такво дете е вратено. Исто така, многу од родителите со избрзана одлука избираат дете, бидејќи се нетрпеливи да го добијат што побрзо. Мислат дека можат да се справат со околностите на детето, но не знаат.

Експертите велат дека подобро елаборирање на советодавниот дел,  создавање врска и интеракција помеѓу родителите и децата ќе помогнат да се намали бројот на вратени деца. Индија, исто така, има недостиг на професионалци за ментално здравје, чија специјалност е посвојувањето деца. А искуството на Гупта е премногу болно за неа за да се обиде да посвои дете повторно. „Се грижев за моето синче и ми значеше. Го бањав и му зборував. Сега никогаш нема да знам каде е и како е“ – вели таа.

Автор: Пајал Мохта

Извор



912

X