Лидија Зорба, магистер по психолошки науки

Лидија Зорба, магистер по психолошки науки

Повеќе од авторот

За децата, дури и за повозрасните, најважно е да се чувствуваат безбедно и сакано

И покрај многуте можности младите брачни двојки добро да се информираат за значењето на бракот и брачната заедница, како и можностите за поддршка во кризните ситуации во бракот, бројот на разводи во Македонија е во постојан пораст. И покрај тоа што луѓето подоцна стапуваат во брак и имаат повеќе предбрачни искуства, самостојно донесуваат одлука за раѓање на децата, сепак, се чини дека тоа не е доволно за да живеат така како што сакаат и се разведуваат.

Разводите на браковите во кои нема деца минуваат релативно брзо и, и покрај извесни трауми, разведените полесно наоѓаат нов партнер/ка. Особено мажите, кои во нашата средина вообичаено ги оставаат децата под старателство на мајката, која го презема најголемиот дел од обврските на дневна основа. Тие побрзо и полесно наоѓаат нова партнерка или сопруга и полесно се решаваат да формираат ново семејство. Жените, пак, прeокупирани со обврските околу децата, многу потешко се решаваат да го продолжат животот со нов партнер или сопруг. Освен обврските околу децата, тие често пати не наоѓаат разбирање кај мажите за нивната улога како мајка, но исто така често пати и децата (особено ако се повозрасни) не наоѓаат разбирање за партнерот на нивната мајка или партнерката на нивниот татко.

Често се случува децата свесно да ги саботираат новите врски на нивните разведени родители или, пак, да вршат притисок врз родителите да не влегуваат во нови врски или брак.
Ова може да биде сериозен проблем ако и двајцата партнери имаат деца од претходните бракови. Во многу случаи, дури и партнери што сериозно се заинтересирани еден за друг и немаат други пречки да останат заедно, се разделуваат затоа што нивните деца не го прифаќаат новиот партнер. Децата во вакви ситуации може да се чувствуваат напуштени, навредени, повредени, да се солидаризираат со другиот родител кој нема партнер, да прават емоционални уцени или да покажуваат други однесувања со кои директно или индиректно ќе покажат дека не сакаат нивниот родител да има друг партнер.

За да бидат избегнати вакви ситуации, кои се трауматски и за децата и за родителите, но и за новиот партнер, најдобро е веднаш по разводот на децата да им се каже отворено дека е сосема нормално нивните родители да имаат други партнери во животот. Тоа треба да биде кажано внимателно, со почитување на чувствата на детето, но и со став дека детето нема право да го лимитира родителот во можноста да има нов партнер или во изборот на новиот партнер. Притоа, доколку еден или и двајцата разведени родители имаат нови партнери, не треба да дозволат детето да се почувствува помалку сакано и почитувано поради новата ситуација. Притоа, не треба да се инсистира детето да го запознава новиот партнер веднаш или да се бара од него да минува време со родителот и неговиот нов партнер на начин на кој не сака.

Од голема помош во вакви ситуации е ако му се покаже на детето дека неговите родители и покрај тоа што се разведени и еден од нив или и двајцата имаат нови партнери, сепак, комуницираат културно, со почитување и заедничка грижа за него. Се разбира, ова не е лесно, но родителите што успеваат да изградат пријателски однос и по разводот придонесуваат кон тоа нивното дете да живее поздраво и поспокојно, без стравувања дека ќе биде напуштено.

Друга важна работа е што разведените родители не треба да кажуваат грди работи едни за други, да се навредуваат и омаловажуваат меѓу себе, да си ги озборуваат новите партнери и сл., особено не пред децата.

За децата, дури и за повозрасните, најважно е да се чувствуваат безбедно и сакано. Ако родителите успеат да ги негуваат овие чувства кај децата, дури и покрај развод и одвоен живот ќе им овозможат на децата здрав емоционален развој и тие полесно ќе прифатат дека без разлика на новите животни патишта и насоки, нивните родители ќе останат нивни родители.

Во спротивно, многу деца се чувствуваат исплашено, напнато или развиваат невротски симптоми, го отфрлаат родителот што почнал нова врска, го обвинуваат новиот партнер или се однесуваат бунтовно. Во вакви случаи добро е родителите да побараат совети од психолози што е можно поскоро за да се превенираат долгорочни стресни ситуации кои може да се појават како резултат на чувството на отфрленост, несаканост и несигурност.



912

X