Во 60-тите години од 20 век Борис и Лена Никитин, кои имале многу деца, станале славни во тогашниот СССР. Своите седум деца семејството Никитин ги воспитувало според својот сопствен систем за ран развој, кој бил доста чуден за тоа време. Тие напишале многу книги за нивното искуство, за нив се правеле филмови, а логичките табли и загатки што ги измислиле биле многу барани. Сепак, принципите по кои семејството ги воспитувало своите деца постојано наидувале на осуди.

Како почнало сѐ?

Инженерот по воздухопловство Борис Никитин не се согласувал со методите на воспитување на младите во СССР. Се заинтересирал за педагогијата и во 50-тите години се обидел да отвори свое училиште, но властите му забраниле. На семинар за педагогија ја запознал својата идна сопруга Лена. Борис бил постар четиринаесет години, но сличните погледи на животот и заедничките интереси – педагогијата, уметноста, училишниот систем – го направиле своето.

Се чини дека „училиштето на иднината“ што властите не му дозволиле да го отвори го создале во своето семејство. Синот Алексеј се родил во 1959 година, потоа во 1960 година – Антон, во 1962 година – Олга, во 1964 година – Ана, во 1966 година – Јулија, во 1969 година – Иван, и најмладата Љуба, во 1971 година.

Како експериментирале со децата?

Борис и Лена биле сосема сигурни во една работа: детето ќе се развива физички и ментално само – сѐ што е потребно е да се создадат услови што ќе го поттикнуваат на тоа.

Не е работата на родителите да го тераат, туку да го насочуваат. И да се радуваат на успехот и да го поддржуваат, но, исто така, да не го заштитуваат претерано за да не им ја задушат самостојноста.

Поттикнувањето на способностите треба да започне што е можно порано. Ако на детето не му се даде оваа можност, неговите таленти на крајот ќе згаснат и  животот ќе му биде здодевен.

Следниве принципи Борис и Лена ги сметале за свои пронајдоци:

– Здравје и физички развој: околината не треба да биде стерилна, челичење и гимнастика уште од детството, лесна облека, едноставна исхрана без прејадување, вежбање дома. Сопружниците ја направиле спортската опрема дел од домашната атмосфера, така што задоволството на движење и физичка активност лесно станале животни навики на децата.

– Емоционален развој: доење од првите минути од животот и секогаш кога детето го бара тоа, чест физички контакт со мама и тато, заедничко спиење, можност за истражување на светот без непотребни ограничувања, разни заеднички активности со родителите, насочување да им помагаат на другите.

– Интелектуален развој: богато „развојно опкружување“, броење, букви, читање, мапи, загатки и специјални игри што ги смислиле родителите. Целта на игрите била развивање на аналитичките и креативните способности во согласност со интересите на децата. Децата никогаш не биле принудени да се занимаваат со нив.

– Креативен развој: семејството ја поддржувало креативноста во сите свои форми, како и нестандардни решенија и откритија.

Зошто почнале да ги осудуваат и да ги прогонуваат?

Денеска овие принципи изгледаат природни, но во тоа време роднините и јавноста биле огорчени. Многумина мислеле дека семејството ги става во опасност децата, дека ги лишува од детството и се изживува со нив. Најголем отпор предизвикало челичењето, раното читање и самостојноста на децата. Сопружниците морале да го бранат своето право да ги одгледуваат своите деца онака како што сметале дека треба.

Децата поретко се разболувале од другите деца, растеле самостојно и биле љубопитни, на возраст од три години знаеле да читаат, а на четири години решавале едноставни равенки.

И сето ова затоа што не криеле дека вежбаат гимнастика со бебињата, дека трчаат со децата по снег, дека ги челичат со студена вода и дека им дозволуваат да им помагаат на возрасните во сите работи. На пример, момчињата уште на три години успеале да си направат играчки со помош на чекан и пила. И, се разбира, си играле според нивните методи.

Резултатите од нивниот пристап ги инспирирале сопружниците и ги увериле дека се во право. Децата поретко се разболувале од другите деца, растеле самостојно и биле љубопитни, на возраст од три години знаеле да читаат, а на четири години решавале едноставни равенки. Отишле на училиште порано, лесно го совладувале материјалот, ги прескокнувале одделенијата.

Во 1965 година бил снимен првиот филм за семејството наречен „Дали сме во право?“, во кој тие зборувале за нивните искуства и можности.

Со текот на времето тие признале дека направиле и грешки

На прашањето дали се обидуваат да направат „вундеркид“ од своите деца, Лена и Борис секогаш одговарале негативно. Тие рекле дека тоа не е „ран развој“, туку навремен и дека на овој начин секое дете ќе стане паметна, независна, креативна личност која ќе се пронајде себеси во животот. Меѓутоа, кога децата пораснале, Лена и Борис признале дека не успеале сѐ да помине без сериозни грешки.

Како прво, семејството буквално живеело како под лупа. Семејството било под постојан надзор од непознатиот свет и од нивните противници. Кога пораснале, децата зборувале за тоа дека не се чувствувале заштитени од приказни и интриги. Телевизијата, новинарите, педагозите, докторите, соседите и соучениците – сите постојано дискутирале и го осудувале животот на нивното семејство.

Од друга страна, животот на децата најмногу се одвивал во домот. Тие не оделе во градинка и секогаш биле најмлади во училиште, па не било лесно да се најде заеднички јазик со врсниците. Во исто време, вратите на нивната куќа биле постојано отворени за разни гости, пријатели и истомисленици.

Борис и Лена често патувале низ целата земја, држеле предавања, пишувале книги, гостувале на телевизија. Имало моменти кога на децата им фалела емотивна љубов. Но, секогаш во семејството постоела атмосфера на љубов, родителите со сите постапувале љубезно и без предрасуди и успеале да ги надминат тешкотиите.

Фактот дека во детството лесно се стекнале со сите знаења и вештини, на некои од децата им создало илузија дека и во иднина сѐ ќе научат преку игра и не биле навикнати на строга дисциплина. Затоа, стекнувањето знаење што веќе не можеле да го добијат во семејството одело потешко. На пример, во подоцнежните години ќерката Јулија сфатила дека мора да го учи и она што не го сака. Во исто време, сите деца тврдат дека нивните детски навики да бараат нестандардни решенија им помогнале многу во нивниот професионален живот.

Сите седум деца пораснале во креативни и образовани луѓе задоволни од својот живот. Сите се меѓусебно поврзани, честопати се дружат и разговараат со топлина и голема почит кон нивните родители. Дел од искуството на нивните родители и самите го применуваат. Благодарение на нивните заложби, повторно се објавуваат книгите на нивните родители и развојните игри. Сепак, тие ја штитат приватноста на своите семејства од новинарите и љубопитните. Ниту еден од внуците не тргнал на училиште пред време.

Кои се денеска децата на Борис и Лена?

– Најстариот син Алексеј живее во Лондон. Тој е професор по физика и работи како консултант за развој на електроника. Оженет е, има две деца.
– Антон дипломирал на одделот за хемија на Државниот универзитет во Москва. Бил на високи позиции во производниот сектор. Антон има две деца и четири внуци.
– Олга дипломирала на Правниот факултет „Ломоносов“. Работела на високи позиции во големи компании. Има две ќерки и три внучиња.
– Ана завршила медицинска школа. Таа е мајка на четири деца и четири внуци. По професија е дула (сертифицирана асистентка која овозможува индивидуално подготвување за уникатно искуство при породувањето).
– Јулија е новинарка. Дипломирала на Државниот институт за култура во Москва. Има две ќерки.
– Иван дипломирал во областа на радио и телевизиското емитување. Тој и неговата сопруга имаат пет деца.
– Љуба дипломирала библиотекарство. Таа работела само три години, а потоа станала домаќинка. И таа е мајка вредна за восхит: има десет деца и две внучиња.

Четири семејства живеат во Подмосковје, во домови во близина на стариот родителски дом. Децата, внуците и правнуците честопати се собираат на семејни прослави и редовно организираат отворени фестивали за семејството.

Семејството има веб-страница со информации за нивниот живот, нивниот систем на воспитување, книги и филмови за нивните родители. Нивниот образовен систем е признаен во Русија, Германија, Јапонија, Америка и други земји.

Извор: Adme.ru | Detinjarije.com



912

X