Додека уште како трудница се подготвував за своето прво дете и во манир на вистинска „бубалица“ деноноќно бев со главата меѓу книгите за породување, мајчинство, воспитување и нега на деца, ми требаше некој да ми стави рака на рамо и да ми каже – смири се, она најважното го имаш во себе. Тоа е она што денес често им го велам на своите пријателки и познајнички кои се на пат да станат мајки.
Многу малку од сето она што го прочитав во тоа лудило во кое бев повеќе налик на студентка пред испит отколку на жена пред породување, ми остана меморирано во главата. Сега да ме прашате што било од тој материјал, тешко дека би извлекла оценка за поминување. Од друга страна, да ме прашате за искуствата собрани во овие десетина месеци мајчинство, од кое било поле за нега и грижа за детето, би можела и книга да напишам без да трепнам… И навистина, она што се покажа како најголема вистина е дека повеќето од она што на детето му е потребно ние веќе го носиме во себе.
Љубов, внимание, нежност, некоја вродена грижа и она што е најважно – чувство за сопственото дете. Велат дека кога ќе се роди детето, се раѓа и мајката, а јас се колнам дека мајките имаат некоја супермоќ, суперинтуиција и уште многу други суперлативи кои се тешки за објаснување, но и тоа како реални.
Пред неколку месеци во недела попладне со детето барав дежурен педијатар во Загреб и тешко дека сега би знаела да објаснам зошто не чекав до понеделник наутро и зошто добро расположеното и задоволно дете, без температура, само со некоја необична кашлица, во недела го влечкав по болници, но ете го правев тоа. Едноставно ме мачеше и интуицијата ми велеше дека треба да одам на лекар. Не подоцна, не утре, туку баш таа недела попладне. „Браво, мајко, сте дошле навреме. Добро сте ја послушале својата интуиција“, ми рече докторката по прегледот без да ѝ кажам воопшто за своето двоумење, како едноставно да ми ги прочитала мислите и додаде: „Подобро некогаш да се реагира кога нема ништо отколку да не се реагира кога има нешто.“ Една малечка, мудра, неочекувана лекција од една искусна лекарка педијатар, која знае како да си ја работи својата работа. Воедно и реченица која секој педијатар би требало да му ја каже на секој родител. Бидејќи ние, мајките, често се прашуваме дали сме луди, претерано загрижени, дали нѐ мами чувството, дали претеруваме во своите реакции и акции…

Секојпат пред да го земам телефонот в раце и да упатам повик кон педијатарот, ми поминуваат сите тие мисли, двоумења низ главата, колку и да се прекрасни педијатрите на моето дете, полни со разбирање и секогаш подготвени за соработка. Неретко се консултирам и со сопругот, сестра ми, пријателките или некои петти лица со кои вербализирам и ја изложувам целата ситуација во потрага за одобрување, потврда и зелено светло за да направам чекор понатаму во тој процес. Да, ние мајките некогаш самите си ја повлекуваме кочницата во страв од „претерана реакција“, бидејќи ни е тешко да заклучиме каде престанува љубовта, а почнува разумот, каде е границата помеѓу нашите претерани грижи што неминовно доаѓаат во пакет со мајчинството и реалноста. Но, факт е дека никој нема такво чувство и интуиција за вашето дете освен вие самите. Вистина, не сме сите лекари, физијатри, логопеди, воспитувачи, сите тие луѓе треба да ги оставите да си ја вршат својата работа и да им верувате, но ние сме родители и го знаеме своето дете подобро од кого било, па согласно со тоа први препознаваме кога нешто не е во ред. Како што би рекла една искусна мајка која ја познавам: „Сто лекари не би му го нашле на детето она што мајката со еден поглед го скенира.“
Со должна почит кон сите, а најмногу до лекарите, тоа е навистина вистина. И во секој процес на санација и решавање проблеми, оној родителски чекор и натаму останува прв и од огромна важност. Имајте го тоа на ум пред секоја ваша следна акција кога ќе се двоумите. Нека ви остане некаде меморирана онаа реченица од горе споменатата лекарка педијатар. „Подобро некогаш да се реагира кога не е ништо отколку да не се реагира еднаш кога е нешто.“ Верувајте си себеси и на своето чувство и обидете се да ја замолчите грижата околу тоа кој што ќе рече и мисли, бидејќи милион пати се покажало точно и уште безброј пати ќе се покаже и утврди – мајката знае најдобро.
Автор: Нина Слишковиќ