Организиравме ден за играње во нашиот дом заедно со уште неколку мајки и нивните деца. Разговаравме со часови, паузиравме за ужина и бришење на носињата на нашите деца. Во еден момент децата глумеа дека се на чајанка. Мојата пријателка се насмеа, се наведна до увото на моето дете и го праша: „Може ли да ти кажам една тајна?“ Продолжи да му шепоти на моето дете, а тоа се смееше со радосен израз на лицето. Се разбира дека само се шегуваа и уживаа во играта. Сепак, не можам да го надминам фактот дека мојата пријателка смета оти тајните се безбедни, соодветни и наменети за „глупирање“ – како дел од една нормална интеракција помеѓу возрасно лице и дете.
Кога со моите браќа и сестри бевме деца, мајка ми нè подготвуваше за „опасност од непознати“ – тоа беше така во 80-тите. Имавме фраза која претставуваше код, а секој возрасен што нè земаше од училиште кога мајка ми не можеше, требаше да го каже тој безбедносен код. Ни беше кажано дека нашите тела ни припаѓаат нам. Ако некој возрасен некогаш нè замоли да чуваме тајна, ние секогаш треба да им кажеме на родителите. Мајка ми исто така ни потенцираше дека никогаш нема да западнеме во неволја ако ја кажуваме вистината.
Детски лаги. Кажи ми ја вистината, па ќе те казнам
Дали тајните се „голема работа“? Па, и да и не. Понекогаш кога некој кажува тајна, тоа не е нешто срамно, приватно или несоодветно. Често се работи за детска драма или озборување во светот на возрасните. Сепак, не верувам дека моите деца можат секогаш да ја разберат разликата – особено не помалите кои сè уште не се развиле до тој степен на свесност. Ги научив моите 4 деца дека тајните не се во ред бидејќи тие сè уште се малечки. Ова особено важи кога возрасните им велат да им ја „чуваат тајната“ или кога ќе прашаат: „Дали мојата тајна е безбедна со тебе?“ Возрасниот човек никогаш не треба да му каже на детето нешто за кое треба да се молчи. Сепак, ова се проширува и на врсниците, кои меѓусебно споделуваат приватни информации за кои инсистираат да се молчи.
Во основно училиште една од моите најдобри другарки ми кажа тајна. Претходното лето нејзиниот очув ја галел под ќебе на каучот во нивната дневна соба, постојано допирајќи ја во пределот на градите. Ми кажа дека ѝ било непријатно, но не сакала да ѝ каже на мајка си. Што ако западне во неволја? Можеби тој само бил пријателски настроен? Тогаш не знаев дека за сето тоа има назив – сексуална злоупотреба. Тајните секогаш се товар за жртвата – за лицето кое дознава за тајната и се заколнало дека нема да ја сподели со никој друг. Во мојот случај, одлучив да не им кажувам на родителите – не бев сигурна што ќе биде нивниот одговор – и жалам за таа одлука до ден-денес. Поради овој важен инцидент, ги предупредив моите деца дека ако некој чувствува потреба да им каже некоја информација и ги преколнува да не ја споделуваат, тогаш се подигнува црвеното знаме за аларм. Тоа е дефинитивно нешто што треба да биде споделено со возрасно лице. Сепак, има еден збор кој дозволувам моето семејство да го користи, а тоа е – изненадување. На пример, кога подготвуваме забава-изненадување за роденден за некој од моите роднини. Тоа е убав гест кој не треба да се уништи така што ќе му се каже изненадувањето на славеникот. Изненадувањето е во ред бидејќи доаѓа од мама и тато – две безбедни лица и е нешто што е поврзано со радост и славење. Друго изненадување би било да се знае што има спакувано во подароците под елката, а да се донесе свесна одлука да не се уништува изненадувањето така што ќе му се каже на тој што треба да добие подарок.
Ги предупредивме нашите деца дека изненадувања може да бидат малку на број. Тоа се само одредени околности. Другите случаи се информации кои треба да се споделат со возрасно лице од доверба колку што е можно побрзо. Важно е да ги учиме нашите деца за свесноста од опасностите, на пример, трговијата со луѓе, видеоигрите и безбедноста на социјалните медиуми. Поради можноста за анонимност, некој може да се претставува како нешто што не е – застрашувачка реалност. Меѓу овие многу важни разговори треба да го вклучиме и правењето разлика помеѓу тајните и изненадувањата. Дискусијата треба да ги надмине стравот и срамот, а родителите треба да ја потенцираат важноста на безбедноста – вклучително и емоционалната безбедност, над сè.
Ако од детето ја сакате вистината, немојте да го лажете
Нашите деца знаат дека без разлика колку некој ги моли да чуваат одредена информација, или им се закануваат ако ја споделат – нивна е одговорноста да ни кажат за потоа ние да им помогнеме во преземањето на следниот чекор. Во зависност од ситуацијата, можно е и да не направиме ништо. Можеби ќе ни требаат повеќе информации. Или, можно е крајниот резултат да биде сериозна тајна која бара ангажираност од возрасни лица. Има многу можности, а ниедна од нив не треба да вклучува казни за децата што ја споделиле тајната.
Познавам родители што сметаат дека ова е претерана реакција. Сепак, јас ќе се држам до идејата дека е подобро да се спречи отколку да се лечи. Која ќе биде штетата ако ја дознаат „тајната“ што децата ја споделиле меѓусебно како резултат на нивната игра? Подобро е да бидам човек од доверба за нив отколку родител кој не е вклучен во ништо.
Автор: Рејчел Гарлингхаус