Сакам моите деца што помалку да страдаат и да бидат прифатени во општеството. Да бидат задоволни и да го најдат својот мир во овој непредвидлив свет.

Никогаш не сум била мајка што во паркот зборува за детски колички. Сепак, многу ми е важно како се чувствуваат моите деца и какви луѓе ќе станат.
Сакам моите деца што помалку да страдаат и да бидат прифатени во општеството. Да бидат задоволни и да го пронајдат својот мир во овој непредвидлив свет. Мислам дека е важно да го знаат следново:

1. Сосема е во ред да бидете чесни и вредни

Во ваква земја. Со толку многу сомнителни приказни и совети „гледај се само себеси“. Тоа навистина го мислам.
Пред 100 години на „Бибиси прајм“ гледав серијал за воспитувањето во Британија. Семејствата беа од различни општествени слоеви, разведени, будисти итн. Сите родители се трудеа да ги воспитуваат децата да бидат вредни и чесни луѓе.
Гледајќи од Србија, оваа приказна ми изгледаше многу наивна.
Сега знам дека беа во право.
Може да мамите и да грабате за да успеете. Верувам дека така никогаш нема да стигнете до благосостојба. На тие што почнале од нула и стекнале богатство, никогаш не им е доста. Постојано се незадоволни, секогаш некој „работи против нив“. Никогаш немаат мир. Човек во размислувањата поаѓа од себе.
Утеха во ова лудило без квалитетен систем на вредности е да работите за себе, на себе. Да имате некое свое прибежиште, нешто што ќе ве интересира. Јас се чувствувам добро кога им давам на другите и кога учам нови работи. Така сум позадоволна и поспокојна.

2. Треба да рециклирате иако пред зграда немате 4 засебни контејнери

Не е некаков голем напор. Хартијата ја собирате во една кеса, која потоа ја закачувате на контејнерот. Таа нема да заврши на депонија, а вие ќе му помогнете некому кој чесно си заработува. Пластичните шишиња собирајте ги во друга кеса и исто така оставете ги покрај кантата. Кесите не заземаат многу простор, може да ги чувате покрај кантата на ѓубре или во шпајзот.

3. Навикнете се на своите лоши чувства

Данците со години се најсреќните луѓе во светот, како што тврдат статистиките. А не Американците со својот култ на насмевки.
Значи, Данците.
Тие на своите деца им читаат бајки. Многу од нив ги знаеме во зашеќерената верзија на Дизни. Во оригинал, бајките на Андерсен и на другите дански писатели обработуваат мрачни теми и често имаат трагичен крај.
Родителите им ги читаат на децата, а потоа заедно разговараат за чувствата. Ги учат дека негативните емоции се составен дел од животот, а не нешто од кое треба да се бега. Децата исто така сфаќаат дека секој си има своја мака. Родителите ги учат на благодарност. Така малото дете израснува во реалистичен човек кој подобро се познава себеси и ќе може добро да се носи со своите лоши чувства. Ќе знае да ги препознае емоциите кај друг човек и да сочувствува со него. На овој начин личноста се чувствува посреќна и помалку осамена.
Моите деца имаат три години. Почнавме да ја читаме книгата „На Јоци ѝ умре птичката“. Учиме за смртта.

4. Постојат пцости, но не може сите да ги употребуваат

Јас пцујам. На таков начин се празнам. Не пцуев кога бев мала, доцна почнав со оваа навика. Ми помага да се чувствувам помалку фрустрирано. Моите деца ги слушаат моите пцости – тие се составен дел од јазикот. Вук Караџиќ ги запишувал во „Црвениот бан“. Сепак, јасно им е дека тоа се зборови што ги употребуваат возрасните кога се налутени.

5. Тревата е закон, треба да ја користат и другите освен кучињата

Во 50-тите години од минатиот век чуварите на парковите не дозволувале да се гази тревата. Потоа дојдоа 80-тите и ние беревме цвеќиња, правевме венчиња, ги гледавме мравјалниците, се бркавме и се качувавме по дрвјата.
Денес, 30-ина години подоцна, децата одат строго по тротоар бидејќи наоколу има многу кучешки измет. Ги сакам кучињата. Но не и навиката на нивните сопственици да го оставаат нивниот измет наоколу…
Се извинувам, господине/госпоѓо, ти си задолжен за тој измет.
Децата се ускратени за безгрижно трчкање по тревата, па ги носам да трчкаат на фудбалскиот стадион. Во спротивно, чевлите ги држиме надвор на терасата, како луѓето од село.
Господа кучкари, носете кеса во џебот, па фрлете го изметот во обичен контејнер, ако нема посебна канта. Тоа е култура на живеење.

6. Партнерскиот однос не е бајка

Не ги имав чуено моите родители да се караат додека не наполнив 20 години. Мислев дека тоа го прават само агресивните луѓе, алкохоличарите и наркоманите. Се срамев да се карам, не сакав да бидам проста и да го повредам другиот.
Децата од среќните семејства живеат во бајките на „Дизни“.
Разликата во мислењата е во ред. Да се повиши гласот е во ред. Насилството и навредите не се. Животот во двојка не е она што го очекувала Пепелашка по свадбата. Особено кога ќе стане живот меѓу четворица. Потоа се чини дека малите се помногубројни од нас, возрасните, бидејќи некако се надмоќни.

7. Треба да бидете тука еден за друг

Луѓето со кои сте блиски се скапоцени бидејќи тешко се наоѓаат – тие што навистина ве сакаат и во кои имате неограничена доверба.
Моите деца не мора да бидат најдобри пријатели. Уште сега се многу различни, интересите најверојатно ќе ги одведат на различни страни. Но добро е да знаат дека секогаш може да најдат цврста поддршка во другиот, при ова грубо возење што сите нѐ шета горе-долу.

Дали ќе успеам сите овие работи да им ги всадам во главата? Не знам. Се правев многу паметна пред да добијам деца и замолчив кога ги добив. Тие се раѓаат онакви какви што се. Нам ни останува да им го переме мозокот со вистински вредности. И да се надеваме дека никулецот од тоа ќе никне подоцна.

Автор: Марија Милојковиќ

 



912

X