Родителството и воспитувањето се исклучително тешки работи. Ова не се однесува на недостигот на сон и заморот. Многумина од нас не можат да излезат накрај со сопствените деца. Што и да им кажете или да направите, едноставно „не пали“. Дали постојат „невозможни деца“ и за што всушност станува збор?

Постојат деца со посложен карактер. Можеби од својата мајка, татко или од некој подалечен роднина наследиле некои „потешки“ особини. А можеби се работи и за пропусти во воспитувањето. Ви се чини дека сте направиле сè. Можеби е навистина така, но сте направиле погрешна основа врз која ги градите сите преостанати коцкички од воспитувањето.
„Моето дете едноставно не слуша!“ Дали така се однесува насекаде? Дали не слуша ни во градинка, ни во школо? Или таму е мирно како бубачка? Дали само мама не ја слуша, а тато го слуша? Или обратно? Доколку имате ваква ситуација, обидете се да ги преиспитате вашите воспитни методи. Не сте погрешиле од лоши намери. Но, ако некаде грешите, настојувајте да го исправите тоа.

Еден од најчестите примери на „невозможни деца“ е непочитувањето на најважното правило – доследноста. Денес сте имале напорен ден на работа. Немате сили за разговор, објаснување, немате трпение… И попуштате.
Можеби имате мало бебе и немате помош од никого. Едноставно не стигнувате на двете страни истовремено. Поради тоа, постарото дете има моменти кога е препуштено само на себе и прави што сака. Тоа можеби е начин на кој ја изразува својата љубомора.

„Невозможни деца“ постојат. Но вие можете да влијаете врз нивното однесување. Во ред, можеби имаат одредена фаза, црта на личноста или што било друго што го наследиле. Меѓутоа, вие мора да најдете начин да ги изведете децата на вистинскиот пат.
Треба да знаете дека тоа е една од најтешките задачи и работи што сте ги правеле во животот, без оглед со што се занимавате. Оставете ги приказните дека за детето најмногу може да се направи до неговата петта година.

Никогаш не е доцна!

Се разбира, не можете да правите сериозни пропусти до нивната 18-та година, а потоа да очекувате дека вашето дете ќе се смири по еден сериозен разговор. Сè се смета: односот со сопругот, односот кон другите, вашето однесување и примерот што го давате…

Затоа, никогаш не откажувајте се доколку имате „невозможно дете“. Обидете се да му ја пронајдете „жичката“. Пробајте ги сите методи, распрашајте се дали има и нови… Во децата треба најмногу да вложувате. Работата можеби ќе ви овозможи материјални придобивки за пријатна старост… Но доколку не вложувате во своите деца, џабе ви е да го имате сето тоа.
Обидете се да ги разберете. Што им недостига? Зошто се однесуваат на тој начин? Што сакаат да добијат со тоа? Како можете да ги промените или да ги подобрите вашите родителски методи? Бидете подготвени да растете заедно со своите деца, без оглед колку се невозможни.

Автор: О.Б., дипл. психолог и семеен терапевт

 



912

X