Сметам дека е многу важно да ги слушам моите деца, да се грижам за работите за кои тие се грижат, да им дозволам да го искажат своето мислење и да се обидам да не ги присилам на моето. Сакам моите деца, кои имаат 14 и 10 години, да чувствуваат дека нивниот глас е важен и дека можат самите да носат одлуки во нивните животи, во однос на активностите што ги избираат, часовите што ги посетуваат и начините на кои го поминуваат своето време.

Сè додека моите деца ги завршуваат обврските и оценките им се во ред, не се обидувам да им влијаам врз однесувањето премногу. Може да гледаат 3 часа „Мајнкрафт“ на „Јутјуб“ додека истовремено играат „Мајнкрафт“ со своите пријатели онлајн. Ако е семејна филмска вечер и некое од децата не сака да го гледа избраниот филм, може да си прави нешто друго што го сака. Не ги присилувам да го јадат зеленчукот. Верувам дека ќе ги добијат потребните хранливи материи на друг начин преку разновидна храна која ја нудам во текот на неделата. Прилично сме опуштени дома.

Но, има едно однесување што апсолутно нема да го толерирам од моите деца. Тоа е однесување кое ме враќа на „олд скул“ воспитување. Тоа е единствениот момент кога кажувам нешта како „Моја куќа, мои правила!“, или „Ова не е преговарање!“ А тоа се случува кога некое од моите деца зборува со мене со несоодветен тон на гласот. Нема да толерирам ако моите деца зборуваат со мене без почит. Тоа е лоша основа за разговор, според мене, причина за целосно да го прекинам разговорот.

Едно е моите деца да чувствуваат дека имаат контрола, дека имаат глас кога се работи за домашните одлуки. Но, друга работа е да мислат дека се тие главни и дека можат да зборуваат со мене без почит. Тоа не поминува кај мене.

Сакам моите деца да носат одлуки – за нивните активности, за пријателите, за медиумите што ги следат, но на крајот од денот јас сум таа што ја плаќа секоја сметка во куќата. И сè додека не дојде до целосно преземање на товарот на нивни рамена, количината на она што тие можат да го кажат и одлучат – има граници. Ако моето дете се однесува како 3-годишно кое ја сака сината шолја, а не црвената – тоа покажува недостиг на зрелост. Ако не можат да покажат зрелост, не може ниту да учествуваат во донесувањето одлуки. Разбирам дека сите ние понекогаш ги губиме нервите, но во моментот кога мојот тинејџер започнува да ми вика и да ме прекинува во средина од реченицата за да не можам да завршам ниту мисла, тогаш таа дискусија завршува веднаш. Ќе речам нешто како „Оди прибери се, па повторно ќе го одржиме разговорот подоцна, но нема шанса да те оставам да продолжиш да не ме почитуваш“.

Сепак, моите деца ретко зборуваат со мене на лош тон, но тоа е затоа што моето правило отсекогаш постоело и тие се свесни за него. Кога имаа 3 години и се лутеа кога ќе добиеја шолја со погрешната боја, изливите на бес и плачењето речиси никогаш не им помогнале да го добијат посакуваното. Уште кога беа малечки постојано ги поправав како треба да се изразат ако бараат нешто – со користење љубезни зборови, како „те молам“, „благодарам“ и слично. Кога надминаа 3 години, им зборував каков тон на гласот да користат. Имаа можност да побараат на љубезен начин и тоа да им стане навика. Во спротивно не го добиваа тоа што го бараа.

Има доволно безобразни луѓе на светот, а јас нема да бидам одговорна за создавање на уште двајца такви

Изливи на бес, врескање, непочитување, сарказам – сите овие нешта веднаш ги прекинуваа разговорите и преговарањата. Тоа не значи дека мојата љубов се намалува. Всушност, многу од тие моменти завршувале со прегратки или долги, значајни разговори. Но, предметот кој е причина за изливот на бес на моето дете мора да почека.

Не сакам да ги учам децата дека начинот да се добие нешто е само преку барање на истото. Преговарање – да, но не да се биде безобразен поради тоа. Веќе не ги ни бројам моментите кога велам „во оваа куќа кога бараме нешто, замолуваме на љубезен начин“. Тоа е мото што постојано го повторувам. Има доволно безобразни луѓе на светот, а јас нема да бидам одговорна за создавање на уште двајца такви.

Не сум најсамоуверениот родител на светот. Далеку од совршена, а носам со себе иста количина на страв, грижа и вина како и секој друг родител. Некогаш јас сум таа што се извинува за губење на трпението. Но, една работа во која сум убедена дека ја правам правилно како родител е тоа што ги учам моите деца како да го изразат она што го мислат и сакаат без да бидат безобразни и нељубезни.

Автор: Кристен Мае

Извор



912

X