На различен начин нашето општество гледа на децата кои се изразено немирни и оние кај кои вниманието е непостојано. Лично избегнувам дефинирање на однесувањето на таквите деца како деца со нарушување (ADHD), бидејќи повеќе се работи за темперамент и природата на детето отколку за нарушување. Значи „нормално“, односно просечно, не значи дека е со самото тоа и здраво. Овие деца секако не спаѓаат во просекот со своите врсници според однесувањето и би било погрешно само затоа што не спаѓаат во однесувањето на повеќетемина – да ги вметнеме во категорија на нарушување.

Моето искуство во работата со немирни деца или деца со непостојано внимание покажува дека тие во најголем број случаи се многу спонтани, отворени, креативни и духовити.

Се разбира, тие се предизвикувачки за работа бидејќи бараат и активностите со нив да се менуваат зашто брзо се заморуваат додека вршат психотерапевтски активности.

Импулсивноста и егоцентризмот кои ги поседуваат ги доведуваат во лоши ситуации, па влетуваат во различни активности со другите, без многу да размислуваат и да увидат како размислуваат другите. Затоа е од особена важност да се откријат нивните „покренувачи“, за да се одреди што го предизвикува нивниот импулсивен настап. Многу е корисна листата „Кои се твоите покренувачи“? Тие може да бидат: кодошење на другите (овие деца инаку ретко ги обвинуваат другите, освен ако се случи некој инцидент), ситуации на чекање, ситуации кога се гладни, кога некој случајно ќе ги удри или допре, ситуации кога ќе проценат дека некој не бил фер кон нив, кога некој ги критикува, кога некој ќе ги прекине во активност која многу ги мотивира (листата е секогаш високо индивидуализирана).

За да се работи на тешкотиите во однесувањето, прво и основно е да се откријат причините зошто тоа се појавува, а потоа да се разговара за „случката“ што следува по причината.

Како терапевт, прво го прашувам детето: „Што се случило“ и очекувам опис на случката. Тоа обично им е лесно. Но, немирните деца со непостојано внимание потешко одговараат на следното прашање: „Што ѝ претходеше на случката?“ Важно е да се разгледа со децата и „Кои се последиците?“, а најважно е прашањето „Кои решенија би ги смислил ти во таа ситуација, ако можеш да се вратиш? Што би можело да биде поразлично?“ Бидејќи импулсивноста им го одредува однесувањето, ним им недостига промисленост во случката.

Во реалноста ваквите разговори се многу ретки, а овие деца повеќе доживуваат критики и навреди од учителите, наставниците, родителите, па разговорите обично се сведуваат на монолози и давање рецепти од страна на возрасните, како и задолжително барање да не се повтори слично однесување.

Во тие разговори недостига токму дијалогот, кога родителите и наставниците можат, на пример, да го прашаат детето: „Што ќе направиш вториот пат кога некој ќе те кодоши?“ Кога детето ќе има на ум друга идеја, со која поинаку би се однесувало, тоа има и алтернатива за навистина да се однесува поинаку.

Поради честите критики, овие деца развиваат лоша слика за себе, што дополнително го отежнува нивниот развој. Каде и да се движиме и што и да правиме, ние и несвесно во себе носиме одговори на две суштински прашања од нашиот идентитет: Кој сум јас? и Каде припаѓам? Секое дете би сакало за себе да размислува како за позитивна личност која е прифатена од семејството и другарчињата од одделението, како и наставниците/учителите. Поради тоа, на немирните деца многу им значи пофалбата. Секогаш ги охрабрувам учителите и родителите да го пофалат детето и за најмалиот потфат и да го уочат неговиот труд.

Бидејќи, во практика ниту еднаш не сум уочила дека критикувањето, дали упатено кон дете или кон возрасен човек, довело до позитивни промени во однесувањето. Дури сум забележала дека критиката предизвикува пркосење кај децата или прекин на комуникацијата кај возрасните. Некои од децата како најголеми трауми ги издвојуваат токму ситуациите кога учителот ќе ги нарече „непоправливи“.

Многу е значајно немирните деца да уочат кои чувства најмногу ги имаат и каде ги доживуваат. Често ми се случува детето, откако се нацртало себеси со црвена боја на цртежот (која претставува бес), да каже: „Леле, премногу сум бесен, насекаде по телото!“ Затоа, тука е следниот корективен цртеж, кога телото детето го бои со чувства кои сака повеќе да ги доживува. Децата генерално се искрени, па така обично оставаат некој дел од телото и за бес, бидејќи знаат дека не би било здраво да не го чувствуваат и тоа чувство.

Со немирните деца работам многу на стратегии за канализирање на бесот, односно вежба која се нарекува „сигурно место“, како и техники на дишење и поттикнување внатрешен говор на детето кој е позитивен („Ќе помине, ќе биде добро“).

Не сакам овој текст да го обојам само со приказни за тешкотии кои овие деца ги покажуваат, туку и да споделам неколку анегдоти. Едно момче, одбирајќи ги најубавите случки од својот живот, кога здогледа фигура од слон, дојде до идеја дека тоа се „циркуски слончиња“ кои треба да стојат едно до друго на глава бидејќи „така се посилни“. Едно девојче кога побарав да се сврти, го направи тоа, но се сврти спроти мене. Се разбира, го направи тоа смеејќи се. Како што се навикнати да не им се верува и постојано да им се наредува, ова однесување можам да го сфатам и како мало пркосење, но она невино. Тоа се тие неодоливи немирковци.

Токму поради тоа што не сакаат да ги прекинуваме додека вршат активност што ја сакаат, многу е корисно да им се најави  уште колку ќе можат, на пример, да играат игри и да им се каже: „Добро, имаш уште половина час… имаш уште 10 минути, а потоа следува учење“. Таков начин на најавување е далеку поефикасен од: „Еден час играше игри и тогаш кога го викав не сакаше да престане“.

Да се потсетиме, ни ние не сакаме некој без најава да нè прекинува во работата. А не сакаме и да нè казни една недела. Затоа, кога им даваме казна, таа треба да е кратка и конкретна (лишување од некое задоволство на детето). За трите дена што детето ги поминало под казна – тоа заборавило и за што е казнето, па самата казна станува бесмислена.

Многу е важно овие деца да стекнат претстава и за чувствата на другите и како другите гледаат на истиот проблем. Затоа со нив правам вежби за препознавање на чувствата, на тој начин што децата ќе цртаат или ќе именуваат, покрај лицата, кој што чувствува. Многу ефикасни се и техниките од психодрамата кога децата влегуваат во улоги на други лица.

Исто така, значајни се и вежбите за концентрација, кои за помалите деца може да бидат и само боење, кога внимаваат да не ја преминат линијата, додека за постарите одлична вежба може да биде „препознај што е различно на втората слика“. Секоја активност што им го привлекува вниманието на подолго време ја подобрува нивната концентрација.

Како што и самата како дете имав послабо внимание, уште како ученик забележав дека музиката ми помага полесно да учам. Но не која било музика. Денес на „Јутјуб“ можете да најдете многу композиции со кои полесно се учи. Најпопуларни за учење се композициите на Моцарт. Поради слабото внимание, музиката го фиксира едниот дел од вниманието на ученикот и го одржува буден, па така полесно учи. Сепак, децата со послабо внимание можат да учат пократко време во однос на просекот. Затоа е погрешно да се инсистира два часа да седат пред книга бидејќи тоа е бескорисно. Тие секогаш подобро ќе учат ако учат кратко и со повеќе паузи.

Работата со немирните деца е бескрајна приказна, како и работата со секој клиент. Секој е посебен на свој начин… па, сепак, тие „немирните“ ми го освоија срцето со својата спонтаност и подготвеност да ги споделат своите идеи и чувства. Ги сакам предизвиците, исто како што и тие ги сакаат!

Автор: Билјана Чулафиќ, дипломиран педагог и системски семеен психотерапевт



912

X