Петок попладне, крај на работната и училишната недела. Ќерка ми доведе пријателка. Малку ќе го шетаат кучето, малку ќе лудуваат, ќе играат игри на мојот таблет, ќе изедат крофни, накратко – опуштање.

Седам во мојата спална-работна соба и довршувам нешто за работа. Работата од дома има предности, но и лоши страни. Предност: можете да бидете поопуштени, да одите до продавница, да зготвите ручек, да преспиете. Лоши страни: работното време не постои. Знам што треба да направам, а може и попладне или навечер, но мора да биде завршено. И така јас си пишувам по оваа иста тастатура по која сега пишувам. Тие две се бркаат низ дневната соба, врескаат (им велам да не викаат толку), играат со кучето, скокаат по каучот. Малку подоцна излегуваат на веќе трета прошетка, мислам дека кучето ќе падне од нивниот ентузијазам. Влегувам во дневната соба, а таму ја затекнувам бабата, мојата мајка. Преку каучот, кој е многу стар – го помнам уште кога јас бев дете – има ставено прекривка од филц, за каучот подолго да служи. Кога девојчињата се превртуваа по него, прекривката падна, а богами и големи перници. Беа баш… весели!

Мојата мајка има 87 години. Во последно време тешко се движи, старост е тоа. Не е веќе способна за ништо низ дома и иако желбата ѝ е тука, едвај излегува, а не може ниту далеку да стигне. Но, секогаш била и остана доминантна личност. Сега всушност тоа е во обид, бидејќи за реализација тешко дека има сила. Ја зема прекривката со намера да го врати каучот во првобитна состојба. Ѝ велам: „Остави го, децата ќе го наместат кога ќе се вратат“.

Бабата си тера по свое. „Не можат тие, нема да биде добро, јас ќе наместам…“

Во тој момент сè ми стана јасно:

– Зошто долги години бев неспособна за живот.
– Зошто немав поим од готвење, а и некои други вештини сега ги учам.
– Зошто денес спремајќи ги орманите, пронајдов и фрлив чинии, тави за кои не можам да верувам дека некогаш сме ги користеле…
– Зошто не го знам – сето она што не го знам.

Јасно ми е, искушението е големо. И јас сум таква.

Немој ти, мама ќе намести. Подобро јас ќе:

– Ја средам детската соба.
– Ќе расчистам по јадењето.
– Ја наместам облеката.
– Исчистам со правосмукалката.
– Избришам прашина.
– Ќе наместам…

Сè…

Ѝ викнав на мајка ми „Остави, кога ти велам. Тие две ќе го наместат она што го растуриле!“

Негодувајќи, се повлече. Има 87 години и понатаму си тера по свое. Јас, пак, лесно станувам, престанувам, им го отстапувам просторот на помладите. Бидејќи не можам сè сама, веќе не можам. Не можам и да работам и да одам да купувам, да влечам, да готвам, да перам, пеглам, чистам, подучувам, спремам, мислам… Затоа почнав да делегирам. И тоа е во ред, тоа е многу подобро од ова што го правеше мојата мајка и сè уште се обидува. Пуштете ги децата да учат, да научат. Што побрзо. Нема секогаш сè да биде совршено, често воопшто нема да биде како што треба. Но, ако, нема врска.

Мора да научат.

Немојте од нив да правите неспособни луѓе. Подоцна тоа ќе биде ваша заслуга. Моето дете мора итно да почне да прави сè што вообичаено би можело, но не го прави бидејќи како и секоја мајка – и јас постојано имам рефлекс – пушти ме мене, јас подобро ќе ја завршам работата од тебе! А тоа е погрешно.

Извор



912

X