Наставниците носат свои лаптопи од дома (ако имаат) за да можат да го предаваат предметот работа со компјутер и основи на програмирање. Други диктираат лекции, трети велат дека терминологијата во програмата не е соодветна на возраста на децата, четврти коментираат дека предметот треба да го предаваат информатичари

Учениците во трето и во четврто одделение немаат ниту учебници ниту компјутери за да можат соодветно да ја совладаат материјата по предметот работа на компјутер и основи на програмирање, кој го учат по два часа во неделата. Прашавме неколку наставници како се снаоѓаат и што прават на овие часови, со оглед на тоа дека на крајот мора да ги оценат децата по предметот и како го прават тоа кога го немаат основното за работа.

Одделенската наставничка Зорица Милкова од училиштето „Тошо Велков Пепето“ во Кавадарци вели дека овој предмет се одржува со тешкотии, како и во секое друго училиште.

– На овие часови ја диктирам планираната лекција од скриптата што сама си ја спремив, a тоа се податоци собрани од интернет и од мои колеги. Пишуваме документи, но само ако стасаме затоа што имаме само еден или два компјутери, доколку не сме во кабинет. Потоа сечат и лепат сликички во блок за скицирање, делови на компјутерот и слично – вели Милкова.

Таа раскажува дека во ова училиште има еден опремен кабинет со компјутери, но тешко е да се организираат сите одделенија и да влезат на настава.

– Затоа јас најчесто од дома ги носам моите лаптопи и ги организирам учениците во групи. Бидејќи нема учебник, јас си подготвив своја скрипта во која ги вметнав најважните поими што треба да ги усвојат учениците оваа година. Неблагодарно е од родителите да бараме да купат учебник или работна тетратка кога образованието треба да е бесплатно. Јас лично купив работни листови за себе. Од нив црпам информации и се обидувам да составам работни ливчиња за учениците. Не ги користам во настава. Во однос на стручноста на наставникот да го предава овој предмет, сметам дека тоа е индивидуално. Има колеги што умеат со компјутери, но и колеги што имаат тешкотии при реализацијата на овој час. Јас досега не сум била на ниту една обука за работа со компјутери и програмирање, сама истражувам и учам затоа што имам потреба од тоа, а и желба да научам повеќе. Еден одделенски наставник може да предава работа со компјутер, но колку е тоа солидно, може да утврди колега информатичар – вели наставничката.

Со еднодневна обука не се станува информатичар

Бирото за развој на образованието (БРО) организирало обуки на почетокот од секоја учебната година, почнувајќи од првата година во која се воведе предметот. Но, наставниците велат дека материјата во програмата е тешка и дека има термини што ни тие не ги разбираат, а не пак соодветно да им ги предадат на учениците, и тоа без компјутер и без учебник.

– Предметот треба да си го водат информатичари. Со еднодневна обука не се станува информатичар. Се учат алгоритми и основи на програмирање, а ова се најтешки теми за наставниците од одделенска настава. За ова дефинитивно треба да си стручен – вели одделенска наставничка.

Нејзина колешка коментира дека за сите овие проблеми се информирани и советниците во Бирото и просветните инспектори, но никој ништо не презема во врска со тоа.

„Едно пишуваме, друго работиме. Програмата е тешка и не е приспособена на возраста на децата, терминологијата е претешка, а од дома носиме лаптоп и се снаоѓаме некако, но тоа не е решение“, коментира друга одделенска наставничка.

Во Бирото тврдат дека можело да се работи и без компјутер

„Деца.мк“ ги праша одговорните во БРО дали тие навистина мислат дека е возможно предметот работа со компјутер и основи на програмирање учениците во трето и во четврто одделение да го учат без учебник и без компјутер на часот. Го добивме следниот одговор:

– Постојат многу активности (таканаречени офлајн-активности) кои може и се предвидени да се спроведуваат во наставата без употреба на компјутер за развивање на вештините на информатичкото размислување, бидејќи тие се универзални вештини и се неопходни за учениците во современото општество.

Ни го испратија овој ЛИНК.

Оттаму велат дека воведувањето на овој предмет произлегло од искуствата во реализацијата на наставниот предмет работа со компјутер што се изучуваше неколку години претходно.

– Со новиот наставен предмет и наставната програма нашата држава се вброи во првите петнаесетина земји во светот што ги воведоа темите од програмирање, односно информатичко размислување во задолжителната настава. Оттогаш, многу голем број земји ја следат оваа практика. Развојот на информатичкото размислување не мора да е поврзано со работа на компјутер. Се разбира, за комплетната реализација на целите од програмата пожелно е да се има пристап до квалитетна технологија (компјутер, лаптоп, таблет…) и нашите заложби се што побрзо да се направи осовременување на опремата во училиштата преку сеопфатен проект од страна на Министерството за образование и наука и Владата – вели Оливер Стојаноски, портпарол во БРО.

Учебникот, како и во случаите за секој друг наставен предмет, е помагало за спроведување на наставата, но не е единствениот извор за реализација на наставата и стекнување  знаења, додаваат во Бирото.

– Во конкретниот случај, кога зборуваме за учебници по предметите од областа на информатиката, треба да сме свесни дека дури и да ги има, тие многу брзо стануваат застарени имајќи ја предвид брзината на развојот на областа. Инаку, покрај веќе наведените теми од областа на програмирањето и развојот на информатичкото размислување, се изучуваат теми кои вклучуваат развој на дигиталните вештини и безбедното користење на технологијата. Подетално на овој ЛИНК за наставната програма, како и на овој ЛИНК – велат во БРО.



912

X