Воспитување

Нека ги чува вашиот страв

Во морето родителски стравови, а ги има многу, има еден, како што велат оние што го почувствувале, што е неправедно запоставен – губење на детето на јавно место. Секунда невнимание, тамам толку колку што ви треба за од торбата да го извадите мобилниот или влажните марамчиња, е доволно да го изгубите детето од вид и да се соочите со најсилниот напад на паника во светот. „Да не истрча на улицата…“, „Дали го киднапира некој…“, „Да не падна по скалите…“
Лошата вест гласи: децата се губат секој ден. Добрата вест гласи: повеќето родители ги наоѓаат децата пред тие да сфатат дека се изгубиле. Ако детето се изгуби во парк или на игралиште, сметајте дека побрзо ќе го најдете бидејќи се наоѓа во опкружување на други родители кои, внимавајќи на своите деца, веројатно виделе каде отишло вашето. За жал, тоа не важи за големите супермаркети и трговски центри каде што цели семејства поминуваат сè повеќе време. Овој проблем е најизразен во текот на есента и зимата, кога се бара забава во затворен и загреан простор, па би требало да знаете што треба, а што не треба да правите за да не ви се изгуби детето.

Најважно е да останете смирени и да не паничите бидејќи детето, особено ако е мало, веројатно не отишло предалеку. Повикајте го по име, прашајте ги луѓето што поминуваат покрај вас дали виделе мало дете кое само лута наоколу, опишете го, но не губете време. Доколку сте дошле заедно со некого, разделете се и барајте го одвоено, а ако потрагата не даде резултат по пет минути, побарајте да се објави преку разгласот дека детето ви исчезнало. Доколку објектот има обезбедување, а речиси сите имаат, покажете им на лицата од обезбедувањето фотографија од детето и запознајте ги со фактите – како исчезна детето, каде сте се наоѓале, опишете го детето и облеката што ја носи. Не заборавајте ги најкарактеристичните детали.
Во меѓувреме продолжете со потрагата обидувајќи се да размислувате како него – одете на местата што најмногу му се допаѓаат. Во супермаркет тоа најверојатно се рафтовите со колачи, а во трговските центри – продавниците и штандовите со играчки, пунктовите со аниматори и програма наменета за мали деца. Добро би било и одвреме-навреме да клекнете за да можете во толпата луѓе да го најдете вашето дете. Кога ќе го најдете, а ќе го најдете, не викајте му и не удирајте го. Прво смирете се, па смирете го и него ако е уплашено, а потоа со избрани зборови, соодветни на неговата возраст, објаснете му колку сте се уплашиле.
А за да се заштитите од нервен слом и од скратување на животот за пет години, сетете се на изреките на нашите баби и прабаби – полесно е да зачувате една вреќа болви отколку едно мало дете, па поработете на мерки за превенција. Ако го изземеме основното правило – да не се оддалечува од вас – следете ги следниве:

1.  Облекувајте ги децата во упадливи бои и дезени.
2. Научете ги да не одат никаде со непознати луѓе.
3. Научете ги да препознаваат униформирани лица и да им се обраќаат за помош.
4. Ако во близина нема чувари, научете ги да влезат во првата продавница и да побараат помош од продавачката.
5. Одредете места на кои ќе се чекате ако во меѓувреме се разделите.

Некои од овие совети, се разбира, се неприменливи ако имате сосема мали деца, кои најчесто се губат, па не треба да се испуштаат од вид ниту за момент. Тие ќе бидат најбезбедни ако се во количка или ако се врзани со поводник за деца.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top