Негативизмот е ирационална склоност на детето да се однесува спротивно од очекуваното или бараното. Оваа појава често ја опишуваме како инает или отпор на детето. Кај децата од втората до четвртата година се јавува негативизам кој претставува нормална и преодна фаза од развојот. Тоа е многу значајна фаза од животот бидејќи тогаш децата стануваат свесни дека се битија со сопствена волја, што е важно во процесот на формирање на сопственото јас. Негативизмот исто така е нагласен во адолесценцијата, кога се јавува бунт и спротивставување кон секој вид авторитети и забрани.

Постои пасивен и активен негативизам. При пасивниот детето одбива да го прави она што се бара од него, а при активниот – тоа дејствува спротивно на барањата.

Во фазата на негативизам малите деца почнуваат да експериментираат со сопствената волја испитувајќи ги границите на толеранција на најблиската околина, пред сè, на родителите и преку бунт се обидуваат да стигнат до индивидуалност. Негативизмот претставува и чекор кон одвојување од лицата што најмногу им значат на децата. Затоа е важно како се поставува околината, бидејќи онаму каде што има граници – мора да има и граничари.

* На детето му се потребни јасни граници кое однесување е дозволено, а кое не. Кога тоа не е свесно за границите, верува дека сè му е дозволено. Затоа, добро објаснете му што барате од него. Важно е вашите барања да бидат разумни и јасни и тоа да сфати дека не се дел од вашето моментално расположение, ниту пак се докажување на авторитетот.

* Не дозволувајте детето да ве поколеба со солзи или гнев при вашите цврсти одлуки, туку бидете доследни и единствени на ниво на сите возрасни во семејството.

* Комуникацијата со детето е многу важна. Чувството дека може да го изрази своето мислење или несогласување е клучно за развој на позитивната слика за себе. Сослушајте го детето и уважете го сето она што моментално „не го сака“, додајте малку хумор, раскажете му дека и вие сте биле мали и исто така постоеле работи што не сте ги сакале.

* Дозволете му на детето да учи од своите грешки, се разбира, доколку ситуациите не се загрозувачки за детето или околината, бидејќи на тој начин самото донесува заклучоци.

* Играјте си замена на улоги – вие бидете дете, а тоа – родител. Многу работи ќе научи од тоа.

* Јасно објаснете му на детето што барате. Не впуштајте се во расправии и полемики, туку бидете директни и доследни.

* Водете сметка за своето однесување бидејќи детето учи и со гледање, а не само со слушање. Бидете добар, неагресивен пример.

* Позитивно поддржувајте го однесувањето на вашето дете – кога ќе ги сподели играчките или емоциите со другите и ќе покаже емпатија – пофалете го.

* Доколку го игнорирате непосакуваното однесување на вашето дете, дајте му до знаење дека сте го чуле.

* Не прашувајте го детето „дали сака“, туку кажете „време е да се направи тоа…“

Најчестите проблеми во овој период се поврзани со навиките околу исхраната (одбивање храна), навикнувањето на хигиена (одбива да седне на нокшир или да ги измие забите) и спиењето. Одредете ред, ритам, време за оброци. Бидете одлучни, единствени, јасни и доследни.
Многу е полесно да се работи на формирање и зачувување на добрите навики отколку да се коригираат лошо формираните или неформираните навики.

Автор: Маријана Петровиќ, спец.мед.психологија

 



912

X