На родителите, да не се лажеме, не може да им се угоди. Прво едвај чекаат децата да им прозборат, потоа „паѓаат во несвест“ поради секој неискажан збор што никој освен нив не го разбрал, а потоа полудуваат кога тргнуваат да ги бомбардираат со прашања. Кај некои деца се работи за фаза која поминува релативно брзо, а другите засекогаш остануваат „брбливци“ кои мелат без престан.

Брбливите деца се обично многу интелигентни и дружељубиви, што е многу слатко додека се мали, но ако елоквентноста и енергичноста не се канализираат, може да бидат извор на многу проблеми подоцна, кога ќе тргнат на училиште. Брбливите малечки деца, освен што многу зборуваат, често имаат и лоша концентрација. Идеите им се јавуваат со неверојатна брзина, скокаат од активност во активност, не ги држи место, па често влегуваат во проблеми.

Наместо да го замолчувате детето, претворете се во негов највнимателен слушател. Бидете трпеливи, слушајте што ви зборува и обидете се да одговорите на секое негово прашање. Не покажувајте дека ви е здодевно и напорно бидејќи тоа може да му ја наруши самодовербата и да ја убие желбата да бара одговори во врска со светот кој го опкружува.

Доколку малото дете премногу зборува во некои несоодветни ситуации, не треба да го критикувате и да му се лутите. Објаснете му зошто тој момент не е добар за разговор и ветете му дека подоцна ќе одговорите на сите негови прашања. Никогаш не кажувајте му на детето дека е досадно бидејќи колку и да изгледа тоа безопасно, може лошо да влијае врз неговата самодоверба. Поради тоа, може да се чувствува отфрлено и да престане да ви се доверува тогаш кога навистина е важно да знаете што му се случува, а не би го сакале тоа.

Затоа, бидете трпеливи, одговарајте на прашања и насочувајте го детето кон активности во кои брбливоста ќе му користи – на глума, рецитаторски секции, а подоцна и на дебатни клубови.

Извор



912

X