„Кажи дека ти е жал“ – ова често им го велиме на нашите деца кога ќе земат нечија играчка, кога ќе го удрат својот брат или сестра, или ќе направат некои од несаканите работи и уште не се научени да ја почитуваат туѓата сопственост. И тоа е реченицата со која обично се завршува разговорот, односно кратката дискусија за тоа зошто постапката била штетна за лицето на кое му се нанела штета, како да се адресира штетата и што да се преземе за да се промени тоа однесување. Тоа речиси нечујно „извини“ кое се мрмори од страна на детето не е начин за да се адресира ситуацијата или однесувањето, а сепак е некое стандардно извинување кое децата продолжуваат да го користат и кога ќе станат возрасни лица.

Се работи за проблематика која алудира на извинувања што не подразбираат и каење за стореното. Исто така, извинувањето може да содржи условен јазик, односно да се фокусира на лицето што е навредено, повредено и слично, на пример: „Извини ако се навреди“. Или да биде нејасно и површно, до степен на безначајно (Се извинувам за тоа што се случи), вели Едвин Батисела, автор и професор по лингвистика на Универзитетот во Јужен Орегон, САД.

Вистинското извинување, без разлика дали го кажува возрасно лице или дете, треба да содржи признавање на она што сте го направиле погрешно. И тоа е сегментот кој може да биде тежок – никој не сака да признае грешка. Има неколку причини за тоа. Прво, тој што згрешил се чувствува посрамено или исплашено. Потоа, има нешто кое е премногу комплицирано за децата, па тие дури и не знаат дека го чувствуваат – когнитивна дисонанца. Уште е познато како чудно чувство кое го имаме кога се обидуваме да стоиме зад две контрадикторни верувања. На пример, дете може да верува дека е љубезна личност, но истовремено да сфати дека направило нешто лошо. Како да ја намали таа тензија? Често преку сугестија дека тоа што го направило не е толку лошо или, пак, дека другото лице го заслужило тоа.

Доброто извинување почнува со ваше водење

Начинот на кој ги водиме децата низ извинувањето е важен како и самото извинување. За да се отстрани стигмата, треба да се насочиме кон начинот на кој децата реагираат на грешките. Првиот чекор во учењето на детето да се извинува е вие и вашето дете да направите чекор назад. Да речеме дека вашето дете зело една играчка од неговото другарче и побегнало со неа, а другарчето почнало да плаче. Ако во самиот момент го натерате детето да се соочи со последиците на своите дела, тоа нема да ви помогне. Детето уште ги има истите емоции што го натерале да се однесува така. Прво треба да се смири, па потоа да ве послуша и да размисли за своето однесување. Затоа не е добра идеја да викате, туку да кажете: „Мора да прашуваме дали некој сака да ги дели предмети, инаку чувствата на нашите пријатели може да бидат повредени“, вели Елен Голдсмит, лиценциран клинички социјален работник со специјализација во областа на децата и адолесцентите. „Не е мудро да се обидуваме да ги научиме децата на некои лекции кога сме и самите лути и кога децата имаат проблем да нè послушаат. Исто така, не можеме да ги научиме кога сме посрамени пред другите“.

Така, кога детето ќе се смири, може да се навратите на она што се случило.

Разговарање за чувствата

Овој дел се однесува на помошта што треба да му ја дадете на вашето дете за да открие што чувствува и како тие емоции довеле до појава на проблематично однесување. Па така, прашајте го детето што чувствувало пред да му ја земе играчката на другарчето. Можеби било љубоморно или, пак, изморено и му требало пауза. Која и да е причината, фокусот треба да биде на неговото дело, а не на емоциите. Сите емоции се во ред, проблемот е во начинот на кој се справуваме со нив. „Треба да им дадеме зборови на чувствата. Инаку, децата може да се изгубат во своите чувства, како што тоа им се случува и на возрасните“, вели Голдсмит.

Кога ќе ги разберат повеќе своите емоции и своето однесување, тогаш може да се зборува за начинот на кој другото лице се чувствувало. Ова може да се направи преку поврзување на ситуацијата со нешто слично што им се случило. На пример, можеби братот или сестрата на вашето дете ја зела играчката без да праша и одбила да ја врати. Можете да побарате од детето да се сети на тој случај и начинот на кој се чувствувало поради тоа. Потоа, треба да се направи споредба и да се потенцира дека и другарчето се чувствувало така кога му била земена играчката.

Следен чекор е да го прашате детето како би постапило, доколку повторно дојде до таа ситуација. Можете и двајцата да давате предлози и да го одглумите истото сценарио повторно, но овој пат со различен исход, на пример, наместо земање на играчката, детето да земе да игра со нешто друго или да се оттргне од ситуацијата преку јадење ужина или промена на локацијата.

Кога им се покажува на децата дека грешките се можности да се размисли и да се научи нешто, можете да им го промените начинот на кој гледаат на грешките.

Состојките на добро извинување

Сега вашето дете е подготвено да се извини. Кај искреното извинување потребно е да се стават како приоритет чувствата на другото лице и да се демонстрира каење.
– Доброто извинување треба да ја именува направената штета, да содржи искрено каење и да ја поправи штетата на некој начин – вели Батисела.

Џо Елен Пун, поранешна учителка во основно училиште, смета дека извинувањето треба да се сочинува од три реченици: „Се извинувам затоа што… (ти ја зедов играчката без да прашам)“, „Ова е лошо затоа што… (ги повреди твоите чувства и не е моја играчка)“ и „Во иднина ќе… (предложам да играм со нешто друго наместо да ја земам твојата играчка)“.

„На овој начин моите ученици покажуваа иницијатива да си се извинуваат еден на друг, а не да чекаат возрасно лице да ги принудува на тоа. Им се менуваше и однесувањето, а изгледаше дека сите се поискрени во своите намери да изградат похармонични односи едни со други“, истакнала Пун.

Се разбира дека најефикасниот начин за децата да научат како да се извинат е кога ги гледаат возрасните лица. Децата постојано гледаат пример во возрасните.
„Учиме кога гледаме што прават другите, а не што зборуваат. Уште поважно е да го применуваме она што го зборуваме додека нè гледаат децата, инаку секогаш на нас ќе гледаат како на хипокрити“, вели Голдсмит.

Но, што се случува кога детето не смета дека она што го направило е погрешно? Можно е да му е тешко да си признае на себе дека погрешило или можеби не го разбира гледиштето на другото лице. Затоа е важно да го охрабрувате вашето дете да го праша неговиот пријател како се чувствува.

„Да се има способност да се зборува со друго лице и да се слушне она што другото лице го објаснува може да им помогне на луѓето да согледаат различни перспективи“, вели Ејми Хубард, одговорна на одделот за комуникологија на Универзитетот „Хаваи“ во Маноа. Сепак, дури и извинувањето што во себе не содржи стигма не значи дека треба да му донесе простување на тој што згрешил. Постојат некои работи што не можеме да ги поправиме, а и некои луѓе можно е да не сакаат да ни простат, но тоа е во ред. Важно е да ги научиме децата дека извинувањето не подразбира и простување, туку најважно е да се преземе одговорност за сопствените дела.

„Кога децата ќе ги научат овие постулати на рана возраст, ќе им стане природно и нормално да се извинуваат целосно. Ќе бидат навикнати да го одредат она што го згрешиле и да ги преиспитаат последиците од своите дела, па така да изградат емпатија и да направат план за да го сопрат несаканото однесување. Со тоа ќе си дозволат да го искусат непријатното чувство кога ќе бараат прошка. Многумина од нас растат учејќи да избегнуваат непријатни емоции кои ги носи со себе извинувањето, а потоа станува природно да се има дефанзивен пристап наместо отворен и смирен. Учењето соодветно извинување да се надеваме дека ќе резултира со многу внимателни возрасни лица кои се свесни за начинот на кој нивните дела влијаат врз другите“, вели Пун.

Автор: Рејчел Рифкин



912

X