Јас и мојата сопруга имаме едно дете. Не сум сигурен дали ќе имаме уште едно. Големи се шансите мојата ќерка да биде единствено дете.

И уморен сум од тоа како другите родители реагираат кога сфаќаат дека можеби ќе останеме само со едно. Пред да станам родител, не ми паѓаше на памет дека постои стигма околу родителите на само едно дете.

Додуша, имав предрасуди кон големите семејства. Си мислев: Што се обидуваат да докажат? Кому му требаат толку многу деца?

Сепак, не сфати дека таа пристрасност има друга страна. Дека семејствата со повеќе од едно дете би ја гледале мојата осамена ќерка, поточно нашата одлука да имаме една ќерка, со презир.

Децата што се единци во семејства и нивните родители се осудени од околината. Постои стереотип за овие деца: дека се разгалени и егоцентрични, дека нивните родители се најлошиот тип на родители и дека тие се осамени.

Кога прашуваат: „Дали ќе имате само едно дете?“, јас и мојата сопруга ги креваме рамената бидејќи не сме го планирале ова. И секогаш добиваме сожалување: „Аууу, никогаш нема да биде поголема сестра? Па тоа е многу тажно“.

Постои неизговорено прашање во очите на другите родители: Како можевте да дозволите да се случи ова? Како можете да му го одземете искуството на вашето дете да има брат или сестра?

Кога ќерка ми беше трето одделение, многу нејзини соученици имаа помали браќа и сестри кои тргнаа во градинка истата година. Како нивните родители да се договориле да имаат деца во исто време, а нам никој не ни кажал.

Разликата брзо стана очигледна, дури и за нашата ќерка. Таа се врати дома по неколку недели од почетокот на учебната година и објави дека е едно од трите деца во целото одделение што нема брат или сестра. Таа не го кажа тоа со обвинување. Тоа беше само чуден факт со кој таа сакаше да ни го привлече вниманието.

Рековме: „Во ред“. И тогаш, без да знам зошто го кажав ова, ја погледнав ќерка ми ѝ реков: „Извини“. Таа ги крена рамената и праша дали може да земеме куче.

Зошто почувствував потреба да кажам „извини“? Дали ѝ должам брат или сестра? Дали сум лош родител што не ги координираме циклусите на репродукција со семејствата во нашето соседство?

Не ми е жал што имам едно дете. Мојата ќерка е неверојатна.

Дали моето дете-единец е некаква лична изјава или себичен одраз на мојата желба за повеќе слободно време? По ѓаволите не. Само, ете се случи. Тоа е животот. Тоа е она што би сакал повеќето родители да го разберат.

Само затоа што моето семејство изгледа различно од твоето, не значи дека нудам коментар за твоето семејство. Не те осудувам. (Мојата поранешна предрасуда кон многудетните семејства исчезна откако станав родител.)

Не треба да се тепате за да дадете објаснување зошто вие имате четири деца, а јас само едно.

Не знаете дали сме совршено среќни со нашето едно убаво, среќно дете (СМЕ).

Не знаете дали се трудевме со години мојата сопруга да остане трудна.

Не знаете за стресот, медицинските третмани, неуспесите, сомнежите во себе.

Не знаете за дискусиите за посвојување, за грдата вистина, за аргументите, за финансиските грижи.

Не знаете како годините можат да исчезнат додека трепнете и како можете да се најдете, постар отколку што некогаш сте замислувале, велејќи: „Претпоставувам дека ова е мојата реалност сега“.

Јас дури и не велам дека НИШТО од тоа не се случило. (Во ред, многу од тоа се случи.) Но, поголемата поента е дека не треба да се срамам затоа што ќерка ми е едно дете; таа не е разгалена, себична или осамена; таа е неверојатна, брилијантна и љубезна и сака да биде со други луѓе. Таа е прекрасна сама по себе и би била еднакво прекрасна кога би имале уште десет деца.

Моето семејство не е крајниот резултат на некој голем план. Моето семејство е мое семејство. Како и животот, едноставно се случи. И јас го обожавам.

Затоа, ве молам, престанете да претпоставувате дека на моето единствено дете му недостига нешто, освен вашата емпатија. Таа е единствено дете, но таа е сѐ освен осамена.

И да, си зедовме куче.

Автор: Том Брнс
Извор



912

X