„Не се децата невозможни. Децата се секогаш деца, а тебе ти попуштиле нервите“, се обидов еден ден, гледајќи се во огледало, самата на себе да си објаснам дека мојата теорија оти нашите деца се ненормално лоши не држи вода. Во мајчинскиот стаж имам 18 години. Пресоблеков прилично голем број пелени, се изнабришав искакани задници, мрсулави носиња, стоев на нозе голем број ноќи, исправив куп задачи и истрпев епизоди и епизоди на детски бес.

Од ова би можело да се каже дека испеков добар занает, но во последно време често ми недостига волја за сè. Уште е прерано да се пензионирам од овој занает, но чувствувам замор. Мајко, сега разбирам зошто често си била лута. Те нарекувавме Муртенка. Сега мене така ме викаат. Во принцип, ти не беше лута. Беше само изморена, премногу заситена. Од нашите барања, издавања, истерување правда, исчекувања да се вратиме од излегувањето, нашите љубовни бродоломи, бунтовништво.

Одморот покрај нив е ретко одмор. Влегуваат во вашиот брачен кревет и скокаат по вашиот грб до исцрпеност. Со вресокот ви ги кинат ушите, а вие фантазирате за тишина. Омилениот коктел ви завршува на омилениот фустан. Вашата омилена музика ја надгласуваат тонови од нивниот омилен цртан филм. На моменти би побегнале од сè, а каде и да одите ќе ве прогонува празнина. И потоа ќе пораснат, а вие ќе станете кревки, со години искуство и мудрост. И толеранцијата на непослушните ќе ослаби. Понекогаш ви се чини дека сте затапеле, а понекогаш дека со нервите сте на долна граница. Од децата многу пати се очекува сериозност која не е во согласност со нивните години, а од возрасните да бидат стабилни иако се под ужасен стрес од секојдневието. Толку многу очекуваме едни од други, што тука мора да дојде до ерупција на разочарувања.

Кога вчера мојата 9-годишна ќерка почна да игра како орангутан, јас ѝ викнав: „Не однесувај се како мајмун, веќе си доволно голема!“ Потоа си реков сама на себе: „По ѓаволите, остави ја да биде дете! Тоа е најубавата улога што ќе ја одигра во животот“. И заедно почнавме да играме во мајмунски стил. Се смееше како што се смее кога е навистина среќна. Се држевме за раце и се вртевме во круг испуштајќи мајмунски гласови. Кој и да нè види, нека мисли што сака. Леташе нејзината благо кадрава коса, ѝ се заруменија образите, ѝ се испотија дланките, ги виткавме стомачињата, нè запекоа стапалата и потоа се стркалавме на паркетот, ги исплазивме јазиците и продолживме да се смееме. Оној Муртенко што вечно тлее во мене занеми од вџашеност.

Децата треба да бидат деца. Извалкани. Убави. Со многу барања. Невозможни!

Автор: Марлена Свилиќиќ

Извор



912

X