Утринава ѝ реков на мајка ми:

– Те молам, не можам да кажувам празни приказни со кафето, сакам да молчам. И да, не сакам ништо да јадам, ни најмалку не ми е гајле што ќе готвиме и знам дека те болат рацете, не мораш да ми го повториш тоа 15. пат утринава.

Без збор се оддалечи од мене.

Во истиот момент ми падна жал. Ја побарав кај маслинката, седеше мирно под зракот на доцноесенското сонце. Ѝ се насмевнав и реков:

– Ќе купиме ли  маст „волтрен“, добра е за болки, еве јас ќе направам ручек, види сонце конечно…

Не ѝ реков извини.

А нејзиното лице светна од среќа со милион рефлексии на сонцето. Ги засени сите пролети.

Без „извини“.

 

Па се запрашав, какви луѓе сме ние. Зошто едноставно не можам да ја гушнам и да го кажам волшебниот збор?

Зошто компензирам молба за простување со „волтарен“? Полесно е да се купи крем отколку да се нанесе гел од вистинско каење на раните на оние што сме ги повредиле.

Лесно е да му удриш шлаканица на оној што нема да ти врати. Лесно е да го повредиш оној што те сака безусловно бидејќи знаеш дека секогаш ќе те сака.

И ќе ти прости без она „прости ми“.

А можеби во овој момент комета удира во Земјата.

Можеби во овој момент запира срцето на лицето што сме го повредиле однапред сметајќи на прошка. Можеби во овој момент таа личност исчезнува засекогаш од нашите животи.

Што тогаш?

Можеби остатокот од животот ќе го поминеш гледајќи во небо, може со сиот глас да го кажуваш тој проклет, тежок, а толку едноставен збор „извини“, да плачеш, да викаш. Залудно, нема да те чуе.

Бидејќи замина.

И затоа прегрни ги оние што си ги повредил. Прегрни ги силно да исчезнат сите тешки зборови, да одлетаат во небото.

И по ѓаволите, изговори го тој едноставен збор. Извини…

Не е тешко… пробај.

Автор: Н.Н



912

X