Ви пренесуваме текст што искрено го напишала една мајка…

„Моментално уживаме во тоа што сме само ние двајца. Сакаме прво малку да патуваме. Моментално сме фокусирани на кариерата…“
Ова се само некои изговори што ги користев кога некој од поблиското или подалечното семејство, пријателите, кумовите, ќе ме прашаше кога планирам да раѓам деца. Со исфорсирана насмевка да го маскирам она што навистина се случува. Но не успевав секогаш да ја задржам таа маска. Еднаш не издржав и на својата тетка ѝ реков: „Тоа не е твоја работа, тоа не им оди на сите толку лесно“. Утрото само што добив менструација. Повторно.
Ми велеа дека нема да бидам засекогаш млада и дека мојот биолошки часовник отчукува. А јас и самата добро го знаев тоа. И навистина не ми беше потребно да го чујам истото од некој друг.
Да се остане во „блажена состојба“ не е нималку лесно, освен ако сте исклучително плодна дваесетгодишна жена која може да забремени и само од приказни за бременост. Кога ќе соберете сè, шансите една жена во доцните дваесетти години да забремени воопшто не се големи, ако ги земете предвид сите проблеми со репродуктивните органи што денес ги имаат жените. И јас бев една од нив.
Се сеќавам на тој ден како вчера да беше. Морав да одам на работа по посетата на лекар и веќе мислев дека тоа е тоа за нас. Нема да имаме деца. Мојот сопруг, вечен оптимист, рече дека ќе ги пробаме сите опции што ни беа предложени и дека сè уште не е готово. Разговаравме и за посвојување. Ни беше кажано дека тој процес е подолг и покомплициран.

Вештачкото оплодување ме скрши. Секој што ќе помине низ тој процес вложува толку многу – и финансиски и емотивно – што на крајот станува опседнат од резултатите.
Кога имате проблеми со забременувањето, наеднаш ви се чини дека сите околу вас се бремени. Лесно е да се радувате за нив на почетокот, но како што поминува времето, а сите освен вас успеваат, тоа станува болно.

Но по една година, едно утро станав и без никакви очекувања направив тест. Кога се појави и втората цртичка, скокнав назад во креветот и почнав панично да го будам сопругот. Без да му кажам ниту еден збор знаеше за што се работи. Мојот израз на лицето му кажа сè. Ние сме среќни луѓе што успеаја во најголемата борба.

Но, постојат многу двојки што се обидуваат со години. Некои можеби никогаш нема да успеат. А што е со оние двојки што едноставно не сакаат деца? Или со оние што имаат едно дете и не можат да добијат второ? Или на оние на кои им е најтешко – што ги изгубиле децата уште пред да се родат?
Дури и откако го поминавме вештачкото оплодување и го добивме толку посакуваното дете, не помина многу време пред да почнат прашањата: „А кога ќе одите на второ?“

Така што, следниот пат кога млада двојка, или двојка што е десет години во брак ќе посакате да ја прашате кога мисли да има деца – воздржете се. Гризнете си го јазикот. Коментирајте го времето. Коментирајте што било за да не им додавате сол на раната на тие луѓе. Затоа што никогаш не знаете што всушност се случува зад нечии врати.

 



912

X