Не сакам да имам свои деца. Она што го сакам е луѓето да научат да ја почитуваат мојата одлука, пишува наставничката Кери Грахам во текст за „Хафингтон пост“

Првпат се случи кога имав повеќе од 20 години, некаде околу втората недела во мај, човекот што го сретнав на поминување, ми посака среќен ден на мајките.

Првин без зачудена, чувствував потреба да го сопрам тој странец и да му го објаснам она што никако не би можел да го знае, а тоа е дека јас не сум ничија мајка. Се чувствував богохулно што добив убави желби за празник кој не сум го заслужила. Во изминатите 10 години, колку што поминаа од тој првпат, научив едноставно да ги ценам тие мали моменти на љубезност. Се насмевнувам, се заблагодарувам и помислувам: „Немам и воопшто не сакам да имам деца“.

Ова е мојата лична вистина, која постепено почнав да ја делам со луѓето. Кога некој ќе ме праша дали имам деца, секогаш кажувам повеќе од „НЕ“, секогаш додавам дека не сакам да имам деца. Понекогаш тоа го споменувам низ разговор за плановите и потенцијалните животни цели. Станав многу наметлива во одбраната на своите избори и повеќе не велам „можеби некој ден“. Она што е најважно во целата приказна е што повеќе немам потреба да ја оправдувам мојата одлука. На крајот на краиштата, кога сте слушнале некоја мајка да објаснува зошто одлучила да има деца?

Со неколку исклучоци, дури и меѓу моите најблиски, најчестата реакција што ја добивам е некоја присилна љубезност, закашлување, кисела насмевка, неколку трепкања со очите, пред да се префрлиме на нова тема. Постојат луѓе што не се толку дискретни, веднаш ја забележувам драматичната промена во нивниот глас, дури и во меѓусебната врска, а понекогаш следува и испитување.

Изгледа дека луѓето едноставно не знаат што да мислат за некого, особено за жената која се осмелува да изјави дека не сака да има деца.

Во моменти на длабока емпатија можам да разберам зошто ваквото размислување е речиси неразбирливо. Без разлика на тоа каде сме и кога сме родени, сите сме, повеќе или помалку, воспитувани еден ден да имаме свои деца. Одлуката да немаш деца е неприфатлива во целиот свет, тоа е нешто каде што културолошките разлики не постојат. Во текот на детството имав неколку кукли како доказ за неконтролираното очекување дека еден ден ќе имам свои, вистински, живи бебиња.

Иако не се сеќавам дека некогаш активно сум сакала да бидам мајка, никогаш не се сомневав дека еден ден тоа и ќе станам. Така сме воспитувани, директно или по пат на општествено влијание, дека девојчињата растат со желба да имаат свои деца. Многу пати моите кукли би им се придружиле на моите пријатели во имагинарни групи. Секогаш беа нешто повеќе од играчки, тие беа орудие за обука да размислуваме, говориме и да се однесуваме како мајки.

Постојат луѓе што одлуката за немање деца ја гледаат како начин на спротивставување на општествените норми. Тие сметаат дека тоа е неприродно, особено жените, бидејќи би требало ние да имаме биолошки часовник и мајчински инстинкт – треба инстинктивно да сакаме деца, така ни е кажано. Тоа е вистина за многумина и можам само да замислам како се чувствуваат жените што очајнички сакаат да добијат дете и со сите сили се обидуваат да го постигнат тоа. Имам пријатели што се одлучиле да посвојат, а имам и такви што се подложиле на вештачко оплодување по неколкумесечни тестирања и прегледи. Многу сум благодарна затоа што постојат алтернативни патишта кон мајчинството и што приказните за нив веќе не се табу-тема, но заради нив луѓето уште потешко можат да поверуваат дека јас навистина нема да имам деца.

„Ти само така мислиш сега“, често ми велат. „Можеш да замрзнеш јајце-клетки, за секој случај“. „Секогаш можеш да се одлучиш на посвојување“.

Инсистирањето на тоа дека треба да станам мајка ме фрустрира како на културолошко така и на индивидуално ниво. Ни сама не знам колку пати сум се насмеала и сум ги кренала рамениците на прашањето „Не сакаш деца?! Но, ти би била одлична мајка!“ Ми беа потребни години за сама себе да си признам дека не сакам деца и сега кога си признав, никој не сака да ме одврати од тоа, но тоа не значи дека сум расположена за разговор секогаш кога ќе се отвори некоја слична тема.

Не сакам да морам да објаснувам иако за мене тоа е вистинската одлука, иако понекогаш и се срамам. Понекогаш се чувствувам како да сум изневерила некого затоа што сум одбрала начин на живот кој се коси со природниот тек. Често чувствувам дека затоа што немам деца, морам секогаш да работам повеќе за да ја докажам својата вредност како возрасна личност, а особено како жена. Да имам деца, никој не би ми поставувал прашање на кој начин придонесувам за општеството бидејќи би водела сметка за еден живот. Без потомци, чувствувам притисок дека морам да бидам повеќе продуктивна, корисна, просперитетна.

Претпоставувам дека луѓето често ми зборуваат дека би била добра мајка затоа што сум добра со деца. Штотуку ја завршив осмата година од предавање англиски јазик во средно училиште и во целиот тој период сакав, се смеев, плачев, славев, се грижев и подучував повеќе од илјада тинејџери. Ги нарекувам свои љубови и по повеќе од 10 години работи, уште не најдов подобар начин да изразам колку ми значат.

Исто така, имам многу важни врски со помлади деца. Еднаш ќерката од пријателката рече: „Ја сакам госпоѓица Кери како што ја сакам мојата омилена боја“. Таткото на детето кое просто го обожавам често ми вели: „Таа само сака да ѝ читаш пред спиење. Никогаш не бара некој друг да го прави тоа“. Благодарна сум што знам, сакам и често поминувам време со деца.

И понатаму не сакам да имам свои.

Она што го сакам е луѓето да научат да ја почитуваат мојата одлука. Сакам да кажам дека не сакам деца без прашања, осудување и уверување. Сакам луѓето да препознаат дека тоа е мој живот, мое семејство и мое тело. Особено сега кога девет држави усвоија закони со кои се забранува раниот абортус. Кога политичарите во речиси 20 отсто од државите во Америка им зборуваат на жените што не можат да прават со своите животи, семејства и тела.

Сега е време да бидеме подобри, не полоши, да ја слушаме жената кога ќе ни каже што сака без разлика на тоа дали ја објаснува својата одлука или не. Затоа што кога жената ќе каже дека не сака да има деца, ајде да веруваме дека ја донела одлуката што за неа е најдобра.

Во мојот случај, воодушевена сум што водам живот без деца. Дури, уверена сум, дека животот без деца ќе ми биде поисполнет.



912

X