Мал орган кој произведува важни хормони за човечкиот метаболизам, тироидната жлезда, има силно влијание врз женската плодност и развојот на бременоста. Но, мајките често не се свесни за многубројните негативни последици од неправилната функција на тироидната жлезда. Токму затоа треба да се едуцираат и информираат за да го заштитат своето здравје, како и правилниот развој на плодот за време на бременоста, предупредуваат експертите.
– Трудниците и паровите што имаат проблеми со плодноста треба да разговараат со лекар и да направат едноставен тест на крвта за тироидните хормони. И најмалата дисфункција треба да се третира со соодветна терапија бидејќи тироидната жлезда игра голема улога во женската репродукција и плодноста – вели еден од водечките хрватски гинеколози, д-р Ерден Радончиќ.
Иако се меѓу најчестите во светот, болестите на тироидната жлезда се исто така меѓу најмалку препознаените болести. Се проценува дека повеќе од 300 милиони луѓе во светот страдаат од намалена активност на тироидната жлезда, но само 20 отсто од нив се лекуваат. Многу жени не се свесни дека проблемите со тироидната жлезда можат негативно да влијаат врз нивната бременост и на фетусот. Многу е важно идните мајки да ја контролираат својата тироидна жлезда во раните фази од бременоста бидејќи нелекуваните болести на тироидната жлезда го зголемуваат ризикот од застој на растот на фетусот, како и ризикот од предвремено породување.

– Контролата на тироидната жлезда е исклучително важна во првата постпородилна година, имајќи предвид дека кај некои жени се развива т.н. постпородилен хипотироидизам (PPT) чии симптоми се слични на оние на постпородилна депресија, како што се замор, тага и тешкотии при губење на тежината. Овие симптоми обично се минливи и не се загрижувачки, но се препорачува да се тестираат тироидните хормони пред да се земат антидепресиви. Доколку ова нарушување опстојува до последните неколку месеци пред породувањето, се препорачува да се земе хормонска терапија за лекување на хипотироидизмот – вели д-р Радончиќ.
Најважните симптоми на хипотироидизам (намалена функција на тироидната жлезда) за време на бременоста се замор, депресија, болки во мускулите, заборавеност, нетолеранција на студ, а најважните симптоми на хипертироидизам (зголемена функција на тироидната жлезда) се губење на тежината, анксиозност, брза работа на срцето, треперење на рацете и карактеристичен фиксиран поглед.
Ако се појават горенаведените симптоми, треба што е можно поскоро да се обратите на лекар за понатамошен третман и точна дијагноза. Кога станува збор за хипотироидизам, третманот се спроведува со терапија за замена на тироидните хормони. Стандарден лек за ова нарушување е левотироксин, кој се зема орално и е соодветен за бремени жени и доилки.
Бремените жени со претходно познат хипотироидизам треба да ја зголемат дозата на левотироксин за време на бременоста и да имаат чести контроли за да се одреди соодветната доза.
Во случај на поблага форма на хипертироидизам, бремените жени обично почесто се контролираат, а третманот во потешка форма се спроведува со антитироидни лекови или хируршко отстранување на дел од тироидната жлезда (без употреба на радиоактивен јод).
Тироидната жлезда и развојот на детето
Тироидната жлезда, исто така, игра многу важна улога во растот на детето и во развојот на неговите невропсихолошки карактеристики. Токму затоа, во случај на отсуство или несоодветен третман, дисфункцијата на тироидната жлезда може да има сериозни последици врз физичкиот и психолошкиот развој на детето.
Децата може да се родат со недоволно функционална тироидна жлезда или може да се развие дисфункција поради недоволно внесување јод во телото, поради автоимуна болест (на пример, Хашимото тироидитис или Гравесова болест) или повреда на тироидната жлезда. Проблемите со тироидната жлезда често се наследни, па затоа треба да се внимава на развојот на детето и во случај на нарушена функција на тироидната жлезда да се започне со терапија што е можно побрзо.
Најчести симптоми на хипотироидизам кај децата се пролонгирана жолтица кај новороденчињата, бавен раст на коските и забите, проблеми со учењето, одложен пубертет, а најчести симптоми на хипертироидизам се промени во однесувањето и успехот на училиште, несоница, немир и раздразливост.
Доколку на детето му е дијагностицирано нарушување на тироидната жлезда, треба да се направи едноставен преглед, односно постојано да се проверува нивото на тироидните хормони и ТСХ во крвта, на секои три до шест месеци. Во случај на хипотироидизам кај деца, третманот се спроведува со хормонска заместителна терапија.