Воспитување

Не мешајте се во работата на наставниците, а децата оставете ги да живеат

Брканиците за просек 5,0, и крајот на учебната година ги полнат амбулантите со деца што имаат болки во стомакот, мачнини, главоболки, нерегулиран менструален циклус.

Симптомите се тие поради кои и во текот на учебната година сè повеќе ученици бараат медицинска помош. Раководителот на Заводот за детска и адолесцентна психијатрија во Осиек, Хрватска, проф. д-р Катарина Додиг Ќурковиќ, советува како да се носите со тие проблеми, што им е потребно на учениците, но и на професорите и родителите.

„Не е крај на светот ако детето добие тројка на училиште“ – вели д-р Катарина. Во ловењето што подобар просек, таа на својот оддел се среќава со деца кои имаат низа проблеми, а често се случува и да јадат премалку или премногу. Најголем број од случаите се за време на полагањето на матурата.

„Многу често родителите се јавуваат на педијатар. Кога ќе се исклучат одредени состојби, колегите препознаваа дека се работи за некоја психолошка компонента, па кога ќе се продре под површината, ќе откриете дека во заднина е училиштето, неможноста да се совладаат одредени оценки, што од нив се очекува, фактот дека детето нема да може да ги има сите петки и нема да помине одлично на матурата“, предупредува докторката која, како што вели, многу ја цени и почитува вредната работа, како и просекот 5,0, но истакнува дека тоа „не е императив кон кој треба да се тежнее, ниту единствено место и начин на кој ќе се успее во животот“.

„Децата едноставно се трошат“

„И четворката е добар успех, како и просекот 3,6 или некој друг, но на начин да се заврши училиштето со кое сакаш нешто да работиш во животот“, објаснува д-р Катарина.

Смета дека матурата предолго трае, во текот на еден цел месец. Учениците претходно завршуваат со часовите и се обидуваат да добијат што подобри оценки за да остварат подобар резултат на крајот.

„Имаат премногу тестови, паралелно одат на многубројни подготовки. Имаат матурска забава, полагаат многу предмети. Тие деца едноставно се потрошуваат“, смета докторката за состојбата во која се наоѓаат учениците кога го завршуваат образованието, а и нивните родители.

„Не е само родителскиот притисок врз детето. Целиот систем е така составен за родителот да мисли: аха, ако нема висок просек, што ќе прави во животот? Имаме деца што се одлични и не се задоволуваат со ништо помалку од одлично, бидејќи тоа е знак на слабост, неуспех. Постојат и други оценки кои е добро да се добијат. Недоволен, па да научиш и дека тоа е оценка која те чека во животот, но и двојка, тројка. Заради една оценка, животот не губи смисла“, предупредува психијатарот д-р Катарина.

Истакнува дека има многу деца што со леснотија го реализираат посакуваниот просек од 5,0. Објаснува дека тие се во сè одлични, но се исклучок.

„Постојат и деца што подоцна созреваат, кои во некои животни фази сакаат нешто повеќе, нешто помалку. Не сме во сè совршени, но треба да дозволиме и оние со други оценки, кои не се петка, да не ги ограничуваме во тоа што сакаат да го прават“, вели таа. Смета дека образовниот систем првично би требало да ги поттикнува децата на размислување, а не само на имплементирање готови факти.

Младиот мозок е најперспективен во адолесценцијата, па поентата е да се создадат млади луѓе што ќе размислуваат. Поголемиот дел од децата, на 15,16 години, како и нивните родители, не знаат што би сакале во животот, што е нормално. Па на 16 години и не знаат кои се. Уште се бараат. Се обидуваат да создадат некакви односи со врсниците, да го најдат своето место во друштвото, класот, семејството, па уште ако одат во училиште каде што не остваруваат успех кој од нив се очекува, тогаш се создава негативна слика за самите деца“, објаснува Додиг Ќурковиќ.

На учениците што „бркаат“ просек им препорачува релаксација, односно да пронајдат нешто што ќе ги опушти.

„Тоа е најубавиот период од животот, од 14 до 19 години, во кој уживаат само мал број деца, бидејќи сите работи им се на „ента“ позиција, од хормони, кавги со родителите, училиштето што ги нервира, очекувањата, физичкиот изглед. Многу е важно некаде да се релаксираат, но не преку слободни активности и дополнителни натпревари. Едноставно треба да одвојат време за прошетка, дружење, пријатели, тренинг, концерт“, советува докторката. А на родителите им порачува: Бидете, пред сè, родител на своето дете.

„Имаме нова генерација на родители кои многу се мешаат во односот со учителите, оценките на своите деца и кои многу често создаваат притисок споредувајќи ги со некои од врсниците или, пак, имаат страв од неуспех. По завршувањето на училиштето детето треба да носи со себе позитивни спомени, знаења кои ќе ги користи до крајот на животот. Има и хиперпродукција на одлични ученици, деца што немаат знаење што ќе им биде корисно, или вештини со кои ќе бидат добри во некој работен процес“, објаснува д-р Катарина.

„Три непријателски страни, а сите во еден кош“

Таа смета дека е важно ученикот, родителот и наставникот да бидат на иста страна.

„Имаме три непријателски страни, а сите сме во ист кош и имаме заедничка цел, детето да помине низ образовниот процес. Така и наставникот кој е оптоварен со низа други проблеми, како и мали приходи, треба да се обиде да ги стави во фокус учениците како поединци“, објаснува Додиг Ќурковиќ, напоменувајќи дека најчесто не се потребни ниту психијатри, ниту психолози, туку треба да се употреби педагошки пристап кон детето.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top