Пронаоѓањето на среќата е животна мисија, но не секогаш успешна. Навистина немам сила да ја барам за четворица. Така што моите деца ќе мора да го направат она што јас и сите други моравме да го правиме  – самите да ја бараат среќата.

Моја задача е на синовите да им обезбедам врски кои ќе им траат цел живот, луѓе на кои ќе можат да се потпрат во неволја. За тоа постојат семејствата и блиските пријатели. Но, што е уште поважно, да ги научам дека и тие треба секогаш да бидат тука за луѓето што ги сакаат.

Моја работа е да ги научам да разликуваат добро од лошо, во свет кој може да им испрати спротивни пораки. Моја задача е да се погрижам да заминат во светот што подобро воспитани и подобро подготвени.

Моја задача е да ги научам да бидат приспособливи, без да бидат оптоварени со минатото, подготвени за свет кој уште не го виделе. Моја работа е да ги научам дека понекогаш, иако ретко, излезот е во откажувањето. Не се учиме на истрајност правејќи го она што го сакаме, туку она што не го сакаме.

Родителството од нас ги бара сите физички, интелектуални и емоционални ресурси што ги поседуваме. Се работи за долг и сложен процес, а јас успеав да го направам уште потежок отколку што би требало да биде. Како родители, се уверуваме дека на нашите родители им било многу полесно, дека животот тогаш бил поедноставен и дека тие родителството го доживувале како многу помал предизвик. Мислиме дека е така затоа што времињата биле полесни и од родителите барале помалку. Но, сега е обратно. Можеби нашите родители подобро знаеле колку можат да постигнат. Можеби знаеле што е нивна задача, а што е задачата на децата.

Автор: Лиза Ендлих Хефернан, „Хафингтон пост



912

X