Најчесто родителите се соочуваат со проблем кога детето е постаро и кога контролата околу тоа што се гледа на интернет и со кого комуницира станува сè помала

Живееме во време на прогресивен технолошки напредок и уживаме во можностите што тоа ни ги нуди. Децата уште од своето раѓање се опкружени со технолошки уреди и тие веќе стануваат дел од нивното секојдневие. Нивниот позитивен аспект е тоа што служат како помагала во однос на нивниот раст и развој, но од друга страна тенка е линијата која ни покажува кога тие помагаат, а кога одмагаат.

Да се активни далеку од екраните

Ако ја заземеме перспективата на децата, тогаш некои работи што се случуваат сега би ни биле многу појасни. Родителите најчесто се радуваат и се горди кога детето уште на рана возраст ќе научи како да ракува со мобилен телефон, таблет или некој друг сличен уред. Како што расте, расте и неговата способност да го ракува уредот, а воедно тоа станува и негова најголема окупација во слободното време. Најчесто родителите се соочуваат со проблем кога детето е постаро (околу училишна возраст) и кога контролата околу тоа што се гледа на интернет и со кого комуницира станува сè помала.

Се среќавам и со родители кои на своите деца не им дозволуваат да ракуваат со мобилни телефони, таблети и да играат игри, но, сепак, кога децата ќе тргнат на училиште, за сето тоа дознаваат од другите соученици. Идејата што сакам да ја пренесам е дека контролата врз содржините што децата ги гледаат на интернет, како и допирот со игри како што се „Момо“ и „Син кит“, не треба да почне кога детето ќе се соочи со одреден вид страв или, пак, кога ќе се случи некој непријатен настан како последица на тоа.

Превенцијата треба да почне многу порано со тоа што децата ќе ги охрабруваме да бидат активни во други, корисни за нив активности, а не да бидат пасивни играјќи игри на екраните.

Опасноста што ја носат овие игри е голема од два аспекта. Предизвикуваат големи стравови кај децата, а тоа е воедно и најчест проблем кај дечињата со кои работам и го доживуваат како животозагрозувачки за нив.

Не можеме да ги одвоиме од технологијата

Апсолутно го разбирам стравот што го имаат родителите во однос на овие игри, но јас тој страв би го насочила во превенција од нивна страна. Разговорот со децата секогаш помага, па согласно нивната возраст, тие се најадекватните личности од нивната околина кои би им укажале на опасноста, но притоа и би им покажале дека имаат заштита и сигурност. Препорачувам и родителите добро да се информираат за што станува збор бидејќи стапувам во контакт и со родители кои не знаат какво значење имаат овие игри и која е опасноста што демне.

Многу суров и реален е фактот дека децата не можеме да ги одвоиме од технологијата бидејќи се растени со неа, а од друга страна ниту ние не можеме да се одвоиме од неа. Јас велам дека нема опасност додека има умереност. Затоа не велам дека користењето на уредите треба да се укине или забрани, туку умерено и контролирано да се користи и од страна на децата и од страна на родителите. Честа слика во домот е таа кога уплашениот родител забранува да се користи таблетот, но притоа додека детето се досадува, родителот е со погледот во сопствениот телефон.
Редно време е овој круг да го прекинеме, нели?
Доаѓа убаво пролетно и летно време, па можеме во секојдневието да вметнеме и други активности.
Родители, бидете креативни. За 30 минути поминати во креативна игра, децата ќе ви бидат благодарни цел живот.

Авторката е психолог, семеен и системски советник



912

X