Кога открив дека сум бремена повторно, мојот сопруг, нашата ќерка и јас живеевме со моите родители, додека нашиот дом сè уште се градеше. Да се каже дека беше стресно и хаотично – би било малку. Поминав неколку минути размислувајќи дека новото бебе можеби ќе ги комплицира работите, но возбудата брзо ги надмина грижите што ги имав. Секогаш верував дека работите се случуваат така како што треба, па ако имаме уште едно бебе, тогаш имаме уште едно бебе. Иако, многу порано отколку што мислев.

Мојот сопруг се смееше кога му кажав: „Па, ќе го сториме ова сега, нели?“ Иако бременоста беше сосема неочекувана, бевме воодушевени. Планирав да не ги споделувам вестите додека не го поминеме првиот преглед, но споделив дома со својата мајка откако таа забележа дека не пијам кафе во толкави количини повеќе. „Зошто не пиеш кафе?“, ме праша. Се свртев знаејќи дека мојата насмевка ќе ме издаде. „Едноставно така се чувствувам“, и реков. „Бремена си!“, извика таа. Нејзината возбуда беше инстантна и започна веќе да шпекулира за полот на бебето.

Ѝ кажавме и на сестра ми и толку. Само четворица знаевме. Грчевите почнаа неколку дена подоцна додека бев во шопинг со семејството. Им реков дека не се чувствувам добро и дека треба да одам дома. Откако дојдов дома, се одморав надевајќи се дека само премногу сум се изморила. Ми треба само одмор, си помислив. Но, вечерта бев сигурна дека имам спонтан абортус. Посетата на лекар и крвните анализи го потврдија мојот најлош страв – го изгубив детето. Бев како исфрлена од колосек.

Им пишав порака на мајка ми и сестра ми за да им ги соопштам вестите. „Не сакам да зборувам за тоа“, им напишав, и така и беше. Наместо зборување, јас седев сама во тивката спална соба. Прозорецот малку се отвори,  ги слушнав лисјата како шушкаат, но сè друго беше мирно. Дозволив тишината да ме обземе додека плачев.

Како што поминуваа деновите, не можев да се ослободам од вината – чувството дека јас сум виновна за тоа што се случи. Не ја очекувавме бременоста, а пред да дознаеме, јас не се грижев доволно за себе. Постојано работев, бев под стрес поради новата куќа, се грижев и трчав по енергично мало дете. Иако во минутата кога ги видов тие две линии веднаш го откажав кофеинот, почнав да јадам подобро и се одморав кога бев изморена, сепак мојот ум ми кажуваше дека било предоцна.

Бев лута на себе. Бев засрамена. Што ако мојот сопруг исто така ме обвинува? Вината го држеше моето срце како заложник – одбивајќи да ме остави да дишам, да заздравам. По неколку недели мојот сопруг и јас лежевме еден до друг во кревет, но не спиевме. „Јас сум виновна“, му реков. „Го изгубив бебето бидејќи не се грижев доволно за себе. Жал ми е“.

Бев благодарна за темнината бидејќи не можев да го погледнам в очи додека ги изговарав тие зборови. Не бев сигурна што треба да очекувам, но без двоумење тој ме повлече блиску до себе и ми шепна: „Не е твоја вина“. Со тие зборови, свиткана во неговата прегратка, се распаднав. Ја чувствував топлината од солзите на моите образи, но овој пат беше различно. Овој пат не беа придружени од вина, туку само од тага.

Некогаш се случуваат лоши работи. Некогаш навистина нема објаснување. Реално, има милион работи кои може да тргнат на лошо. Мајките се заштитнички, едноставно тоа е она што го правиме. Во моментот кога тие две розови линии се појавуваат, ние се предаваме со целото свое срце. Природно е да се чувствуваме одговорни кога нешто не оди според планот, без разлика колку контрола имаме врз ситуацијата.

Таа ноќ во темнината зборовите на мојот сопруг го најдоа патот до мојата душа, а во тој момент тој беше во право. Не беше моја вина.

Автор: Џори Варни

Извор



912

X