Многу родители и учители ги споредуваат децата и нагласуваат кој е најдобар во нешто. Иако тоа го прават со најдобри намери и со желба успехот на некое дете да ги поттикне и другите да се трудат повеќе, тоа често не се случува.

На самиот врв има место само за едно или неколку деца. Првиот во трката е победник, следните двајца сѐ уште може да се сметаат за успешни – преостанатите се губитници. Ако детето постојано го споредуваат со најдобрите, многу е веројатно дека ќе почне да се чувствува неспособно, глупаво и неуспешно и, се разбира, без самодоверба. Затоа научете го детето да се споредува само со себе, за да ги избегнете таквите негативни последици. Така, на пример, во трката детето што стигнало последно, но го постигнало својот најдобар резултат – е успешно затоа што трчало подобро од кога било.

Многумина ќе се запрашаат: „Па во што е разликата? И во едниот и во другиот случај детето стигнало последно на целта“. Разликата е во чувствата. Во првиот случај ќе се чувствува лошо, неуспешно и тоа може да го наведе да се откаже или веќе да не се труди. Во вториот случај детето сепак чувствува некаков успех и тоа може да го поттикне и натаму да се обидува („Ако досега сум напредувал, можеби и натаму ќе напредувам, па еден ден и јас ќе го освојам првото место“).

Се разбира дека на децата им е тешко да не се споредуваат со другите, а родителите многу лесно се вклучуваат во тоа. Меѓутоа, постојаното споредување и натпреварување долгорочно носи повеќе штета отколку корист. Без оглед колку детето ќе направи нешто добро, секогаш ќе постои некој што е подобар од него. Ако добие петка по математика, секогаш има некој што исто така добил петка, а истовремено оди на натпревари и освојува награди. Исто така, ако го научиме детето да се вреднува само според туѓи критериуми, тоа никогаш нема да има свои и секогаш ќе треба некој друг да му каже дали нешто направило добро или не.
Може да се случи за една грешка повеќемесечен труд да падне во вода, па детето да заклучи дека воопшто не вреди да се труди. А тоа сигурно не е ставот што му го посакуваме во животот!

Автор: Дубравка Миљковиќ и Мајда Ријавец



912

X