Наставниците и професорите се немоќни пред таа наезда на простотилаци и култура бидејќи образовниот систем со своите закони и насоки им ги врза рацете.

Просветните работници денес го изгубија сето она што им даваше авторитет, пренесува спрскиот портал „Детињарије“. Образовниот систем го изгуби својот образ. На извесен начин им се воодушевувам на луѓето што одлучиле да работат во просвета. Денес, кога целиот образовен систем го изгуби вториот дел од насловот кој го красеше пред некои 20, 30 и повеќе години.

Некогаш тоа беше „Образование и воспитување“. Е сега го нема веќе тој дел што се однесува на воспитувањето на децата, односно учениците. На наставниците со закон им е одземено правото да воспитуваат деца. Тоа право целосно им е препуштено на родителите, а тие, не сите, но многумина од нив, тоа право им го препуштаат на самите деца, сами да се воспитуваат како што знаат и умеат. Што се однесува до општеството и како тоа ги воспитува децата, тука состојбата е катастрофална и сметам дека инцидентите се случуваат токму поради општеството. На националните телевизии веќе нема образовна програма, ниту програма која би го промовирала убавото воспитување. Телевизиската програма е преполна со насилство, полна со реални шоу-програми и разни простотилаци… Тоа што се емитува на телевизиите по 24 часа дневно. Родителите кои во ова ненормално време се обидуваат да преживеат и да врзат крај со крај сѐ помалку и помалку време им посветуваат на децата и на нивното воспитување. И што се случува? Децата едноставно пример за однесување гледаат во разни ликови што ги гледаат на екраните и колку што е поголема нивната популарност, толку нивното однесување е поприфатливо за децата што растат покрај нив.

И ни се случуваат ситуации кои се пресликуваат од „Задругата“ на „Пинк ТВ“ во нашите училишта. Наставниците и професорите се немоќни пред таа наезда на простотилаци и култура, бидејќи образовниот систем со своите закони и насоки им ги врза рацете. На пример, не се во можност дури ни да го отстранат од час ученикот кој ја попречува наставата. Со тоа не само што се нарушува авторитетот на просветниот работник, туку на децата им се дава и право тие да одлучуваат кој ќе присуствува на настава и како таа ќе изгледа. Значи, наставникот не може да му го ускрати правото на настава на невоспитаното дете, но тоа дете со своето однесување може на останатите деца да им го ускрати тоа исто право. Ако сѐ се носи од дома, тогаш децата нека го носат на училиште и она што родителите им го понудиле да ги насочува во животот, а тоа дефинитивно се „Задруга“ и „Двојки“.

Децата живеат во тие реални шоу-програми бидејќи родителите им живеат едно ужасно реално-шоу во една држава која целосно е претворена токму во тоа – во реално шоу. Држава која дури и своите закони ги приспособи на тоа и на таквото однесување. Општество кое целиот систем на вредности го преврти наопаку. Замислете само колку „шлаканици“ претрпеле просветните работници, што од невоспитаните деца, што од министерството за образование. Познавам наставници кои по некои часови мора да испијат таблета за смирување за да бидат во состојба да го одржат следниот час. Доаѓаат во канцеларијата расплакани, си заминуваат дома како од некој фронт. И ве молам, не раскажувајте ми дека некогаш просветарите биле подобри, бидејќи тоа не е заслуга на тие некогашни учители и наставници, туку на самите деца, нивните родители и целото општество. Дајте им на денешните просветари такви деца, такво општество и ќе нема проблеми.

Денес, кога веќе не можат да ви ги воспитуваат децата, дозволете им барем да ги образоваат. А тие ќе можат да си ја извршат својата работа ако вие ја одработите вашата. Водете сметка што ви носат децата на училиште од дома, а наставниците – што ќе ви донесат од училиште дома. Едноставна работа.

Автор: Игор Чобановиќ

 



912

X