Проф. Горица Поповска-Налевска, доктор по педагошки науки

Проф. Горица Поповска-Налевска, доктор по педагошки науки

Повеќе од авторот

Добрата практика за надарените ученици е исто така добра практика за сите ученици во одделението

Да се препознае надареноста кај детето и да се насочи правилно за да ги развие и искористи максимално своите способности е предизвик на кој наидуваат многу наставници. Наставниот кадар во соработка со родителите е голема поддршка во насочувањето и развојот на детето, не само во стекнувањето знаења и вештини непосредно поврзани со нивниот талент, туку и во негување на сите значајни вредности во нивниот живот.

Успехот за развојот на надареноста и креативноста е заснован врз концептот на отворената настава, која подразбира максимално активирање на ученикот во самодетерминираното учење, индивидуална диференцијација, кооперативна работа, учење по пат на откривање и проективно ориентирано учење.

Наставниците што практикуваат интерактивно учење и развој на креативност, проверувањето и оценувањето го насочуваат на процесот, а не само на крајниот резултат. Во тој процес применуваат наставни техники кои се интерактивни и го ставаат ученикот во активна позиција, а на наставникот му даваат повратна информација колку содржините се усвоени и разбрани.

Добрата практика за надарените ученици е исто така добра практика за сите ученици во одделението. Наставниците можат да ги поддржат надарените ученици и да овозможат максимален напредок преку спроведување соодветни стратегии:

  • Запознавање со интересите. Секоја учебна година пожелно е учениците да пополнуваат инвентар на интереси, што ќе му помогне на наставникот соодветно приспсобување на наставната програма;
  • Организирање диференциран пристап во наставата. Се поставуваат различни задачи по тежински нивоа кои се однесуваат на истиот вид активност. Надарените и талентирани ученици можат да започнат со повисоко ниво и да ги прескокнат полесните задачи;
  • Дозволете им да избираат задачи кои ќе ги решаваат откако ќе ги завршат основните задачи. Може да им дадете избор од 4-5 посложени задачи;
  • Дозволете им како додатна активност да изберат активност што им е интересна, која не мора да биде поврзана со наставната содржина. Може да работат и на некој свој самостоен проект, на пр., ако ги интересира вселената, да направат книга за вселената;
  • Поставувајте им прашања на надарените ученици, тие сакаат да одговараат на прашања, на тој начин се овозможува да бидат поврзани со одделението и содржините што се обработуваат на часот. Останатите ученици исто така ќе учат од нив, а надарените ќе се чувствуваат важни и прифатени;
  • Надарените ученици не се добри во сè. Наставникот треба да провери дали надарениот ученик го разбрал, исто како што тоа го прави со другите ученици. Можно е надарениот ученик да не каже дека нешто не му е јасно затоа што е навикнат да го перципираат како совршен и најдобар. Секогаш има некоја област каде што надарените се помалку добри;
  • Понекогаш може да бидат исфрустрирани и да се откажат од решавањето на задачата. Навикнати се на брзо решавање и разбирање на задачата, па може да покажат склоност кон откажување. Наставникот може да им помогне со мали совети и насоки, но не и со готови одговори;
  • Обезбедете им книги и литература кои се од областа на нивниот интерес;
  • Дозволете им да ви помогнат во наставата. Надарените ученици може да бидат најдобрите асистенти на наставникот, тие сакаат да бидат во улога на наставници. На пример, нека состават квиз за другите ученици; нека презентираат активност, проект кој ќе го поврзат со наставната содржина; може да делат наставни листови и други известувања…;
  • Нека не ви пречат нивната љубопитност и нивните прашања. Тие не се обидуваат да бидат непристојни и недисциплинирани, само се многу љубопитни;
  • Информирајте ги за актуелните натпревари и дозволете им да работат на задачите за натпревар откако ќе ги завршат предвидените задачи во наставата;
  • Понудете флексибилно седење: столови што се нишаат, гумени плочки, перници, декоративни парчиња, тепих…;
  • Моделирање социјални ситуации. Социјалните ситуации можат да бидат предизвик за некои надарени ученици, кај кои постои ниско ниво на социјалните вештини. Позитивна практика е играњето улоги или симулации на реални ситуации во училницата;
  • Споделување актуелни настани. Тековните актуелни настани се важни за да се вклучат во наставните програми, на тој начин надарените можат да ги искористат своите таленти за решавање на реалните проблеми во опкружувањето;
  • Вклучување ментори. Менторот е искусно лице кое обезбедува информирање, советување, поддршка и повратна врска за менторираниот. Менторирањето е начин да се помогне во личниот и кариерниот развој на надарениот. Менторот најчесто е експерт во областа која е од интерес на надарениот ученик.

Доколку сакате учениците да бидат посветени на вашите предавања и да не се прашуваат за што ќе им користи она што го предавате, потрудете се вашите предавања да бидат привлечни и интересни, со користење разновидни наставни техники, форми, методи на работа и ИКТ во наставата. Она што го предавате направете им го разбирливо и применливо во нивниот реален живот.



912

X