Истражувањата потврдија дека постојат сигурни предвидувачи на антисоцијално однесување кај момчињата уште на возраст од две или три години. Онаму каде што тоа е поврзано со постојани проблеми во однесувањето во детството, особено во комбинација со проблеми со хиперактивност/внимание, постои асоцијација со насилството кај момчињата и нивното антисоцијално однесување во адолесценцијата и подоцна во животот, смета Тамара Николичиќ, дипломиран биолог и магистер, професор по биологија.

Треба да се каже дека проблемот со насилното однесување главно се однесува на момчињата – а тоа е затоа што истражувањето јасно покажало дека машкиот мозок е поподложен на негативни влијанија во раното детство.

Експертите посочуваат дека соодветните програми за спречување насилство треба да му дадат приоритет на развојот на емоционални вештини за саморегулирање кај момчињата – преку директна работа со нив и преку програми за обука на родителите. Позитивното родителство или посветената работа и врската со детето во рана возраст честопати се поврзуваат со подобрување на однесувањето на децата подоцна во животот.

Исто така, други истражувања ги поврзаа проблемите во развојот во раното детство со подоцнежното насилство од страна на мажите и нивното агресивно и антисоцијално однесување, особено кога станува збор за импулсивни, реактивни испади.

Влијанието на генетиката

Истражувањата за агресија кај еднојајчени близнаци наспроти двојајчени близнаци покажуваат 65 отсто наследност на агресија. Склоноста кон присуство на насилство во семејството е 50 отсто. Влијанието на генетиката е повеќе поврзано со импулсивно/реактивно насилство. Генетиката е многу комплексна – единствениот единечен ген што се појавува повеќе кај силеџиите е МАОА (моноамин оксидаза-А).

Оштетување на мозокот

Невролошко оштетување може да се забележи во неколку делови на мозокот на силеџиите, пред сè, во оние делови што се однесуваат на регулирање на емоциите, морално одлучување и контролирање на импулсот. Конкретно, намалената структура и намалениот метаболизам на гликоза често се забележани во префронталниот кортекс.

Физичко влијание

Истражувањето посочува различни физички предиктори на антисоцијално и насилно однесување подоцна во зрелоста:

– Лошата пренатална исхрана на мајката е поврзана со зголемен ризик од антисоцијално нарушување на личноста на нејзиното дете во зрелоста.

– Детската неухранетост е поврзана со агресија во детството и адолесценцијата. Една масна киселина која е клучна за развој на мозокот, омега-3, не ја произведува организмот, но е присутна во некои видови храна, како што е рибата – така што е откриено дека земјите со исхрана богата со риби имаат пониски стапки на насилство и убиства.

– Пушењето цигари за време на бременоста е поврзано со појава на агресија кај детето.

– Консумирањето алкохол за време на бременоста во многу истражувања се покажало како ризик-фактор за антисоцијално и насилно однесување на детето подоцна во зрелоста. Поврзаноста на консумирањето алкохол од страна на таткото со насилството во зрелоста е исто така присутна, веројатно преку епигенско наследување.

– Компликации при породување, како хипоксија (кога бебето е лишено од кислород при породувањето), се поврзани си насилно однесување во зрелоста.

– Изложеноста на олово е поврзана со антисоцијалното однесување и насилство кај возрасните. Оловото е невротоксичен елемент и влијае кај момчињата повеќе отколку кај девојчињата, што е уште еден показател за зголемена чувствителност на момчињата на штетни влијанија во раното детство.

– Некои трауматични повреди на мозокот се поврзани со подоцнежното насилно однесување.

Можеби не можеме да ги контролираме генските влијанија и одредено оштетување на мозокот, но затоа има многу фактори што спречуваат појава на насилство врз кои можеме да влијаеме. Важно е да се напомене дека соодветна програма за работа со деца што имаат предиспозиција и покажуваат знаци на рано насилно однесување може да обезбеди извонредни резултати. Најважниот „учител“ во целиот овој процес е родителот – тој со својата посветеност, внимание, воспитување и добри модели на однесување може да му обезбеди на своето дете добар пример на однесување подоцна во животот.

Автор: Тамара Николичиќ, дипломиран биолог и магистер, професор по биологија

Извор



912

X