Една од пораките што се пробива кон мејнстрим културата е важноста од тоа да го сакате своето дете безусловно. На таа тема се зборува во повеќе книги за развој на децата, дисциплина и родителство и тоа од добра причина: за да се развиваат, нашите деца треба да знаат дека се сакани без разлика на сè. Без тоа децата ќе почнат да се плашат да преземаат ризици и да го истражуваат светот. Ќе се плашат да прават грешки. Ќе се кријат и ќе почнат да лажат за да не се разочараме во нив. Ризикуваме да ги изгубиме довербата, отвореноста, сигурноста и најважно, блискоста. Но, има неколку работи што може да ги практикувате за да ве насочат кон примената на безусловна љубов кон децата.
Кога работите се добри
Повеќето луѓе мислат дека условното родителство е да се биде склон кон воведување дисциплина и казна, но всушност многумина од нас може да ги применуваат овие методи и за време на добрите ситуации, само на посуптилен начин. Проблемот се однесува на пофалбите. Но, што се подразбира под пофалба? Првиот проблем е тоа што пофалбата често се однесува на работите врз кои детето нема контрола, како на пример убавината и интелигенцијата. Или сте паметни или не сте, па ако се упатува пофалбата дека детето е паметно, тоа повеќе можеби да нанесе штета отколку корист, бидејќи детето ќе се плаши дека не е „доволно паметно“ за справување со одредени предизвици, а тоа не се лекциите што треба да ги научи. Потоа, пофалбата е речиси секогаш условена. Не ги пофалуваме децата за што било, па тие примаат повеќе пофалби за одредени ситуации. Имаме и тенденција да ги пофалуваме за работи кои вклучуваат успех, а не вложен труд за доаѓање до самиот успех.
Прашањето е како да се справиме со тоа. Никогаш не можете да пофалите и да се фокусирате на коментарите кои се одразуваат на детето и неговите достигнувања – „Ти успеа!“ „Како се чувствуваш поради тоа?“ – кои најчесто се препорачуваат, но многу родители се противат. Во култура која е преплавена со пофалби, навистина е тешко да се постапи така. Сакаме децата да ја чувствуваат нашата љубов кон нив, а не само да се фокусираат на своите успеси и да мислат дека од тоа зависи нашата љубов. Затоа, се препорачува реченицата: „Сакам да те гледам како…“ – бидејќи изразува поддршка, не пофалува исход, туку карактеристика, изразува љубов кон она што детето го прави и не ја прави нашата љубов условена од некој очекуван исход.
Кога работите се лоши
Во тешките времиња кога децата направиле нешто што не треба, лутината често е присутна, па родителите избувнуваат. Многумина од нас знаат дека казните не се во ред и дека на децата им е потребна поврзаноста со нас. Но, проблемот е пристигнувањето од точка А (нашите реакции) до точка Б (поврзаност, не казна).
Чекор 1: Застанете и дишете. Сериозно. Нема ништо што детето го направило да мора да реагирате веднаш, ако детето е безбедно. Дишете длабоко и затворете ги очите. Ако детето ве праша, ќе кажете дека сте се релаксирале и смирувале бидејќи сте биле вознемирени.
Чекор 2: Погледнете го детето и мислете на нешто прекрасно што го направило. Да, направило нешто лошо, но тоа не е неговата цела личност и подобро е да се одговори отколку да се реагира, а за да се стори тоа, треба да ја имаме на ум целата негова личност. Не зборувајте додека не ја имате оваа мисла на ум и ќе сфатите дека веднаш ќе настане транзиција од лутина кон некои посмирени емоции.
Чекор 3: Кажете „те сакам“ и мислете го тоа. Тоа е прекрасна мисла која е и повеќе од потребна бидејќи кога сме лути и го кажуваме ова, децата може да ја препознаат разликата. Сакаме нашите деца постојано да знаат дека ги сакаме. Нашата љубов не е условена врз основа на нивното подобрување. Нашата љубов ќе им помогне да се подобрат.
Чекор 4: Прегрнете ги. Физичкиот допир има големо позитивно влијание и може да ги смири децата, да ја намали анксиозноста и да ја подобри нивната способност да слушаат што зборуваме.
Чекор 5: Зборувајте (смирено) за она што се случило. Не е важно дали детето има 2 или 12 години, сепак, можете да зборувате за она што се случило, а вам не ви се допаѓа. Дури е и поважно помалото дете да разговара за проблемите со родителите, а не да добива казна. Ако детето не може да ја разбере дискусијата, нема да ја разбере и целта на казната.
Чекор 6: Зборувајте за идните опции. Не треба да кажете само „не“ и да очекувате детето сè да сфати само. Треба да помогнете во идентификувањето на неговото однесување и потоа да му помогнете да го поправи во иднина. Ако детето е смирено и знае дека го поддржувате, работите ќе бидат полесни.
Се разбира дека е тешко, но не е невозможно. Ако ги практикувате овие техники, сигурно ќе има резултати. Важно е да бидете фокусирани и ако згрешите, извинете се. Со сето свое срце, извинете му се на вашето дете. Не наоѓајте изговори, туку бидете искрени дека работите напорно за да се искупите и да ги подобрите работите. Не прашувајте дали детето ви простува, туку кажете: „Се надевам дека ќе ми простиш“ и ќе му го дозволите тоа кога ќе биде подготвено. Извинувањата од родителот кон детето се многу важни, а секако дека децата треба да знаат оти и родителите не се совршени.

За поголем успех, има некои работи што може да ги практикувате и да ги претворите во ваши навики, со цел да живеете живот полн со безусловна љубов кон вашите деца:
-Работете повеќе на тоа да се сакате себеси
-Одвојте време за да зборувате за добрите заеднички моменти и работите што ги сакате едни кај други
-Посветувајте си време едни на други
-Завршувајте го денот со љубов.
Некогаш звучи како да треба да се воведат многу промени, но за сè треба време, но постојано давајте си забелешки и потсетувајте се дека работите ќе се променат на подобро, но само ако работите на тоа
Автор: Трејси Кеселс