Родителите се важни учесници во воспитувањето на детето. Некогаш имаат идентични ставови по прашањето на родителството, но има и такви што со своето однесување и пример на децата им испраќаат различни, понекогаш дури и контрадикторни пораки. Така, на пример, таткото сѐ му дозволува на детето, а мајката е таа што дисциплинира. Ако во таа ситуација се вмешаат и бабата, дедото, роднина чиј праг на толеранција не е ист, настанува целосна конфузија, а детето го избира она што во тој момент повеќе му годи. Последиците од таквиот модел на воспитување можат да бидат многу штетни.

– Ако ме прашувате што е – во ситуација кога мама зборува едно, тато друго, а детето ја користи ситуацијата –постаро, кокошката или јајцето, во овој случај постара е кокошката. Тоа дете тогаш е нивен заеднички производ. Воспитувачките во градинките врз основа на детето јасно гледаат каков воспитен стил имаат неговите родители. Како што расте, му се поставуваат и други авторитети, на пример, учителката. Во 9., 10., 11. година настапува и групата врсници, детето подлегнува на тие влијанија. Заклучоците што ќе ги донесе се пресудни за неговиот натамошен живот – вели психотерапевтот Зоран Миливоевиќ.

Зоран Миливоевиќ последните дваесет години работи и како супервизор во словенечките поправни домови и има јасна и поширока слика за тоа на кој начин „современото воспитување“, кое се заснова на емоции и недостиг на дисциплина, оневозможува децата да се оспособат за самостоен живот.
– Таквите деца не се научени да бидат среќни, туку да зависат од родителите. Тие мислат дека среќата им припаѓа, а истовремено се лути на сѐ. Поради тоа, треба добро да се размисли пред да се усвојат забраните родителите телесно да ги казнуваат своите деца, а обидот на една група што се обидува телесното казнување да го изедначи со физичката злоупотреба, односно насилството, е дополнително да се ослаби моќта на родителот. Така му се врзуваат рацете, а тоа предизвикува пораст на „дивите“, разгалени и насилни генерации – напоменува Миливоевиќ.

Родител-граничар

При воспитувањето на детето може да се направат грешки на разни начини, родителите често се збунети, а Миливоевиќ вели дека најдобра формула за успешно родителство е на детето истовремено да му се дадат љубов и дисциплина.

– Љубов е кога на детето му покажувате колку го сакате и така тоа добива чувство дека му значи некому, дека поседува квалитети и поради нив е прифатено и почитувано. Дисциплината за детето претставува проблем бидејќи тоа мисли дека сѐ што е пријатно истовремено е и „корисно и безбедно“, а она што не е пријатно, сигурно е штетно. Во таа своја процена се однесува како животно. Родителите го социјализираат детето и го учат дека постојат пријатни работи што се штетни (на пример, не е добро постојано да јаде чоколадо – ќе има проблем со запчињата, а нема да јаде нешто што е многу покорисно и содржи хранливи материи што му требаат во растењето).

Детето не го разбира тоа, гледа дека нешто што му е пријатно, родителот му го забранува. Поставувањето граници е многу важно, а родителот е тој што треба да биде граничар. Проблемот настанува кога детето не ја разликува границата меѓу себе и својата желба, па кога мама нема да дозволи да ја оствари таа желба, тоа мисли дека таа го отфрла. Тогаш детето покажува дека се чувствува како да не е сакано, но родителот мора да го издржи тоа.

Вториот проблем кај дисциплинирањето настанува кога родителите од детето бараат да прави работи што не му се пријатни.
Тие сакаат да го прават она што го сакаат, а не она што треба (да мијат заби, да ги средат играчките…), родителите им се досадни, но со поставувањето такви барања децата се учат да работат. Кога ќе прифатат дека тоа мора така да биде, се создаваат работни навики и таквите активности веќе не им се непријатни на децата. Така успешно започнува процесот на социјализација.

Во дисциплинирањето влегува и казнувањето, одземањето на некои привилегии што детето и сака.

– Телесната казна се применува така што детето се удира со отворени прсти на дланката – два, три пати по газето, за да се запре некое негово однесување или непослушност. Тоа се применува во некои ситуации кога едноставно е неможно на друг начин да се покрене детето. Повеќето луѓе во својот живот добиле по задникот и речиси сите сметаат дека тоа било оправдано. Тие најчесто продолжуваат да го применуваат тоа и на своите деца.

Кога детето не сака да порасне

Постојат две типични грешки при воспитувањето на децата. Едната е кога детето не добива љубов, туку само дисциплина, и тоа најчесто е претерано послушно и истовремено е несигурно, срамежливо, а може да биде и малтретирано. На презаштитените деца постојано им било повторувано „не можеш, ти си мало, светот е опасен“. Во сето тоа детето едноставно страда.
Спротивната грешка на тоа е кога родителите даваат љубов, но немоќни се да го воспитаат детето. Кога тоа ќе ги погледне и ќе каже: „Мамо, ти не ме сакаш веќе“, тогаш мајката се чувствува виновна и вели: „Можеш да ја преминеш границата, душо, бидејќи мама те сака“. Со тоа што му дозволува да ја премине границата, таа всушност докажува дека го сака и така настанува проблемот кој е многу присутен во светот, особено во развиените земји каде што процентот на разгалени деца е уште повисок.

Според Миливоевиќ, разгаленото дете е „диво“ дете кое родителите не го контролираат, па на крајот тоа ги контролира нив.

– Како што ќе расте, тоа исто дете ќе сака да ги контролира сите други, во градинката, одделението, и така постојано, па со текот на времето се претвора во патолошки нарцис (така се нарекуваат тој тип луѓе во психоанализата). Таквите луѓе главно не работат ништо и веруваат во својата исклучителност и способности, но не се во состојба тоа да го поткрепат и со реални успеси во животот. Поради тоа се незадоволни, лошо се чувствуваат, за нив животот е само уживање и игра. Не сакаат сериозно да се врзат за некоја личност, луѓето ги третираат само како објекти.

Таквиот тип има 40 години, но не му паѓа на памет да има дете со став дека „можеби и ќе се случи тоа, некогаш“. Лошо живее самиот со себе, но и со другите. Таквиот син од 40 години живее со својата мајка, која му готви, пере, пегла, па двајцата се наоѓаат во некаква симбиоза. Мајката не го разбира, а сите потенцијални партнерки претставуваат закана за нивниот однос. Тој влегува во површни врски и постојано се прашува зошто светот не е благонаклонет кон него, кој е толку „исклучителен“. Некои одат на психотерапија ако сакаат да го променат тоа. Англичаните имале истражување на луѓе до 60 години со цел да ги проучат типовите личности. Заклучиле дека цели генерации пораснале во нарцисоидни личности и тоа е нешто за кое државата треба да се загрижи.“

Автор: Зоран Миливоевиќ, психотерапевт



912

X