Голем ден е кога детето ќе тргне на училиште, а долга е годината чија цел е да се подготви детето за училиште и да се заинтересира за него. Претшколската програма не ги подготвува децата за натпросечност, натпреварувања, реализирање на замислените амбиции на роднините. Тогаш не смее да има простор за натпреварување меѓу децата, а уште помалку меѓу родителите и градинките со различни програми. Најважната задача на претшколската програма е детето да го засака учењето. Претшколската програма има и други цели, на пр., на одморот меѓу часовите детето да се чувствува пријатно. Што е најважно? Подготовката за час или подготовката за голем одмор? И двете, но ако морам да изберам, избирам одмор.

Но, каде е јакната, како да ја закопчам побрзо, ми се одврза врвцата… самодовербата паѓа.

„Лоша ти е фризурата“.

„Зошто си толку низок?“

„Каде ја купи таа одвратна торба?“

„Не можеш да играш со нас“.

Наивно е да се очекува дека слични непријатности ќе изостанат во дијалогот со новите другарчиња. Играјте со децата улоги. Преземете ја улогата на некој што навредува, бидете груби, а во анализата по играта укажете му на детето дека тоа нема многу врска со него, туку е во дијалог со некоја невоспитана или несолена шега. Затоа, „вовлечете го“ детето во лошо друштво и заедно со него предизвикајте проблем, пред возрасна блиска личност, која во играта е директор на училиштето. Вие вешто извлечете се, а вашето дете доведете го во ситуација да ја сноси целата одговорност само. Првиот пат детето лесно ќе наседне, а наредниот пат нема. Пробајте. А ќе има и блиски средби со неправдата. Која е поентата? Кога детето ќе доживее вакво нешто на училиште, нема толку лично да ја сфати целата ситуација и ќе научи да препознае некои од непосакуваните модели на однесување и навреме ќе се тргне.

Своите вештини детето прво ќе ви ги покаже вам, па бидете реални. Ако е за пофалба – пофалете го, а ако е потпросечно, помогнете му со идеи да биде подобро. Мотивирајте го детето да се усовршува. Само сантиметар над моменталните можности. Сантиметар по сантиметар. Никако три сантиметри. Зошто? Ќе има поубави цртежи и трудови од неговите/нејзините, ќе има моменти кога другарчето од клупата ќе му каже: „Грдо е“. Детето ќе има остри критичари. Подгответе го и така амортизирајте ја ситуацијата. Секој е добар во нешто и никој не е добар во сè. Вашето дете ќе биде посреќно ако го знае тоа.

Тенка е линијата меѓу љубопитноста и прашувањето без ред и редослед. Заедно со детето утврдете ги моментите кога е во ред да поставува прашања, а кога не. Научете го детето дека тоа што неговата наставничка не ги прифаќа неговите предлози не значи дека го отфрла него. Се знае кој го води часот. Кога ќе биде време учениците да кажат што мислат и да изнесат предлози, наставничката ќе им каже.

Важно е детето да знае да каже „не, фала“ и полека почнете ја приказната за лојално пријателство во кое не е сè подредено како што сакаме ние. Некои тоа никогаш не го учат.

Луѓето се различни, а и децата се различни

Објаснете му на детето дека разновидноста на останатиот дел од светот и нема баш многу врска со него и дека не можеме да ги промениме другите. Покажете му дека некогаш некои работи ги воодушевуваат луѓето, но истовремено други луѓе ги сметаат за бесмислени. Заедно градете мали кули.

Научете го детето дека кога е во дилема, треба да си го постави прашањето: „Дали тоа има врска со мене?“ Одговорот на детето ќе му помогне да направи разлика меѓу тужибаби и оние што не се тоа. Полека научете го детето зошто е важно родителите да имаат информации за случувањата на училиште, дека и вас многу работи ви се случувале и дека заедно ќе смислите тактика за решавање на проблемите, доколку се појават. И кога ќе бидете сигурни дека детето целосно е отворено со вас, сепак, прашајте уште некој родител од одделението за верзиите на нивните деца. Секој има свои „очила“ – научете го детето да биде реално и знајте дека некои важни случувања нема да ви ги каже, за да не ве вознемири.

Во почетниот период на растење пожелно е ВОСПИТНО-образовно влијание, а во следната фаза на растењето е ОБРАЗОВНО-воспитното влијание. Едно без друго не можат, но предлогот за приоритетите е тој.

Како да ги подготвите за образовниот дел?

Лекција број 1: Нормално е да се греши, не е срамота да се праша, ниту погрешно да се одговори.

Лекција број 2: Што е најважно?! Да се труди. Постои оценка 3 како знак дека материјалот треба да се обработи различно или да се коригира моделот на учење и оценка 3 како последица од недостиг на труд и одговорност – овие две оценки значително се разликуваат.

Лекција број 3: Секој има свои права И ОДГОВОРНОСТИ.

Конкретно: Вежбајте ја концентрацијата кај децата така што ќе играте ресторан и ќе ја зголемувате нарачката или ќе им кажете да направат две, па три, па четири активности (на пример: стави ја шолјата во кујната, те молам донеси ми го телефонот и дојди да те бакнам). Бројте со децата, кажувајте ги знаците што се од левата и десната страна, па бројте наназад. Секојдневно и секаде околу вас ќе пронаоѓате можности да им го покажете изгледот на посебните симболи. Играјте ја играта „На буквата, на буквата“, заедно делете ги зборовите на слогови, барајте букви во зборовите и навикнувајте ги да седат и да разговараат, обрнете внимание на правилното држење на моливот, поттикнете го детето да илустрира песни, случувања, заедно опишувајте ги работите околу вас… тоа ќе биде сосема доволно.

Ако детето само ги надмине овие знаења – супер, ако не – не грижете се. Важно е и да пее и да трча, да прави компромиси, да мечтае, да го цени тоа што го има, да е весело, да е дете (а не дама или маж). Да плаче, да се смее, да тагува, да се радува, да го добива и да не го добива тоа што го сака. Важно е да ги запознае и прифати сите видови емоции како составен дел од убавиот живот.

При оценувањето на наставничката, најголемо внимание обрнете на влијанието на методите што ги користи, на самодовербата на вашето дете и односот кон училиштето воопшто. Ако имате дилеми околу програмите, посоветувајте се со стручно лице. Диктатите, составите, имаат своја смисла и не подразбираат читање и пишување пред училиште. Во прво одделение нема оценки. На училиште прво се оценува напредокот, па тие оценки би биле нереални поради различните нивоа на предзнаење.

Раскажувајте им за вашите спомени од училиште, запознајте ги со пријателите од тој период, ако сте во контакт со нив. Кажете им дека и вие грешевте, признајте им го тоа со рационална селекција на информациите.

Во текот на целиот родителски стаж, приоритет се зборовите, покажувањето и докажувањето на детето дека во секој момент е силно, најсилно прифатено и сакано со сите негови несовршености и доблести.

Среќно и храбро, бидејќи програмата е таква каква што е, а нашите деца можат да ја совладаат.

Автор: Снежана Голиќ, педагог



912

X