Што ако еден ден нашето дете рече: „Не сакам да живеам“, „Мојот живот нема никаква смисла“ или „Ако не ми дадеш пари, ќе се убијам, бидејќи сите имаат, а само јас немам?“ Како родители сме свесни дека на детето и тоа може да му падне на ум и стравуваме од тоа. А како да ѝ се пристапи на оваа тешка тема, како да се реагира ако детето каже нешто од наведеното, зборуваат психологот и психотерапевт Милица Чучуз-Оклијевиќ и педагогот Снежана Голиќ во емисија за родители.
Она што е најлоша можна реакција на родителите е да се запрашаат дали заканите да ги сфатат сериозно или не, вели Чучуз-Оклијевиќ.
– Тоа е прашање што никогаш не смееме да си го поставиме бидејќи можеме да изгубиме скапоцено време за реакција. Овде не се поставува прашањето што е подобро да се направи, туку што ќе направи помала штета, а многу подобро е да изреагираме, а не било сериозно. Секое размислување на детето за самоубиство, или реченица дека сака да го заврши животот, или повлекување во себе, или дружење со деца кои зборуваат за тоа, или ако влезете во историјата на неговите пребарувања на интернет и гледате дека читало нешто на тема самоубиство – а на интернет постои многу „убав“ прирачник за самоубиство на српски јазик – тоа се причини за веднаш и секогаш да се реагира.
Таа предупредува дека не е задача на родителот на проценува колку е сериозно детето во својата намера, туку тоа е задача исклучиво на професионалец – психолог или детски психијатар.
Пораката е – не смее да се минимизира. Со тоа што реагираме нема да влијаеме врз тоа кај детето да се разбуди желба за овој чин.
– Има деца што ни мавтаат пред лице со таа приказна за самоубиство многу манипулативно – кога и да е тешко, тие го вадат тоа на површина. Меѓутоа, ако родителите го земат детето за рака и му речат: „Разбирам, нешто се случува и сега ќе го направиме она што е последица на тоа однесување – и детето да го понесеме низ цел систем – одење на психијатар, престој таму, испитувања, истражувања, потоа на детето кое навистина манипулирало нема веќе да му падне на ум да направи такво нешто затоа што последицата за него е многу непријатна. А доколку тоа дете е она што навистина има суицидни мисли, тогаш е на вистинското место каде што може да добие помош.
– Децата денес се изложени на теророт на среќа, доколку претерано отворат профили на социјалните мрежи, како „Инстаграм“, каде што сите се среќни, весели, сè е радосно, а потоа дома се борат со сето она што им се случува во телото, семејството, во тој некој чувствителен период – додава Снежана Голиќ.
– Младите имаат природна и здрава потреба да се одвојуваат од родителите, но истовремено имаат и потреба да припаѓаат негде. Доколку одвојувајќи се од нас не пронаоѓаат некое место каде што им е удобно, тогаш навистина може да дојде до проблеми. Она што е карактеристично за младите што размислуваат за самоубиство е дека тие навистина сакаат да исчезнат – но, на одредено време. Тие сакаат да исчезнат додека тоа не помине, тоа што во моментот им се случува – вели Милица Чучуз-Оклијевиќ.

Што е тоа што води кон суицидност кај младите?
– Во основа самоубиството е чувство на самоомраза и самопрезир. Суицидната личност од некоја причина не се сака себеси доволно за да живее. Од друга страна, тука е и нејзината нестабилност, брзина, промена на хормони, тоа што не размислува на долги патеки, но и чувството дека нема некој што ѝ го чува грбот“.
– Поради тоа, многу е важно на детето постојано да му испраќаме порака дека секој проблем има решение, дека тагата е нормална и здрава емоција. Кога се плашиме од детската тага и не им дозволуваме на децата никогаш да не бидат тажни, ги правиме неспремни за еден ден да ја искусат оваа емоција. Наместо во текот на детството да вежбаат со мали тегови, тие се наоѓаат во ситуација одеднаш да добијат 100 килограми и тегот ги совладува -вели Снежана Голиќ.
Посебен проблем е тагата и момчињата, објаснува Милица Чучуз-Оклијевиќ. Тие од општеството учат дека момчето не треба да биде тажно, но и дека е сосема во ред да биде луто. Тие чувства се тешки, но се природни и единствено што родителот треба да го интересира е дали чувството е соодветно на случувањата или не е.
Ова е целата емисија на тема тинејџери и суицидни мисли: