Стапката на наталитет во Сингапур е предмет за загрижување. Добрата вест е што во некои семејства има поголема волја за 3 или 4 деца – знам и неколку такви мои пријатели. Но, оние што сакаат само 2, едно или пак ниту едно дете сè уште се мнозинство. Владата обезбедува финансиска помош за двојките за да ги охрабрат да имаат повеќе бебиња. Тоа е добра мерка.
Но, како мајка на две момчиња, открив дека иако парите се важни, најголема главоболка што се јавува кај родителите е предизвикана од нешто друго, особено во денешното општество каде што најчесто двајцата родители работат. Прашајте кој било вработен родител што има дете под 10 години за тоа што му предизвикува најголема главоболка. Тоа е кога детето е болно, особено по работните часови. Полошо е кога по едното и другото се разболува.
Патот до „КК болница за жени и деца“, без разлика дали во текот на денот или ноќта, вообичаено трае од 4 до 6 часа. Да чекате долго време со дете што гори од температура и ви плаче во рацете, не е воопшто добро чувство. Се чувствувате изгубени, исплашени и фрустрирани, додека лекарите и медицинските сестри ви се далеку од допир. Следниот ден, едниот родител мора да остане дома со детето – ако нема некој друг што може да помогне, бидејќи детските центри не примаат болни деца. Работата на родителот е прекината, тој се чувствува изморен, а ако е нов родител, тогаш може да биде несигурен во однос на тоа што го прави.
Една област во која владината структура во една земја може навистина да обезбеди помош е во однос на здравствената грижа за децата. Педијатрите треба да бидат достапни во поликлиниките. Треба да се обезбеди подобра информираност за тоа каде може да се најде педијатар по работните часови: Треба и да се обезбеди систем кој нема да дозволи долги редици и чекања за преглед.
Еден од начините да се помогне кога детето се разболува е да им се даде на родителите поддршка за да ја имаат довербата дека детето е во добри раце, а тие да имаат кратка пауза. Ова може да се оствари во форма на установа, предводена од професионалци, каде што болните деца може да бидат оставени за родителите да се одморат, или пак да има оддел во центрите за деца каде што ќе се згрижат децата. Друга опција е да се одреди квалификувана личност која би можела да врши домашни посети за да го прегледа болното дете.
Ваквите политики би довеле до позитивни промени во светот, особено за младите семејства на кои ваквата поддршка им е повеќе од потребна – кога знаете дека ако детето ви е болно, ќе добиете помош. Време е да се грижиме за децата, а не само за статистиките.
Автор: Џезмин Тај