Детските испади на бес го тестираат трпението на родителите, но детските психотерапевти и автори на неколку бестселери за родителството и детското однесување, Хедер Турџон и Џули Рајт, одлучија со родителите да споделат неколку совети за да им помогнат што подобро да реагираат на испадите на бес на нивните деца.
– Би сакале да именуваме некои традиционални начини на реакции на детските испади на бес. Можеби ви е кажано да ги игнорирате испадите за тие да поминат. Идејата е дека вниманието посветено на децата што се вознемирени е награда за нивното однесување. Но, ние воопшто не се согласуваме со тоа бидејќи нема смисла. Кога на детето му е тешко (дури и кога се чини целосно нерационално), тоа ни кажува дека сме му потребни. Игнорирањето, казнувањето или давањето „пауза“ е спротивно од тоа бидејќи ги прави изолирани, усрамени и исклучени.
Бидејќи испадите на бес се израз на емоции и мисли, но и дисрегулација на нервниот систем, морате да му помогнете на детето да го регулира. Како ќе го направите тоа, зависи од моментот и од личноста на вашето дете. Ако детето прифати да го носите, прегрнете го или ставете ги рацете на неговите рамена за да му дадете до знаење колку е вознемирено. Гушкањето им помага на децата да си дојдат при себе. Ако вашето дете е такво, можете да го прашате: „Може да те прегрнам?“
Клучот за успех: Тука сум за тебе
Но, на многу деца им е потребен простор за да се справат со емоционалните бранови. Некои деца не сакаат некој да ги допира кога се вознемирени. Ако детето е вознемирено поради вас – тогаш веројатно не сака да го прегрнете. Ако забележите дека детето е „недостапно“ и не помага ништо што му кажувате или правите, дајте му простор. Кажете нешто како: „Те сфаќам. Навистина ги сакаше коцките, но јас ги тргнав бидејќи не се за фрлање. Но, те сфаќам“. (Не давајте му ги коцките, но дајте му на детето до знаење дека ги разбирате неговите чувства).
Можете да останете во истата соба или малку да се оддалечите, па одвреме-навреме да го проверувате за да му дадете до знаење дека сте во близина. Ова не е казна. Но, ако го направите ова на лут и фрустрирачки начин – ја уништувате смислата на дозволување и ослободување на емоциите на детето. Детето тогаш може да почне да плаче погласно и подолго поради вашата нетрпелива или ненадејна реакција.
Ако детето е во можност да слуша и да не плаче многу – продолжете да зборувате. Кога ќе се приспособите, поставете граница и префрлете се на решавање на проблемот. На пример:
Приспособување – „Гледам и слушам сè. Вознемирен си бидејќи не можеш да добиеш благо. Знам дека го сакаш“.
Поставување граници – „Но, сега не е време за благо бидејќи ќе вечераме“.
Решавање на проблемот – „Во ред, сега ќе те оставам на мир, но кога ќе бидеш подготвен, дојди кај мене бидејќи имам некои идеи“.
Приспособување – „Сфаќам, гледам колку си тажен бидејќи не можеш да одиш кај Тино да играш. Знам дека се радуваше за тоа“.
Поставување граници – „Но, за жал, денес не можеш да одиш. Имаш премногу задачи и треба да вежбаш математика“.
Решавање на проблемот – „Јас ќе бидам во кујната и кога ќе бидеш подготвен, дојди да направиме план за играње кај Тино за некој друг ден оваа недела“.
Што со „манипулативните“ испади на бес?
Секако, дефинитивно постојат моменти кога децата викаат и плачат намерно, на пример, кога се обидуваат да го променат вашето мислење. Во тие моменти фокусирајте се на цврстите граници наместо на нежните физички допири или помош за регулирање на емоциите.
Сепак, и понатаму поттикнуваме да користите слична аналогија, дури и со манипулативни испади на бес. Обидете се да се прашате што се крие зад детското однесување. Дали детето е во некоја борба за моќ со вас или братот/сестрата? Дали детето е преплавено со чувства, уморно или има многу активности и обврски? Дали можеби денес во градинка или на училиште се чувствувало исклучено или можеби се скарало со некој?
Поентата на реакцијата на сите видови испади на бес е одлучност и држење граница. На тој начин никогаш не мора да бидете лути или да давате отпор – едноставно треба да останете цврсти и да ги прифатите големите чувства. Работата на детето е да ги тестира вашите граници, но со текот на времето децата ќе научат дека кога ги поставувате границите, треба да се држите до нив.