Во последните неколку месеци речиси секојдневно налетувам на луѓе на кои со задоволство би им ја фатила раката во лет, кренатиот прст би им го свиткала надолу, молчејќи би им се внела в лице. Тие луѓе сигурно не се доживуваат себеси како малтретирачи на деца, но погледот од малите очи и стравот во нив, телата застанати во одбранбен став, тоа што ги боли, а немаат каде да се засолнат, во тие моменти во моите очи тие се манијаци.

Тука е и онаа жена што во продавница не сакаше да му ја пушти раката на детето за да не чепне нешто. Го стегна толку многу, што почна да плаче од болка и молеше да го пушти: „Нема ништо да чепнам, само пушти ми ја раката, те молам пушти ме, многу ме боли“, а таа глумеше педагог пред касиерката и му се обраќаше студено, од високо: „Нема тоа да ти помине кај мене, однесувај се убаво“. Ја погледнувам раката на детето, гледам дека му е стопирана циркулацијата, па уште и му ги зарила канџите во кожата. Се обидувам да ја спречам крвта што ми надоаѓа во главата и ѝ велам: „Па зошто не го пуштите барем малку, накратко, сигурно е добро момче“, а таа ми одговори: „Гледај си ја твојата работа!“

Потоа во трговскиот центар слушнав цивкање, и гледам татко кој го однел детето во некој премин за никој да не ги види, се надвиснал над него, а малиот (ама баш мало момче) се покрил со рацете преку глава, овој му се заканува нешто, па потоа го удри, па пак му се заканува, па на крајот му рече: „Дали разбра сега, дали се договоривме?“ Не сте се договориле, туку ти го исплеска и му се закануваше со којзнае што. Ништо вие не се договоривте!

Еднаш застанав една баба која држеше в раце дете од две години и го тепаше по главата, а тоа болно ја повикуваше мајка си. Силно го маваше и му се дереше да престане. Кога ѝ се заканив дека ќе ѝ ги скршам рацете ако го удри уште еднаш, престана и ми рече: „Гледај си ја твојата работа“. Но, престана. Продолжив и се скрив зад аголот, па ѕиркав да видам дали ќе продолжи да го прави истото. Не го тепаше повеќе.

Сè почесто слушам родители како ги нарекуваат своите деца со погрдни зборови и ги пцујат. Слушнав и една мајка која на својата ќерка ѝ објаснуваше дека другарка ѝ од градинка е крава затоа што ја излажала да не го проба ручекот, а воспитувачката е кретен зашто не ја натерала да јаде. И потоа ѝ викаше на ќерка си дека е глупачка која сите можат да ја зезнат.

И навистина сè повеќе гледам такви манијаци, ги има многу повеќе од оние што имаат трпение, волја, памет, хумор да ги одгледуваат децата со голема љубов и авторитет.

Нема совршени родители. Исто така, нема оправдување да тепате, пцуете, навредувате, да се дерете и да им се заканувате на вашите мали деца. Не треба врз нив да ги истресувате своите фрустрации и незадоволства. Најдете си рамни на себе, лекувајте се ако сте преоптоварени и неспособни да го артикулирате животот. Сите луѓе го губат трпението, колку пати нервозна сум се вратила од работа и сум викала поради глупости… па потоа се извинував.., но постојат граници, и во нападите на бес мора да постојат.

Во спротивно, немојте да глумите дека сте изненадени кога одеднаш ќе добиете повик од учителката, која ви вели дека вашето дете му ја дупнало главата на некој другар. Не одговарајте ѝ: „Невозможно, никогаш не бил таков“. Не бил, вие сте го направиле!

Автор: Ивана Стојанов



912

X