Воспитување

На децата секогаш треба да им се кажува вистината – од тоа зависи нивното разбирање на поимите лага и вистина

Постојат значителни индивидуални разлики меѓу децата, и во однос на возраста кога ќе почнат да лажат и во однос на зачестеноста на користењето лаги. Експертите потсетуваат дека децата лажат поради повеќе фактори, различни мотиви и интензитет, а еден од важните фактори е дали ние ги лажеме, во кои ситуации и зошто. Не е лесно да се одреди типична возраст во која децата го учат значењето на зборот „лага“, ниту пак кога се доволно зрели за да можат, ако сакаат, да користат лага без да бидат свесни за тоа. Сè е индивидуално.

Препораката на психолозите е дека ние треба секогаш да им ја кажуваме на вистината, дури и кога мислиме дека ќе ги заштитиме ако „заобиколиме“ нешто.

Ситните манипулации почнуваат во раното детство

Вонредната професорка на Учителскиот факултет во Белград и психолог Невена Буџевац вели дека според голем број истражувања, децата на возраст над четири години развиваат теорија на умот, односно способност да разберат што можат другите да знаат за некој настан (во зависност од тоа дали биле присутни кога нешто се случило) и да постапуваат соодветно (на пример, да чекаат некој да ја напушти просторијата за да скрие нешто или да направат нешто што тие знаат дека тоа лице не го одобрува). Сепак, таа додава дека од секојдневното искуство со деца на возраст под четири години, веќе може да се види дека тие почнуваат да користат ситни лаги и манипулации многу порано (на возраст од две или три години), со цел да задоволат некои од нивните сегашни потреби.

Кои се најчестите причини за лажењето?

Според Невена Буџевац, причините за овој феномен можат да се поделат на внатрешни (тие имаат врска со развојните карактеристики на возраста на детето или моменталната емоционална состојба) и надворешни (оние што се однесуваат на животната средина на детето, односот на важните луѓе со детето). Кога станува збор за внатрешните фактори, Буџевац објаснува дека тие можат да бидат некои од следниве:

– Детето не разликува фантазија од реалност (тоа не се вистински лаги, иако возрасните често ги мешаат со лаги, затоа што детето кажува нешто што не е точно, но треба да се има предвид дека тука детето нема намера да лаже или манипулира и ни самото не знае што е вистина);

– Детето не ги разбира добро настаните и ситуациите и/или нешто што некој го кажал, па потоа конструира нешто што не одговара на вистината;

– Детето се обидува да задоволи некои од неговите потреби (да се обиде да привлече нечие внимание, ако не се чувствува доволно прифатено од важни луѓе: родители, воспитувачи, врсници);

– Детето сè уште не прави разлика помеѓу добро и лошо, односно кај него не е развиено внатрешното чувство за тоа што е правилно, а што не.

Отпорност кон строгоста и заобиколување на правилата

Што се однесува до надворешните причини, Невена особено укажува на онаа што е често застапена, а за која возрасните обично не се свесни.

– Станува збор за деца кои реагираат на прекумерна строгост и силни забрани со разни видови непожелно однесување, како што се лажење и обвинување други. На крајот на краиштата, и возрасните го прават истото. Ако некој е премногу строг и воспостави правила што ви е тешко да ги исполните, или од ваша перспектива тие правила не изгледаат значајни и разумни, ќе реагирате со отпор, ќе се обидете да ги „заобиколите“ на некој начин. Истражувањата покажуваат дека децата на авторитарни воспитувачи, наставници и родители се повеќе склони да користат лаги, со цел да се заштитат од казните што овие луѓе често ги користат за децата. И тогаш истите тие возрасни реагираат на појавата на лаги со уште поголема сериозност и уште посилни забрани, што само го засилува непожелното однесување на децата, што вклучува и лажење – вели Невена.

Аларм за родителите дека детето сепак намерно лаже

– Понекогаш станува збор за целосно безопасни приказни во кои се преплетуваат имагинацијата и реалноста. Детето комбинира неколку неверојатни приказни со елементи на она што се случило и го прераскажува, но може да се види дека нема никакви конкретни придобивки, во смисла дека се обидува да манипулира со некого и на тој начин да добие нешто за себе. Ова потоа се повторува во различни ситуации, може да вклучува различни содржини, но е повеќе или помалку слично и безопасно. Од друга страна, кога постои намера да лаже, тогаш постои јасна цел со која го прави тоа, односно придобивката што ја има од лажењето (колку и да изгледа банална од гледна точка на возрасните) – објаснува професорката Невена.

На прашањето дали децата прават разлика помеѓу таканаречените „бели лаги“, таа вели дека тоа првенствено зависи од возраста и дека помладите деца (3-4 години) најверојатно не можат да направат разлика, но дека со возраста можноста за процена расте.

Присуството на родителите е клучно во одлучувањето за потребата од стручна помош

Дали има ограничување кога е јасно дека треба да се вклучи експерт и кога е тој момент? И тука, заклучокот е, како и во другите обрасци на несакано однесување, сè се сведува на соодветна родителска поддршка и посветеност, а Буџевац посочува дека секој родител има некакво внатрешно чувство и „тежина“ што ја мери количината на загриженост.

Возрасните се модел на однесување за децата

Не е невообичаено родителите да прибегнуваат кон лаги, без разлика дали се работи за некои секојдневни ситуации („Ако го изедеш ова, ќе излезеш надвор“ – а потоа ова не се случува), или во некои други, посериозни случаи. Буџевац потврдува дека ова може да предизвика лажење кај децата бидејќи возрасните се многу моќни примери за нив.

– Ова не значи само родителите, туку и наставниците и воспитувачите, и сите оние што претставуваат важни луѓе за децата. Во тој контекст, многу е поважно што правиме отколку што им кажуваме дека треба да прават. Децата секогаш ќе настојуваат да ги повторуваат обрасците на однесување – предупредува професорката Невена.

Зошто е важно на децата да им се кажува вистината, дури и кога се во прашање трагични работи?

– Сите знаеме колку е тешко кога се губи нечија доверба, а тука зборуваме за доверба во луѓе кои се апсолутно најважни за детето. Ние ги штитиме децата од тешки ситуации обезбедувајќи им емоционална и каква било друга поддршка за надминување на тешка ситуација, а не со лажење. Значи, ако станува збор за смрт на блиска личност, нема потреба да се кажуваат работи од типот – „отиде на патување“ и слично, бидејќи детето тогаш ќе живее во постојано исчекување и повторено разочарување дека таа личност не се појавува. Секако, можеме (и во некои ситуации треба) да ги скриеме деталите од детето што дополнително би го трауматизирале (за околностите во кои некој починал, на пример), но мора да најдеме начин да кажеме клучни информации – советува Буџевац.

„Мамо, дали ќе умреш?“

– На пример, мојот четиригодишен син повремено ме прашува: „Мамо, дали ќе умреш?“ Иако не може целосно да разбере што е смрт, тој знае дека луѓето умираат и природно е да поставуваат прашања за тоа. Јас секогаш му велам нешто како: – Да, душо, но имаме уште многу време да бидеме заедно, многу“. Затоа, секогаш се трудам да бидам утешителна. Ова му помага да се соочи со развојниот страв што природно се јавува на таа возраст во заштитено опкружување. Возрасните се збунети во овие ситуации, а потоа одбиваат да зборуваат за тешки или табу-теми, или му кажуваат на детето лага – објаснува професорката.

Децата не треба да се чуваат „под стаклено ѕвоно“

– Таа потреба за заштита на децата во никој случај не треба да нè натера да ги чуваме „под стаклено ѕвоно“ бидејќи има лош ефект. Освен што ги штитиме, нашите важни воспитни задачи се да ги подготвиме за она што претстои во животот, како и да обезбедиме тие постепено да ги надминат развојните стравови и да прераснат во стабилни личности. И тоа никогаш не може да се постигне со лажење – објаснува психологот Невена Буџевац.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top