Одвраќањето на вниманието е една од омилените тактики на родителите кога сакаат да го одвратат детето од некоја намера, доживување, чувства. Често се користи, но оваа тактика ретко кога е соодветна бидејќи одвраќањето на вниманието е трик, а манипулацијата долгорочно гледано нема да му помогне на детето да развие способност да биде среќно. Ако погледнете бебе или мало дете в очи, нема да видите ништо друго освен искреност. Затоа децата, без разлика на тоа колку години имаат, не заслужуваат ништо помалку од нас. Одвраќањето на вниманието е манипулација, а исто така и ја навредува детската интелигенција.

Каква порака испраќаме со одвраќањето на вниманието?

Замислете да паднете и да се повредите. Како ќе се чувствувате ако некој што во тој момент е покрај вас, наместо да покаже заинтересираност или загриженост, се обидува да ви понуди колаче или видеоигра кога ќе дојдете дома? Или, нова шминка, ако сакате работите да ги преведеме на јазикот на возрасните. Ситуации во кои одвраќањето на вниманието е прифатливо постојат, но не треба да бидат со цел манипулација. Ако, на пример, вашето дете треба да биде подложено на некој медицински зафат, нема ништо лошо во тоа да му кажете дека полесно ќе го поднесе ако наместо на инјекцијата, се концентрира на тоа како го галите по челото. Ова не е измама. Детето знае што ќе се случи и свесно е за тоа одвраќање на вниманието како начин да му се пружи утеха.

Вашето дете веројатно ќе се однесува кон вас така како што вие се однесувате кон него. Ни вам не би ви се допаднало кога ќе го прашате за оценките на училиште, тоа да ви каже: „Гледај, верверичка.“ Освен тоа, ако вашето дете сака нешто да земе, а вие не сакате, како што се клучевите од автомобилот, тоа мора да научи дека не смее да ги зема, а не привремено да му биде одвратено вниманието од нив. Мора да слушне дека не сакате да си игра со клучевите. Наместо одвраќање на вниманието со фрустрација, можете да му олесните така што ќе му кажете: „Се лутиш затоа што не ти ги давам клучевите. Гледам дека си бесен поради тоа.“ Ако мирно ги прифатите чувствата на детето, тогаш и тоа ќе научи така да ги прифаќа. Тој процес сигурно е подолг од одвраќање на вниманието, но со вложеното време ќе му помогнете на детето да ги интернализира овие вештини. Вам, како на возрасна личност, не ви се чини крај на светот што не можете да одите на работа со својата мајка, но малото дете може така да го доживее тоа. Што би требало да направите ако детето неутешно плаче во ситуации кога треба да тргнете на работа? Прво, не покажувајте несигурност при тргнувањето. Детето ќе се чувствува побезбедно ако вие сте смирени и оптимистични. Важно е да не се искраднете, да не кревате паника и да не го игнорирате страдањето на детето. Уважете ги чувствата на детето, прегрнете го и со благ глас кажете му нешто како: „Гледам дека не сакаш да одам на работа, но да знаеш дека ќе се вратам пред попладневната ужина.“

Кога ќе размислиме подобро, природно е да бидеме тажни кога си оди некој што го сакаме. Оној што останува со детето би требало да покаже разбирање и да каже нешто како: „Не сакаше мама да оди и сега си тажен. Но, мама ќе дојде пред попладневната ужина.“ Не би требало да се остава детето да плаче само, ниту да му се одвраќа вниманието, да го замолчувате или да му зборувате дека не треба да го чувствува тоа што го чувствува. Би требало да му се понуди прегратка. По некое време детето веројатно ќе се заигра, а личноста што се грижи за него може да му предложи некоја активност. Замислете како би се чувствувале ако ви недостига некој што го сакате, мислите дека не можете да преживеете без него и во тој момент за вас да се грижи некој што ги занемарува вашите чувства. Дури откако ќе ги изразите чувствата и донекаде ќе се помирите со ситуацијата, ќе бидете подготвени да прифатите нова активност. Тоа е многу поразлично отколку некој да ви понуди да гледате серија или да играте друштвена игра додека страдате.

Извадок од книгата на Филипе Пери – „Да ја имаат прочитано оваа книга вашите родители“ .

Извор



912

X