Кај едно дете и воспитувачка во градинката „Весели цветови“ во Кисела Вода е изолирана бактеријата МРСА (Methicillin-resistant Staphylococcus aureus), потврдуваат во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ). Родители на деца што го посетуваат клонот „Кокиче“ се загрижени, но таму денеска вообичаено се примаат и се згрижуваат деца. Дека нема простор за паника, нагласуваат и во ЦЈЗ.

– Наша екипа беше во градинката. Направен е епидемиолошки увид и дадени се препораки. Екипата увиде дека хигиената во градинката е на високо ниво, но, сепак, им беше дадена препорака уште еднаш да дезинфицираат простории, играчки и работни површини. МРСА е изолирана кај една воспитувачка и едно дете. Одвреме-навреме има МРСА не само во градинки, туку и надвор од нив, меѓу возрасни луѓе – информираат од епидемиолошкото одделение во ЦЈЗ.

Оттаму апелираат да не се крева паника бидејќи МРСА не е опасна за луѓе со нормален имунитет.

– Ако се појави кај пациенти што долго време лежеле во болница, таму веќе може да биде опасна. Освен за нив, може да е опасна и за новороденчиња. Се лекува со антибиотска терапија – додаваат епидемиолози.

Минатата зима Државниот здравствен и санитарен инспекторат регистрира четири заразени лица со оваа бактерија во градинка „Снежана“ во Чаир и во основното училиште „Панајот Гиновски“. Микробиологот проф. д-р Никола Пановски тогаш за „Деца.мк“ објасни дека сите бактерии се смртоносни, но сè зависи од самиот човек и дека тие предизвикуваат болести пред сè кај луѓе што веќе се болни од нешто друго.

– Бактеријата предизвикува болести пред сè кај луѓе болни од нешто друго, т.е. кај оние со паднат имунитет. Ако бактеријата МРСА е изолирана во градинка или во училиште, не е опасна и не знам зошто би се сметала за опасна. Стафилококни бактерии во носот имаат 30 отсто од населението, а најчесто децата. МРСА е стафилококна бактерија, само што е поотпорна на антибиотици. Не предизвикува болест кај здрави деца. Треба да има повреда, рана за да биде опасна. Опасно е да ја има на рацете или во носот некој што работи во болница, или на пример на интензивна нега, со тешко болни пациенти – објасни професорот.



912

X