ПРАШАЊЕ: Мојата 7,5-годишна ќерка се плаши да седи сама дома и се плаши да оди некаде сама. Вели дека овој страв ѝ е појавен кога беа на екскурзија во зоолошка и не можела да го најде учителот. Сега сака да е сигурна со некого. Кога излегувам од соба, вика по мене да биде сигурна дека сум тука, а понекогаш сама оди горе во својата соба и дури заспива сама. Овој проблем трае веќе еден месец. Не знам дали да чекам да ѝ помине или да побарам стручна помош. Во текот на денот игра, чита, весела е, но овој страв не ми се допаѓа.
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Од она што го опишавте, однесувањето на вашето дете е сосема нормално и разбирливо по случката во зоолошката градина. За детето, губењето на сигурната фигура во непозната средина предизвикува силен и многу интензивен страв од напуштање и чувство на немоќ, т.е. тоа е вистинска траума за него. Ова искуство кај вашето девојче оставило „печат“ кој потоа предизвикал анксиозност од одвојување. Детето почнува привремено да бара поголема сигурност и физичко присуство на познатите возрасни, особено на родителите, дури и во ситуации што немаат никаква врска со првобитниот настан.
Многу е добро што таа не е повлечена, весела е, си игра и чита, самата оди горе во својата соба и дури заспива сама – тоа е одличен знак! Но, нејзиниот „систем за аларм“ сега е пречувствителен. Таа има потреба постојано да проверува дали сте тука бидејќи нејзината потсвест сака да спречи повторно да се случи она што се случило.
Тоа ни кажува дека таа има внатрешни капацитети за самостојност. Стравот најчесто се јавува кога вие „ненајавено“ излегувате од просторијата бидејќи тоа ја потсетува на моментот кога наставникот „исчезнал“. Кога таа сама одлучува да отиде горе, ја има контролата и затоа не се плаши.
Обидете се да го прифатите нејзиното чувство. Помогнете ѝ да го именува својот страв. Можете да разговарате, на пр: „Се сеќавам дека во зоолошката за момент не можеше да го најдеш учителот, како се чувствуваше тогаш, дали се уплаши? Дали мислиш дека оттогаш се плашиш кога не можеш веднаш да ме видиш?“ Кога на детето ќе му се потврди стравот и ќе зборува за него, тој полека ќе станува помалку страшен и полесен за разбирање.
Избегнувајте да ѝ велите „Нема од што да се плашиш“ бидејќи за детето стравот е реален, но можете да кажете: „Разбирам дека ти е тешко кога не ме гледаш веднаш. По тоа што ти се случи, сосема е нормално така да се чувствуваш. Јас сум тука.“
Почнете да го најавувајте вашето движење. Вежбајте низ игра: „Сега ќе отидам во другата соба на 2 минути, а ти нацртај ми нешто додека се вратам“, па постепено зголемувајте го времето.
Вежбајте „што ако“ сценарија низ игра, на оваа возраст преку играње улоги или измислени приказни децата многу полесно комуницираат: „Замисли дека играчката зајаче за момент не може да ја најде мајката во продавницата. Што мислиш, што треба да направи зајачето?“
Разговарајте за ситуации „кога ме нема или ако се изгубам“ и направете едноставно правило: „Ако некогаш не можеш да ме најдеш, застани на местото каде што си и побарај помош од возрасен, викни и прашај“.
Со оглед на тоа што поминал еден месец, а стравот сепак не бледнее, препорачувам да пробате со горенаведените чекори дома во следните две до три недели и следете дали стравот полека се намалува. Доколку не се намалува, а почнува и да му пречи на детето во неговото функционирање, ако не може да заспие или бара целосно присуство од вас, тогаш би било добро да побарате помош од стручно лице.
Верувам дека со вашата смиреност, трпение и постепено охрабрување, овој страв ќе почне полека да се намалува.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova