И покрај тоа што се вообичаени, мигрените сè уште често се погрешно разбрани, особено кога се во прашање децата.

„Децата може да добијат мигрена. Најмалото дете на кое му дијагностицирав имаше 18 месеци, но вообичаената возраст е помеѓу 6 и 15 години. Свеста за мигрената стана толку изразена кај возрасните, што понекогаш забораваме на децата, па таа често останува недијагностицирана“, вели педијатрискиот невролог д-р Ариф Кан.

Дали децата ги имаат истите симптоми на мигрена како возрасните?

Препознавањето на мигрената кај децата може да биде потешко отколку кај возрасните. „Ако прашате возрасен како се чувствува кога има мигрена, ќе каже дека тоа е чувство на пулсирање на едната страна од главата, а исто така може да биде поврзано со повраќање или гадење, екстремна чувствителност на силна светлина или гласни звуци. Детето можеби нема да ја опише мигрената според карактеристиките што се појавуваат во учебникот. Може само да каже дека е многу уморно, дека го боли главата и често не може да го вербализира тоа што се случува“, вели Кан.

Д-р Џулијана Вандер Плајм, вонреден професор по неврологија на клиниката „Мајо“, која опширно ги истражувала детските мигрени, вели дека постојат разлики и сличности, но дури и кај децата може да има некои очигледни знаци дека тоа не е само главоболка.

„Како кај возрасните, така и кај децата и адолесцентите мигрената често е со умерен до тежок интензитет, има пулсирачки карактер и може да се влоши со физичка активност“, вели таа. „Децата може да имаат поголема веројатност да имаат главоболки на двете страни на главата во споредба со возрасните, чии мигрени често се еднострани. Децата и адолесцентите може да имаат пократки мигренски напади кои траат само неколку часа, додека нападите на возрасните обично траат повеќе од четири часа“.

Како се дијагностицира мигрената кај децата?

„За возрасните да бидат дијагностицирани со мигрена, тие мора да пријават чувствителност на светлина и звук и/или гадење или повраќање. Но, кај децата, имајќи предвид дека можеби не можат да ја опишат чувствителноста на светлина и звук, таа може да се препознае врз основа на нивното однесување“, вели Вандер Плајм. На пример, дали избегнуваат простори и активности со силни светла и звуци? Дали одат да се одморат почесто?

Иако мигрените не се секогаш тешки, тие можат да бидат исто толку исцрпувачки за децата како и за возрасните. Како што вели Вандер Плујм: „Мигрената може да предизвика значителна попреченост кај децата и адолесцентите. Може да влијае врз социјалните и семејните односи и да доведе до отсуства од часови или други активности“.

Зошто некои деца добиваат мигрена?

Не постои единствен одговор. Но, Вандер Плујм вели: „Мигрената е невролошка болест за која веруваме дека има генетска основа, а нејзиното манифестирање зависи од факторите на околината“.

Извор



912

X