Како и многу вработени родители, месеците пред раѓањето на моето дете ги поминав во агонија за тоа што да правам во врска со грижата за него. Немаше сомнеж ниту во мислите ниту на мојата банкарска сметка дека ќе морам да се вратам на работа кога ќе ми заврши породилното отсуство, по само 7 кратки недели (во САД толку трае породилното отсуство за жените). Но, сè уште сум загрижена за згрижување на детето каде што тоа ќе се чувствува безбедно и сакано, а истовремено ќе му бидат покажани нежност и внимание, бидејќи детето мора да расте и да учи.

Откако се роди, се трудевме да најдеме дадилка. Кога имаше помалку од 2 месеца, го оставив со солзи во очите да го помине првиот ден без мене. Во следните неколку години мојот син ги постигна сите свои клучни моменти во детството – лазење, одење и зборување – под љубезното и внимателно око на неговата сакана дадилка. Кога имаше 2 години, пристигна неговиот брат, а тој почна да посетува установа за деца од претшколска возраст. Оттогаш деновите на мојот син во градинка му беа исполнети со забава и учење. Создаде нови пријателства и почна да разбира дека другите деца и семејства живеат различно од нас. Сега, кога има 4 години, моето момче е полно со прашања. Една вечер син ми сподели нешто што го научил дента, а му изгледаше фасцинантно и неверојатно.

„Мамо, дали знаеш дека некои мајки седат дома по цел ден со своите деца? Немаат канцеларија или работна облека или состаноци, а играат со своите бебиња откако ќе се разбудат, па сè додека не одат на спиење“. Ме гледаше в очи, очекувајќи да му го потврдам неговото откритие – дека постојат и мајки што не работат. „Да, го знам тоа, сине“, реков со неутрален тон, изненадена од тагата што се создаде кај него поради откритието. „Каде слушна за овие мајки?“ Тој ми објасни дека учителка во училиштето била бремена и дека ќе престанела да доаѓа во училиштето за да остане дома и да се грижи за своето дете откако ќе го роди. „Таа рече дека одгледувањето бебиња е најважната работа на светот“, ми рече синот. Леле.

Веќе 5 години сум вработена мајка и во овој период добивав секакви комплименти за тоа како успевам да „се справам“, како и за „отпорноста“ на мојот син. Ми било кажано и од непознати во продавници, мајки во онлајн-групи и дури и од други вработени мајки дека на моите синови ќе им биде подобро ако бидам дома наместо да работам секој ден. Овие коментари ме фрустрираа (зошто жените сè уште се сметаат за примарните родители што укажуваат грижа) и ме лутеа (бидејќи другото лице претпоставува дека знае што е најдобро за мене и моето семејство). Сфаќањето на мојот син и прашањето: „Ако другите мајки седат дома со своите деца, зошто и ти не остануваш со нас?“ ме растажија. Додека внимателно размислував како да му одговорам на синот, низ глава ми прелетаа идеи кои имав чувство дека треба да ги пренесам: дека жените и мажите се еднакво квалификувани да се грижат за децата и да се вработени, дека луѓето работат од различни причини, дека никој нема право да му суди на друго семејство и неговите одлуки и дека иако ги сакам моите синови со толкава длабочина која не знаев дека е можна пред да станам родител, никогаш нема да изберам да бидам невработена мајка.

Размислив и за осудувачките мисли кои знаев дека не треба да ги пренесам иако ми прелетале низ умот: дека вработените мајки го прават истото што го прават и невработените и дополнително одат на работа, дека изборот да се седи дома е залудно трошење на времето поминато на образование и дека избегнувањето на кариерата за цел ден да се грижите за децата не е од корист ниту за самите жени ниту за децата, кои ја губат шансата да ги видат своите мајки како се развиваат и опстојуваат во различни средини.

Додека растев, ретко некоја мајка беше невработена и седеше дома. Жените во мојот живот поминуваа денови на работа, додека јас моето време го поминував на училиште. Бидејќи не знам за различно, да бидам домаќинка за мене никогаш не беше опција. Ме изненади што и покрај мојата страст за работата, кога го донесов мојот син дома од болница, веднаш им завидував на мајките-домаќинки за кои не знаев ништо. Мислев дека не сум блиска со никоја таква жена која избрала да седи дома со децата, па често ги набљудував мајките од децата со кои мојот син одеше на музички часови во саботите. Како што зборував со овие жени кои седат дома, се прашував каков би бил животот кога и јас би ја избрала таа опција. Бев љубоморна што тие имаат можност да останат в кревет со своето болно дете, да го тешат и да се грижат за него во тие моменти.

Мојот син, кој уште е мал, не познава невработени мајки. Јас работам, моите сестри и мајка ми работат. Мајките на пријателите на син ми работат исто така. Знаев дека не смеам да дозволам негативна замисла за жените што одлучиле да седат дома од различни причини во умот на син ми. „Грижата за децата е многу важна работа“, му реков, „и се чувствувам толку среќна што можам да ве одгледувам тебе и твојот брат. Во нашето семејство, ние веруваме дека мајките и татковците треба да работат напорно и дома и на работните места. Веруваме и дека испраќањето на детето во градинка е важен дел од одгледувањето деца“. Мојот син потврдуваше со главата. „Но, нема да биде забавно ако сме постојано заедно?“, праша. „Би било убаво, сине. Навистина би било“. Му реков.

Навистина верувам во тоа. Сигурна сум дека ако бев домаќинка, ќе се забавував со децата. Но, знам и дека ќе пропуштев многу од она што сметам дека е вредно, а и моите синови ќе пропуштеа работи кои сметам дека се вредни во нивното детство. Тоа е поентата во мајчинството и животот воопшто: Кога правите еден избор, заборавате на многу други избори. Не знам родители (и вработени и невработени) кои не посакале истовремено и повеќе време со децата и повеќе време за себе, како и повеќе време за да ги следат своите индивидуални страсти, а и време за да му читаат приказна на своето малечко.

Како што мојот син продолжи да ја јаде својата вечера, продолжи да зборува. Пред да имам шанса да му кажам  зошто работам, а зошто други мајки не, тој се префрли на друга тема – играње со другарите, градење кутии во работилницата на училиште и прашуваше дали имаме време да возиме велосипед пред спиење. Ја завршивме вечерата, отидовме на семејно возење велосипеди, а потоа напишавме и писмо за неговиот братучед пред да одиме на спиење. Кога сонцето почна да заоѓа, го облеков син ми во пижами, му раскажав неколку приказни и го бакнав нежно во челото додека тој полека заспиваше. Следното утро, како и секогаш, се разбудив, се подготвив и отидов на работа.

Автор: Џулија Пели

Извор



912

X