Воспитување

Мојот син гласно јаде и тоа многу ме вознемирува

Мајчинството е тешка работа. Треба да ги сакате своите деца без разлика на сè и јас навистина ги сакам. Но, понекогаш прават работи што ме фрустрираат. Тоа е очекувано, па јас како мајка се предизвикувам себеси да се издигнам над тие фрустрации, да ја свртам ситуацијата и да ја претворам во лекција. Но, има една работа што буквално ми го повредува мозокот и ме тера да посакам да удрам во ѕид, а тоа е звукот на едно од моите три деца додека голта и џвака при пиење и при јадење. Да, имам гласен јадач дома.

Само што го пишувам ова ми предизвикува мачнина. Гласен јадач. Тоа се нарекува мисофонија – некои луѓе се исклучително чувствителни на специфични звуци кои поттикнуваат лутина или мачнина кога ги слушаат. За мене, тоа е и слушањето на моето куче додека пие вода или кога моето дете јаде. Знам дека звучи лудо. И знам дека тоа звучи како да сум ужасна мајка. Но, поентата е дека оваа состојба е добро утврдено нарушување во мозокот и е навистина реално. Мисофонијата погодува 15 отсто од возрасните Американци, или 1 на 6,5. Почесто се јавува кај жени отколку кај мажи, а знаците за мисофонија често се покажуваат кај деца на возраст од 9 години. Како резултат на ова бизарно нарушување, не можам да имам тивок дом. И додека некои од вас можеби се смеат на тоа, бидејќи ајде да сме реални – кога домот е тивок додека децата се околу? За време на ужините и оброците морам да се осигурам да има музика или телевизорот да е вклучен за да си помогнам при слушањето на звукот од јадење или пиење на моето дете. Синот знае дека тоа ми пречи и тоа му даде чувство на моќ. На 6 години, тој разбираше дека ако ми е лут, тогаш може да го повреди мојот ум намерно со тоа што ќе прави звуци околу мене. И тоа и го правеше. Децата треба да ги тестираат границите, но оваа конкретна граница е надвор од линијата на прифатливото и е веќе блиску до сурова.

Сме имале семејни разговори за емпатија и сочувство. Сме зборувале да не удираме, да не навредуваме, а и да не јадеме блиску до мама. За мојот син, кој ме гледа некогаш дека во паника се движам низ собата поради звукот, тоа е нешто забавно. „Еве што можам да ѝ направам на мама!“ Нашиот моментален семеен предизвик е да го натераме да разбере дека користењето на туѓата слабост против нив е форма на булинг. Дали би им го правел тоа на своите пријатели – го прашуваме. Дали тоа би ѝ го правел на учителката? А неговиот одговор секогаш е НЕ.

Како мајка, чувствувам срам што моето дете прави нешто кое буквално ми предизвикува мачнина и лутина. Шегите за мисофонија може да се смешни и јас ја ценам апсурдноста на состојбата, но исто така се чувствувам како поразена во мајчинството поради сето тоа. Неодамна откривме дека нашето најстаро дете почна да развива слични експресии од тоа нарушување. Не може да слуша специфични звуци без да почувствува силна вознемиреност. Не е сам, секако. Двајца од неговите роднини исто така развија мисофонија и заедно се смеат и прават шеги за тоа колку е чудно тоа нарушување. И додека мене ми е драго што може да се поврзуваат на основа на таа чудна состојба, сепак, срцето ми се крши бидејќи животот со мисофонија некогаш може да биде вистински неправеден товар.

А што се однесува до моето дете што голта и џвака, тој веќе учи да има поголема почит кон мене во таа смисла. А јас учам стратегии за справување со ужасните звуци за да можам да уживам во заеднички оброк со моето семејство без да морам да трчам во соседната соба кога моето дете ќе посегне по чашата со млеко.

Автор: Сара Котрел

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top