Воспитување

Мојата пријателка не е иста откако станав мајка. Но…

„Пред да тргнете да ја барате среќата, проверете. Можеби веќе сте среќни. Среќата е мала, обична и незабележителна и многумина не умеат да ја видат“ – Душан Радовиќ

Се најдовме за да прошетаме. Знаев дека ќе ме осудува за моите избори. Уште кога забременив таа ги испитуваше моите одлуки. „Дали си среќна?“, ме праша еднаш. Тогаш поминував низ пекол. Го знаеше тоа. Не знаев како да одговорам на тоа прашање. На што мисли?

Не верувам во среќа. Ја гледам како чувство кое доаѓа и поминува, помеѓу сите други емоции: изненадување, тага, љубомора итн. Верувам во среќна смиреност – чувство на задоволство бидејќи работите генерално се во ред. Место до кое многу тешко се пристигнува.

Конечно стигнав до тоа. Нема стрес, сите се здрави (вклучувајќи ги и моите родители), децата веќе не ме изморуваат многу, имаме доволно пари, работам на некои интересни проекти. Многу работи ми паднаа од грб. Така што, се најдовме – таа во нејзините кожени чизми, со нова фризура, јас со косата во опавче, со растегнат џемпер и зимски чевли кои не пропуштаат вода. Додека одевме, ѝ се доверив дека сум позадоволна од кога било. Мораше сè да провери: „Зошто тој не ти помага со децата?“ Но, помага.

„Зошто не зема слободни денови кога децата се болни? Зошто не најдеш работа надвор од дома, па да видиш дали ти одговара? Зошто размислуваш за училиште за своите деца? Која е поентата на образованието? Зошто луѓето размислуваат за среќата на своите деца? Па, што ако децата не излегуваат надвор? Зошто треба да ги учиш своите деца да играат со сите? Твојата учителка тебе те учела истото? Во кое училиште си одела?“

Во ова покрај кое поминуваме.

„Зошто не патувате? Виена не е интересна. Јас одам во Неапол. Картата за Колумбија е 600 долари. Зошто не одите таму? Мојата колешка има четири деца и тие постојано патуваат…“

„Па, нека патуваат“, мирно реков.

Им немаше крај на прашањата. Имаше претпоставки, заклучоци и сомнежи. Понекогаш изгледаше како да сум кај инспектор. Беше бесмислено да ја убедувам дека нешто погрешно разбрала. Ја познавам. Се дружиме повеќе од 20 години. Сме виделе што е слепа заљубеност, љубовни разочарувања и морални дилеми. Многу добро се познаваме. Таа е кралица на забавата. Но, последните неколку години ме осудува пријателката која изгледа дека има сè што сака. Не верувам дека е очајна. Од нејзина гледна точка, работите не се совршени, но и двете сме виделе полошо. Не можам да се сетам кога рекла: „Среќна сум за тебе“. Мојот живот не е доволно добар. Ја иритира. Таа е премногу кул за мене, женичка.

Го користеше тој израз и порано, кога зборуваше за девојките од своите друштва. Фини, здодевни девојки наоѓале момче, а силните жени останувале со празни раце. Оние што не се материјал за мажење треба да се презираат. Ја погледнав в очи. И понатаму се преубави, со тиркизна боја. Но, порите на нејзиното лице ми изгледаа поголеми. Околу нив имаше брчки од смеење и линии длабоко врежани во нејзиното чело. Ноќите без сон поминати во пиење на „фенси“ места полни со чад од цигари си го наплатиле данокот. На крајот на краиштата, имаме по 40 години. И јас имам многу брчки околу очите. Едно утро, по 18 месеци откако се породив, видов во огледало 7 години постара верзија од себеси. Новата улога беше напорна: слуга – забавувач – полицаец 24 часа дневно. Само касиерките и случајните поминувачи сега помислуваат дека сум помлада – порано не беше така.

Родителството ме промени на незамислив начин. Моето тело, рутини, кариера, убава облека и излегување од комфор-зоната исчезнаа. Го изгубив вниманието на мажите, ги пронајдов трпението и одлучноста.

Никогаш не сакав да се променам, но навистина морав. Заробен си во домот, одгледувајќи пар млади цицачи од човечкиот вид. Додека си внатре, се менуваат најпопуларните клубови, а и модата исто така. Не ги знаеш најновите трачеви. Чувствував дека сум заглупавена додека не сфатив дека не можеш да се бориш против текот на природата.

Оваа жена-светски човек има толку силна желба да докаже дека мојот начин на живот е погрешен. Таа никогаш не би се задоволила со живот без голема кариера, многу пари, лудо заљубување и забава. Таа го презира сето она што јас станав. Омразата кон мајките на малите фудбалери, така велат Американците.

За неа, среќа е тоа што може да ја донесува секоја поединечна одлука, а да не мисли на никој друг. За мене, тоа е симбиоза од моите желби и она што му е потребно на семејството. Никогаш порано не сум била домаќинка. Менував компании и професии повеќе од 10 години. Потоа одлучив да имам семејство. Сега тука го вложувам мојот труд. Но, да се биде мајка и домаќинка не е доволно. Ако имате доволно емпатија, а немате дополнителен пар раце, ве кочат детските болести, домашните обврски. Потребни се години за да се приспособите на константното барање внимание, плачот и туѓите потреби, додека не сфатите дека сте станале некој друг. Нема друг начин, па избирате тоа да го прифатите.

Децата се несмасни мали суштества. Истураат сè и кршат, се качуваат на радијаторот, се смеат неодоливо. Морате многу често да им ги бришете задниците, да чистите, да дисциплинирате, да убедувате, да прегрнувате и да тешите. Ова не е најдобриот начин да се помине денот. Нивните желби наспроти вашата досада.

Но, заедно правиме пити. Јас варам пилешка супа, а тие сечкаат една тетратка на мали парчиња. Тие имаат проблеми со врсниците, а мене ми се крши срцето. Поминуваат ноќ кај баба им и ми трчаат во прегратка кога ќе ме видат следното утро. Тие се моето тежиште. А потребна ви е работа. За да останете ментално вклучени. Жените се дават во комфорната зона од сопствените домови. Ги губат самодовербата и енергијата. Но, нема да се задоволам со каква било работа. Ниту со трчањето дома по работа во извини-ама-немам-време-за-тоа.

Мајка ми ми беше премногу потребна кога бев мала. Брзо ќе ги завршеше домашните обврски и потоа одеше на работа, беше продавачка во голема продавница. Работа која те учи на толеранција и „зен“. Навечер средуваше низ дома и нè заспиваше. Никогаш немаше време за себе.

Иако работам многу невидливи домашни работи за кои не сум платена, сепак, сум посмирена и позадоволна од кога било. Секогаш се радувам кога треба да ги пружам алиштата на сонце. Тоа е мојот „зен“. Кариерата од 9 до 17 ја гледам како начин да заработам доволно пари. За мојата кул-другарка, парите претставуваат статус – престиж, козметички салони, патувања, гардероба и клубови. Отсекогаш се воодушевував на нејзината издржливост за работа под притисок. Почна како келнерка на плажа и дојде до позиција менаџер во банка.

Јас секогаш сакав семејство. Таа копнееше по срцекршач, а потоа се задоволи со некој просечен лик. Нејзина среќа се врските за една вечер, флерт, возбуда, драма и страдање. И мене нејзините избори ми се во ред. Тоа е нејзината среќа.

Но, веќе не ми е во ред да не можам да ја видам во петок или сабота бидејќи тие вечери се резервирани за пријателите што сакаат забава. Јас сум само некој со кој се убива време во вторник навечер. Мајка која не е кул зашто нема активен социјален живот. Бескорисна жена за презир. Така што, веќе не се среќаваме толку често. Таа гледа на родителството како на крај на добриот живот. Ниту го разбира ниту го сака. Ме гледа како селска учителка бидејќи семејството ми е на прво место. Јас сум здодевна бидејќи во нејзините очи сум само господарка на куќа.

Никогаш не би го избрала нејзиниот начин на живот, но исто така никогаш и не би го осудувала. Таа е среќна на тој начин? Во ред.

Но, ако не сака да го прифати мојот вид среќа, време е да се гледаме уште поретко. Нејзин избор.

Автор: Марија Милојковиќ, поранешна учителка, преведувачка

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top