Прерасна во премногу вообичаена глетка во последните неколку месеци: мојот 9-годишен син седи пред собата на ќерка ми (сестра му) и игра на неговиот „ајпад“. Кога ќе го прашам што прави, одговорот е ист – чека. Чека сестра му да заврши на „Фејстајм“ со пријателите бидејќи му ветила дека ќе игра го него. Му нудам да дојде да се дружи со мене наместо да седи сам на подот, но тој не сака. Вели дека му е добро, чека да игра со сестра му, која има речиси 11 години.

Знаев дека овој ден ќе дојде, дека таа ќе биде голема за да реди лего-коцки со брат ѝ и да игра со барбики и суперхерои. Знаев дека еден ден нејзините пријатели и приватноста на нејзината соба ќе бидат приоритет. Знаев дека син ми ќе биде оставен зад сето тоа, сè уште во светот на лего-коцки и фигури на суперхерои додека не дојде и тој до адолесценцијата. Но, не знаев колку сето тоа ќе ми го скрши срцето – да го гледам како си го губи другарот за игра.

Моите деца се блиски и во возраст и емоционално. Поминале низ трауми заедно низ кои повеќето деца не поминале – прво, дијагнозата за рак кај нивниот татко, потоа неговата смрт и сега обидот на мајка им да биде самохран родител за време на пандемија. Но, сега таа заминува во свет каде што брат ѝ нема пристап, а можам да кажам дека е изгубен без неа, не знае како да игра самиот, а не е ниту сигурен дали сака да си игра самиот. Па преговара – ѝ вели дека ако ја остави насамо 10 минути, таа подоцна треба да дојде да игра со него. Ако гледа шоу кое нејзе ѝ се допаѓа, следниот пат треба да се вратат на играта која ја започнал пред неколку недели. Дури се бори да ужива во работите во кои таа ужива само за да ја задржи до себе.

Никогаш нема да го признае тоа, се разбира. Ако го прашате, ќе ви каже дека сестра му го нервира и дека не му е гајле што прави таа. Да бидеме јасни, односите помеѓу нив не се сјајни. Тие се расправаат – многу. Понекогаш и по цел ден. Тој ја вади од такт, а таа знае точно како да го испровоцира. Но, и покрај тоа тој седи пред нејзината соба и чека таа да игра со него. Некогаш доаѓа и кај мене за да добие помош и да ја извадиме сестра му од собата.

Иако знам дека е сосема соодветно за девојче на нејзина возраст да сака да се допишува со пријателите и да игра онлајн-игри со нив, не можам а да не го поддржам син ми во овој случај. Си велам дека играта со улоги и преправање е добра за нејзиниот развој и дека гледањето во екраните долго време не е добро. Не сум подготвена да се откажам од помислата дека сè уште може и таа да се забавува со креативни детски игри. Сакам и кај неа да го зачувам детето колку што може подолго.

Таа не се жали многу. Всушност, се согласува да игра со нејзиниот брат бидејќи има добро срце и знае дека кога тој е зафатен со неа, јас можам да ги завршам своите обврски. Што значи повеќе тоа го прави за да ми помогне мене отколку таа да се забавува како дете. А тоа ми зборува и за нејзината зрелост. Можеме да ја извадиме од собата со преговарања и барања бидејќи не треба многу да седи пред екраните, но вистината е дека таа расте и кога се согласува да игра. А мојот син мора да ја пушти, дури иако му недостига нејзината детска верзија. Бидејќи, вистината е дека и нејзината верзија на „големо дете“ е навистина одлична.

Што се однесува до односите помеѓу браќата и сестрите, знам со мајчина интуиција дека тоа ќе биде однос кој ќе трае цел живот. Но, сега се менува и не можам ништо да направам, освен само да го гледам како седи пред собата од сестра си, а кога таа за момент ќе излезе, тој добива чувство дека си го добил другарчето за играње назад. Се препуштам на моето чекање на денот кога и двајцата скриени зад вратите ќе градат светови од коцки и кога нема да им бидам многу потребна – тоа ќе биде различно кршење на срцето, различно нормално кое е неизбежно, но не помалку исполнето со тага по поминатите денови.

Ова е природниот тек на нештата. Иако секогаш ќе ми недостигаат верзиите на „мали деца“ од нив, едвај чекам да видам што е следно.

Автор: Илејн Рот

Извор



912

X